Кампањата без пиштење и вриштење на гласачите

Јули 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Кампањата завршува за три дена и според досегашниот впечаток, гласачите, особено оние што се вработени во администрацијата, не трпат притисоци поврзани со изборниот процес. Изостануваат прес-конференции на кои опозициската партија ја обвинува власта за злоупотреби, толку карактеристични до пред само два изборни циклуса, на кои слушавме за изготвени списоци со загарантирани гласови, за уцени за добивање или задржување работно место, наредби за присуство на предизборен митинг, поткуп на гласачи итн.

Како исчезнаа „вриштењата и пиштењата“ на граѓаните, режираните сообраќајки, техничките прегледи на автобусите со опозиционери, ендеците, заканите со боксови, убиства, со влечење за уши… иако некои од авторите на овие сценарија се во трка за власт и на овие избори?

Според комуниколозите, политичката култура се подобрува, а доказ за тоа е и што лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се согласија дека повеќе не е потребно на 100 дена пред парламентарните избори да се формира техничка влада, која според Пржинскиот договор од 2015 година се формира токму за да се спречи дотогашната злоупотреба на власта и на извршните функции.

Сепак, иако нема видливи обвинувања за притисок врз гласачите и партиите во оваа кампања притисокот го вршат едни врз други со објавување „бомби“, аналитичарите се внимателни во оценките, затоа што ако паралелно се води и невидлива кампања, ефектите ќе ги видиме по 15 јули.

Приоритет се безбедни избори

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека како поединци не можеме во овој момент да знаеме дали има притисок врз гласачите или нема, но според општиот впечаток, овие избори се порелаксирани во тој поглед.

– Ќе видиме на крајот каква ќе биде оценката. Уште пред изборите и власта и опозицијата излегоа со предупредувања дека сите закани врз гласачите и други постапки против изборниот процес најостро ќе се санкционираат, а Министерството за внатрешни работи и Министерството за администрација ги повикаа сите граѓани да ги пријават ваквите случаи. Во моментов МВР го води партијата што е во опозиција, поделени се клучните институции за изборите и тоа исто така е еден вид гарант дека нема да има закани врз гласачите и загрозување на нивното избирачко право. Добро ќе беше можеби и со заедничка прес-конференција партиите да истакнат дека сите вакви злоупотреби, поткупи и слично, повеќе одат на штета на демократијата отколку што значат поволност за партијата што ги добива гласовите. Се чувствува напредок, но ќе повторам, не знаеме со сигурност што сѐ се случува во заднина. Најдобар показател е што Заев и Мицкоски се согласија дека од следните избори нема да биде потребно да се формира пржинска влада, а таквиот модел на влада беше смислен токму за да нема злоупотреби на институциите – вели Кордалов.

Според него, клучно прашање на овие избори е граѓаните да се охрабруваат да излезат да гласаат, уверени дека тоа ќе биде безбедно за нивното здравје и со целосна заштита од коронавирусот, кој сега е фокусот.

– На сите партии, и на помалите и на поголемите, им одговара што поголема излезност и таму се троши најмногу од енергијата – вели Кордалов.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев пред три дена повтори дека стратешка определба на МВР е да обезбеди највисоко ниво на безбедност на претстојните избори.

– Нулта толеранција на изборните нерегуларности и на сите видови притисоци и поткуп врз гласачите е дел од таа стратешка определба, на која треба сите заеднички да работиме. Граѓаните треба да бидат сигурни дека овие избори ќе бидат фер и демократски и тоа треба да биде причина тие масовно да излезат и да го исполнат своето гласачко право – вели Чулев.

Извештаите на ОБСЕ преполни со уценети

За притисок врз гласачите на овие избори досега единствено Беса ја обвини ДУИ и тоа преку статус на Фејсбук на генералниот секретар Аријанит Хоџа.

„Гледам дека некои функционери на ДУИ почнаа да вршат притисок врз гласачите со фразата што е веќе позната во овие 18 години: ‘ќе видите вие по изборите’. Апелирам до вработените во јавната администрација, наставниците, професорите, лекарите, невладините организации, сите други на кои може да им се закани ДУИ, воопшто не се плашете затоа што ДУИ ја изгуби својата моќ исто како што ќе ја изгуби власта по 15 јули. Поминаа деновите кога на интелектуалци и на професионалци можеше да им се вршат закани. Со Беса во следната влада, сите ќе се чувствуваат безбедни во дејноста и на своето работното место“, напиша Хоџа пред десетина дена.

Во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР од последните изборни циклуси има забелешки дека гласачите се жртви на разни видови притисоци. Во извештајот за претседателските и за предвремените избори во април 2014 година е наведено дека „периодот на кампањата бил засенет од многубројни и постојани обвинувања што доаѓаа од целата земја во врска со заплашувањето на гласачите и притисокот од државните власти“, а забележани се „голем број веродостојни пријави за притисок да се присуствува на настани во кампања, притисок да не се присуствува на настани на противниците и ветувања за државно вработување или закани во однос на тоа“. Во овој извештај се споменува и дека има „повторени и веродостојни обвинувања дека најголемите политички партии ветуваат или се закануваат дека ќе ги повлечат надоместоците за социјална помош и дека се купуваат гласови во економски загрозените и социјално ранливите групи, особено кај Ромите и етничката турска заедница“.

Во извештајот на ОБСЕ за изборите од 2016 година се наведува дека „постојаните обвинувања за заплашување на гласачите, принуда, за притисок врз државните службеници, купување гласови во ромската заедница и злоупотребата на административните ресурси, негативно влијаеја врз кампањата“. Слични забелешки има и во документот за локалните избори во октомври 2017 година, дека „постојат многу обвинувања за притисок врз гласачите, заплашување и купување гласови од различни партии, притисок врз ранливите групи и закани за реперкусии врз јавните службеници“.

Најпозитивен е извештајот по претседателски избори од 2019 година, во кој не се забележани поголеми прекршувања на денот на изборите, но биле забележани „неколку веродостојни обвинувања за купување гласови“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот