Како во пракса ќе функционира рокот од 10 години за застареност на долгови и ограничена казнена камата?

Пари / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Остануваат во примена законските измени за облигациони односи и за извршување, Уставниот суд информираше дека не поведе постапка за да ги оценува. Законските измени постојат веќе половина година, но во практика многупати не функционираат.

Остануваат во примена законските измени за облигациони односи и за извршување, Уставниот суд информираше дека не поведе постапка за да ги оценува.
Ова значи дека не се прифатија наводите на дури 15 иницијативи со кои се оспорува апсолутната застареност од 10 години според измените на Законот за облигациони односи, како и ограничувањето на износот што може да се плати за казнена камата – така што достасаната казнена камата кога ќе го достигне износот на главнината, престанува да тече, што беше преточено и во измените на Законот за извршување.

Според Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи, кој се објави во „Службен весник“ на 20 јули минатата година, извршната постапка може да се реализира во рок од 10 години од денот на поднесување на Барањето за извршување, по кој рок настапува апсолутна застареност. Пред да се донесат овие измени, како што објасни и правната фела, во рамките на тие 10 години извршителите можеа да преземаат разни дејства, но немаше краен рок кога можеше да се изврши наплатата, па тоа можеше да се изврши и по повеќе децении.

Еден од главните адути на подносителите на иницијативите за уставноста на изменетите одредби беше ретроактивноста, но Уставниот суд одговарајќи зошто не поведува постапка, вели:

„Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност, бидејќи се однесува на постапки што сè уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки што пред влегувањето во сила на законот завршиле.“

Според Уставниот суд, неприфатливо е и тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието предвидело да се ограничи висината на казнената камата, кога ќе го достигне износот на главнината. Меѓу другото, Судот оцени дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите.

„Овој предмет е работен темелно со анализа на уставно-судската пракса и обезбедено е мислење преку Форумот на Венецијанската комисија, што значи прибрани се искуствата на повеќе земји меѓу кои Словенија, Хрватска, Австрија, Босна и Херцеговина, Латвија, Полска, Шведска, Данска итн.“, соопштија од Уставниот суд.

Законските измени се на сила веќе половина година, но некој ги применува, а некој не. Голем дел од судиите и од извршителите се прогласија за ненадлежни. Според досегашните изјави на граѓанските здруженија кои водеа битки за да заживеат законските измени во практика, голем број граѓани поднеле барања за прекин на извршните постапки кај кои се поминати повеќе од 10 години од денот на доставување, но извршителите се изјасниле за ненадлежни за утврдување застареност на долг. Извршителите се повикуваа на регулатива според која застареноста може да ја утврди само суд.

– Ние не сме надлежни за застареноста. За тоа исклучително е надлежен судот. Судот не може да ја земе предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа. Тоа децидно го пишува во член 349 од Законот за облигациони односи. Странките може да се жалат во суд, а има предмети каде во првостепена постапка нивната жалба се одбива, а на Апелационен суд се потврдува. Тоа потврдува дека законот е неприменлив – изјави за „Слободен печат“ Ванчо Марковски, поранешен претседател на Комората на извршители во време кога законските измени отидоа на преиспитување во Уставен суд.

Според дел од пренесените искуства од граѓанските здруженија, откако граѓаните ќе се обрателе на суд по укажување од извршителите, судот одговарал дека не бил надлежен да му наложи на извршителот да презема какви било дејства. Но граѓанските здруженија објавија и дека имало судски одлуки за застареност на долгови, со што должниците го решиле повеќедеценискиот проблем. И од друштвото за наплата на долгови и откуп на побарувања „ЕОС матрикс“ кое главно наплатата ја врши за повеќе банки, изјавија дека за нив оваа работа е асполвирана и тие кога ќе „налетаат“ на побарување што е постаро од 10 години, за нив тоа е застарено побарување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот