Љупчо Поповски

Како повторно да се изгради демократија?

Ако Петер Маѓар успее, Унгарија би можела да понуди модел за тоа како демократиите може да се справат со нелиберализмот без да го жртвуваат владеењето на правото. Тоа изгледа како сизифовска работа.

Спектакуларната победа на Петер Маѓар на изборите во Унгарија и симнувањето од власт на Виктор Орбан по 16 години ја стави неговата земја на почетокот на еден редок процес – демонтирање на авторитарен систем преку демократски средства. Тоа може да биде многу потежок процес отколку самиот проект за соборувањето на Орбан што почна пред две години.

Предноста на Маѓар во значајна мера произлезе од тоа што тој беше дел од универзумот на Фидес, но полето за победа главно му го обезбеди самиот Орбан. Затоа што неговиот модел на нелиберална демократија, финансиран до пред некоја година со парите на ЕУ за крепење на економијата (заедно со екстремната корупција), наеднаш стана истрошен. Тоа не се случи буквално преку ноќ, туку она што почна со пукање на рабовите за време на пандемијата на корона, ги урна скелињата на таа архитектура по бруталната агресија на Русија врз Украина. Владата на Орбан немаше идеја што да прави со економијата. Јавните услуги беа намерно уништени. Инфлацијата е многу повисока во однос на другите земји на ЕУ. Владата во последните години лошо владееше, особено кога европските пари беа замрзнати поради големото назадување во владеењето на правото и претворањето на медиумите во пропагандистички алатки. Главниот проблем на Орбан беше што немаше идеја како да се движи напред. Тој го урна системот, ги расипа работите и не знаеше како да ги поправи и да продолжи. И затоа загуби.

Сега Маѓар треба да ги поправи тие работи што се расипани и да ја врати демократијата на шините. Тоа би бил грандиозен успех за него и за владата на партијата Тиса по 16-те години на целосна окупација на државата од машинеријата на Орбан. Ако успее, Унгарија би можела да понуди модел за тоа како демократиите можат да се справат со нелиберализмот без да го жртвуваат владеењето на правото.

Замрзнати пари

Како би можела да се врати демократијата во земја, која на крајот од комунистичките денови и во првиот период по падот на Берлинскиот ѕид, беше излогот на Централна Европа? Надвор од големата мобилизација дома, на Маѓар ќе му требаат замрзнатите пари од ЕУ. Тој оваа недела беше во Брисел на средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за да може да разбере кога Будимпешта би можела да има пристап до заклучените 17 милијарди евра. Тоа се 10 проценти од годишниот БДП на Унгарија и се клучни за стабилизирање на кревката економија. Ослободувањето на овие пари беше дел од неговата предизборна кампања, а пред да отиде во Брисел во неформална посета порача: „Немаме време за губење“.

Без оглед што разговорите поминале добро, Брисел нема да го олесни патот за испорака на тие средства. Прво Петер Маѓар треба и официјално да стане премиер (тоа треба да се случи по свикувањето на новиот парламент и датумот беше симболично одбран – 9 мај, на Денот на Европа), па потоа дипломати и други експерти да ги почнат преговорите за отклучување на парите.

Важна пречка е тоа што рамката за санкции што Брисел ја изгради во последниве години за да се справи со назадувањето во владеењето на правото, е сложена и не може лесно да се поништи – особено не само врз основа на политички ветувања. И особено не врз основа на ветувања дадени во кампања за избори.

Ова ја става Европската комисија пред дилема: дали да ги држи средствата замрзнати предолго и да ризикува поткопување на проевропските реформатори; дали да ги ослободи премногу брзо и да се соочи со правни предизвици, а воедно да ги поттикне тврдењата дека алатките за владеење на правото се политизираат против нејзините критичари.

Од Европскиот суд на правдата ги нагласуваат ограничувањата, при што еден од неговите генерални адвокати препорача поништување на одлуката на Комисијата од 2023 година за ослободување на 10 милијарди евра за Унгарија, бидејќи реформите сè уште не се завршени. Нема лесен излезен пат за една земја членка да бидат укинати санкциите.

Од 17 милијарди евра што Маѓар бара што побрзо да се ослободат, 10 милијарди доаѓаат од фондот на ЕУ за постпандемиско закрепнување, додека речиси 7 милијарди евра од кохезионите фондови, парите на блокот за регионален развој насочени кон поддршка на посиромашните региони.

Целото внимание е насочено кон фондот за закрепнување, бидејќи се приближува рокот: Унгарија ризикува да ги загуби 10-те милијарди евра ако не ги исполни условите поставени од Комисијата за тој фонд до август. Што значи дека Унгарија има само неколку месеци да ја исполни независноста на судството, заштитните мерки против корупцијата и другите реформи. Околу половина од тие услови веќе се исполнети од владата на Орбан, а сега на Маѓар ќе му треба квалитетен и брз финиш.

Демократска реставрација

Демократското уназадување во Унгарија не се случи преку државни удари или спектакуларни раскинувања. Тоа се случи во текот на една деценија бавна институционална ерозија, документирана од новинарите и во голема мера игнорирана од оние со моќ да одговорат на наводите. Но демократската реставрација не може да се случи без новинарството да ја извршува својата структурна работа. Обновувањето на довербата во фактичкото известување е бавна работа што оди подалеку од законодавството за медиумска реформа. Новинарство стекнува кредибилитет преку точност и се спротивставува на искушението да замени една форма на пристрасност со друга.

Петер Маѓар објави дека прва посета во странство откако ќе стане премиер, ќе му биде на Варшава, каде опозицијата во 2023 година ја победи националистичко-популистичката влада на партијата Право и правда, која владееше осум години. Тој сака да слушне совети од премиерот Доналд Туск како земјата да се врати назад во демократијата. Туск би можело да му ги каже неговите слатко-горчливи искуства.

И покрај тоа што дејствуваше брзо за да ги спречи јавните медиуми да шират пропаганда, да отклучи 137 милијарди евра замрзнати фондови на Европската унија преку реформи за владеење на правото и да го зајакне економскиот раст, владата на Туск се бореше со ниски рејтинзи на одобрување.

Како што пишува Славомир Сјераковски од Германскиот совет за надворешни работи „демократските наследници на крајно десничарските популисти, за жал, се речиси осудени да разочараат, со оглед на големите надежи што ги создадоа нивните победи. Но, незадоволството од владата на Туск главно ги одразува многуте начини на кои ПиС ги искриви и ги претвори во оружје државните институции – проблем со кој се соочува и Маѓар во Унгарија. Во обете земји, системските промени бараат парламентарно супермнозинство, кооперативен претседател и независен уставен суд.

Маѓар успеа да обезбеди уставно мнозинство, ставајќи го во позиција да може да го обнови системот од темел. Но, нелиберализмот е многу повкоренет во Унгарија отколку што беше во Полска. Затоа, процесот на обнова ќе потрае, а очекувањата на гласачите ќе мора да се исполнат порано.

Доналд Туск презеде брзи промени во јавните медиуми, што доведе до критики дека користел методи слични на оние на претходната администрација. Маѓар треба да извлече поука: секоја реформа мора да биде транспарентна.

Ова особено важи за судството, каде што Орбан назначи лојални луѓе на долгорочни мандати. Некои може да поднесат оставка, но други нема. Нивното отстранување со закон би се сметало за политичка чистка и би се користело против новата влада. Поодржлив пристап е да се создаде транспарентен систем за назначување што е во согласност со стандардите на Советот на Европа, претпоставувајќи дека реформата ќе трае со години.

Во многу земји каде општеството е заробено враќањето на стариот правен поредок е речиси сизифовска работа. Едно од прашањата е дали да се оди во обратна насока, но со повторување на стапките на крајната десница. Можеби затоа Туск се обиде да ги намали преголемите очекувања во ЕУ и во европските престолнини од победата на Тиса, велејќи во разговор за „Фајненшел тајмс“ дека Унијата мора да биде „многу трпелива“ со Маѓар. Во истиот разговор Туск истакна дека Унгарија останува поконзервативна од повеќето земји-членки на ЕУ. Затоа би било грешка да се толкува резултатот од изборите како победа на прогресивниот табор над крајната десница. Според неговите зборови, Петер Маѓар „може да разочара некои социјалистички, попрогресивни колеги“.

Но најважното за Маѓар е да не ги разочара Унгарците, кои гласаа како цунами да го отфрлат од власта режимот на Орбан. Тие можеби ќе имаат трпеливост кон него за враќање на демократијата, бидејќи знаат дека гниењето на нивното општество е многу длабоко. Искушението за Тиса и Петер Маѓар е поголемо од Унгарија и оди подалеку од нејзините граници. Тоа може да биде образец како се враќа демократијата во една земја. Ако успее.

(Авторот е новинар и политички аналитичар)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот