Катастрофални последици од коронавирусот врз стопанството: Економијата се бори за здив

epa08303332 Shoppers pass empty shelves of Auchan hypermarket in Moscow, Russia, 18 March 2020. People stock up on essential household needs mostly grocery and toilet papers amid coronavirus outbreak panic. Russia has recorded 114 cases of the Coronavirus SARS-CoV-2 which causes the Covid-19 disease. EPA-EFE/SERGEI CHIRIKOV

Некои фирми поради мерките се затворени, други не добиваат нарачки, трети не можат да набават репроматеријали, а на сите им оди тешко наплатата.

Македонската економија веќе трпи огромни последици од коронавирусот и дури и со најавеното задолжување од 600 милиони евра од странство, и со стотина милиони евра од Европската Унија, последиците може да бидат речиси катастрофални, а закрепнувањето секако ќе зависи од должината на оваа општествена, здравствена и економска агонија, како и од тоа колку во меѓувреме е направено за одржување на стопанството во живот.

Оваа економска криза се разликува од која било претходно. Таа не е предизвикана од економска причина, сосема е поинаква од големата светска криза во 2008 година, која беше предизвикана од инвестициските банки, или пак, онаа од кризата на потрошувачката што резултирала со Големата депресија во 1929 година. Оваа криза е предизвикана од вирус, кој ги остави луѓето дома, ги затвори производствените погони, ги спушти границите, вештачки го парализира сообраќајот…

Речиси и да нема индустриска гранка во Македонија која не е погодена. Владата како најпогодени сектори ги детектира туризмот со околу 31.000 вработен во хотелите, угостителството со околу 29.000 вработени во ресторани и кафулиња и транспортот и складирање со речиси 40.000 вработени.

Но, покрај овие сектори, загрозени се и речиси сите други дејности. Продавниците, освен оние за храна, делумно се под клуч, а оние што работат, речиси и да немаат промет. Преработувачките капацитети, освен оние за храна што немаат проблеми со увозни суровини, исто така одвај составуваат ден со ден. Целата текстилна индустрија со сите свои 30.000 вработени ги шие последните парчиња облека за странство, а договорите што сега се склучуваат за наредната сезона, воопшто не се склучуваат.

Фирмите мора да останат живи

Стопанствениците велат дека единствен спас е што побрзо да заврши здравствената криза за да може економијата да почне да излегува од тунелот во кој влезе.

Но, како што вели претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, сега никој не знае до кога ќе трае кризата и неопходна е помош од Владата за да се зачуваат работните места и за да не се доведат компаниите до банкрот.

– Едни фирми поради мерките се затворени, други не добиваат нарачки, а трети не можат да набават репроматеријали. Но, сега се јавува уште еден проблем, а тоа и тие што работат, не може да го наплатат сработеното. Текстилните компании што работат лон-производство веќе имаат проблеми со наплатата, и тоа од странските партнери. Допрва ќе се соочиме со штетите од намалената куповна моќ на населението, но и со стравот од купување во услови на неизвесност, и веројатно таква ќе биде ситуација до крајот на годината – вели Димитров.

Според него, преку владините мерки сега е најважно фирмите да се одржат во живот.

– Фирмите не може да постојат со декрет. Што ако е забранет стечајот со одлука на Влада. Ако фирмата не може да работи, ако нема како да плаќа долгови, таа фактички оди во банкрот, независно од тоа што стечајот е одложен. Кога ќе помине сето ова, многу е полесно да продолжи со работа некоја компанија која е економски исцрпена, отколку таа да биде затворена, па потоа пак да се отвори. Нејзиното покревање  е многу тешко – вели Димитров.

И  бизнисменот и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека економијата сега треба да ја одржиме жива, па после кризата да ја лекуваме.

– Економијата ќе биде повредена, но мора да ја одржиме жива за да може потоа да закрепне и да се лекува, бидејќи ако компаниите умрат, да речеме фигуративно, потоа нема никаков лек на таквата состојба – рече Анѓушев за ТВ 21.

Мора да се позајмат што повеќе пари, но дали ќе се најдат?

Клучно прашање во овој момент е од каде да се најдат пари за да се одржат фирмите во живот. Полнењето на Буџетот е катастрофално. Според лидерот на СДСМ, во касата се прибрани само 40 отсто од планираните средства. И неговиот довчерашен вицепремиер Анѓушев проценува дека во државната каса, која е планирана на 3,7 милијарди евра, ќе недостасуваат 2 милијарди евра.

– Излезот од ваквата состојба е што побрзо државата, како и сите држави во светот, да земе кредити – смета Анѓушев.

Но, малку разочарувачки делува изјавата на Заев дека на пазарот на капитал веќе тешко се наоѓаат пари, а проблем е и нивната цена.

– Потребни ќе ни бидат 1,2 милијарди евра, ние баравме 1 милијарда евра, но најдовме 600 милиони евра. Сите големи држави веќе ги земаа парите и сега веќе снемува поволни кредити – рече Заев во интервјуто за Слободна ТВ.

Министерката Нина Ангеловска во неделата најави дека од странски банки ќе се побараат 400 милиони евра заем што треба да послужат до земањето на еврообврзница и тие пари веднаш со еврообврзницата би се вратиле. Таа најави и заем од 87 милиони евра од ММФ и заем од 100 милиони евра од Светска банка. Но, до денеска не соопшти дека овие заеми се реализирани.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека за спас на економијата, сега се потребни 1,2 милијарди евра и предлага покрај оние 600 милиони евра што Владата веќе почна да ги бара, да се обезбедат уште 600 милиони евра, така што државата еден дел ќе позајми од домашните банки, а друг дел ќе обезбеди со префрлање на парите од вториот пензиски столб во државниот пензиски столб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот