Како помина првиот ден по повикот на Путин за делумна мобилизација во Русија?

Русија референдум/ Фото Viktor Antonyuk / Sputnik / Profimedia

Вчера беше првиот ден откако рускиот претседател Владимир Путин ги повика Русите да ѝ се приклучат на војската, за како што рече тој, „одбрана на руската територија“.

До подобните мажи биле доставени писма, наставниците во училиштата биле притиснати да делат повици, а на голем дел од мажите им бил даден еден час за да си ги спакуваат куферите и да заминат кон базите. Жените во солзи ги испратиле нивните сопрузи и синови во руската војна против Украина, пренесува „Гардијан“.

Првиот ден од делумната мобилизација на Русија помина доста емотивно, додава британскиот весник. На улиците низ руските градови продолжија масовните, но и насилни протести против руската мобилизација. Летовите од Русија кон Турција и Србија достигнаа рекордни цени.

Протест Москва/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Војската тропна на вратите во малото село

Една жена од мало село во регионот Бурјатија, во источен Сибир, вели дека осетила дека нешто чудно се случува откако слушнала како уличните кучиња почнале да лаат на полноќ.

Во селото живеат околу 450 луѓе, а на старешината му било наредено да оди од куќа до куќа, повикувајќи ги селаните да се приклучат на руската армија.

Руско село во регионот Бурјатија/ Фото Universal Images Group / DeAgostini / Alamy / Alamy / Profimedia

Следното утро мажите, принудени да се приклучат на војската, се збогувале со своите семејства, а неколку се собрале пред нивните домови, пиејќи во вотка и испраќајќи се со своите најблиски. Жените плајќи ги испратиле мажите кон автобусот кој ги чекал регрутите, раскажува жената за „Гардијан“.

За време на телевизиско интервју во средата, министерот за одбрана на Русија, Сергеи Шојгу рече дека Русија ќе регрутираат 300.000 војници, главно оние со неодамнешно воено искуство. Но, вистинската бројка во наредбата потпишана од Путин е тајна.

Некои сметаат дека таа бројка може да биде многу повисока. Независниот руски весник „Новаја газета“ објави дека извор од претседателската администрација изјавил дека Русија сака да повлече повеќе од 1 милион луѓе во армијата. Тоа известување не е потврдено од други медиуми.

Во Нерјунгри, вториот по големина град во Саха, познат и како Јакутија, се појавија видео снимки на кои се гледаат десетици мажи кои се собрани на фудбалскиот стадион Горњак и се качуваат во автобуси кои се движат кон центрите за регрутирање, додека членовите на семејствата се збогуваат во солзи.

„Тие веќе им дадоа покана на работниците од Колмар и Мечел“ (две големи рударски компании кои работат во регионот), рече активистот кој го објави видеото. „Тие даваа покани цела ноќ“.

Масовни протести во Москва

Во Москва, стотици се собраа да протестираат на улицата Арбат во центарот на градот, откако Путин ја најави мобилизацијата. Полициските службеници, наводно, почнале да им делат повици на оние што ги привеле на протестот.

Меѓу нив бил и Артем Кригер, млад репортер на новинската агенција „Сота Вижн“, кој бил приведен и покрај тоа што бил таму за да известува за протестите.

„Сите мажи, апсолутно сите, добија повик“, рече Кригер за време на интервјуто за ТВ Рајн. Тоа вклучува мажи кои никогаш не служеле во армијата, рече тој, од кои сега се бара да се појават во нивните локални центри за регрутирање.

Протести Москва/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

„Ќе си ја скршам раката или ногата, само да не одам во војната“

Во големите градови, седуммесечната војна на Русија против нејзиниот сосед отсекогаш изгледаше далечна. Но, по обраќањето на Путин, започна паниката и кај нив, пишува Би-Би-Си.

„Тоа беше како научно-фантастичен филм од 1980-тите. Беше малку страшно да бидам искрен со вас“, вели Дмитриј (28), кој работи во Санкт Петербург. Персоналот не можеше да го започне работниот ден, сите го слушаа говорот на Путин.

Дмитриј за британскиот весник раскажува како полицијата тоа утро му тропнала на вратата, повикувајќи го да се приклучи на армијата.

„Не знаев што да направам следно, дали да се качам во следниот авион или да останам уште малку во Русија и да бегам од полицајци на анти-владините протести“ вели тој.

Друг млад Русин, кој живее во Калининград, за Би-Би-Си изјави дека би направил сè што може за да не се приклучи во војната.

„Ќе си ја скршам раката, ногата, ќе одам во затвор, сè би направил само да не одам во војната“ вели тој.

Русите во паника почнаа да ја напуштаат земјата. Границите и аеродромите се полни, што го поставува прашањето колку всушност се реални шансите руската армија да регрутира 300 илјади војници.

ВИДЕО: Километарски колони на руско-грузиската граница, Русите бегаат од воените повици на Путин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот