Јунаци на нашето време

Во нашето општество има граѓани што си ја сакаат државата и секогаш се подготвени да им помогнат на своите сограѓани. Тие треба да служат како пример на сите други како треба да се однесуваме. Она што државата најмалку може да го направи е соодветно да им се оддолжи

Во последните дваесетина години секојдневно сме бомбардирани од вестите во кои политичарите, употребувајќи разни флоскули од типот „бескомпромисна битка“, „отчет за сработеното“ или „отвораме нов фронт“, нѐ информираат, нас граѓаните, за своите идни дејствија и планирани активности, кои главно никогаш нема да ги реализираат. Но, што може да се очекува од провинцијален пи-ар, чиј дострел не е ниту 200 километри. Од друга страна, на маргините на средствата за јавно информирање, може да прочитаме за поединци и групи на граѓани, кои за разлика од нашите политичари, нешто и сработиле, водејќи се, пред сѐ, од својата граѓанска и човечка одговорност. Овој текст им е посветен ним.

Поединец покорисен од држава

И, како што зад секое позитивно или негативно дело стои одреден поединец, така, особено кога станува збор за добрите дела, треба да се истакнат, со име и со презиме оние кои покажале дека индивидуата може да ја замени неспособната држава и да им помага на оние граѓани на кои им треба помош, да покаже дека со личен пример може општеството и средината во која живееме да се направат подобри или, пак, со позитивна мисла да се подобри општиот дух на нацијата.

Ирена Ристиќ и нејзината дружина (Јасмина, Никола, Елена, Умеир, Наташа и Ведат) се јадрото на иницијативата „Не биди ѓубре“. Тие веќе неколку години ни покажуваат како треба да се грижиме за нашата непосредна околина, како да внимаваме на природата и да не ја загадуваме. Со својот личен пример несебично покажуваат дека таму каде државата затаила, а несовесните граѓани ја искористиле таа состојба и своето ѓубре го оставиле таму каде не му е местото, секој простор може да биде чист и да изгледа убаво.

Ако со своите активности успеале да натераат барем мал број наши граѓани да го преиспитаат своето однесување и повеќе да не фрлаат отпад каде ќе стигнат и да внимаваат генерално за животната средина, комуналните претпријатија треба, на тој фон, да ги користат своите вработени не како гласачка машинерија за партијата која ги вработила, туку вработените да си ја заслужат платата што ја земаат со тоа што ќе се грижат за хигиената и чистотата на јавниот простор.

Младиот кавадарчанец Борче Стаменов стои зад иницијативата „Донирај компјутер“. Неговата идеја да собира и да репарира стари компјутери и потоа во исправна состојба да ги донира на оние на кои им се потребни, предизвика голем одзив во јавноста, па граѓани од цела Македонија ги доставуваа своите стари или неисправни компјутери за да му овозможат, откако ќе ги поправи, да ги донира. Тој до сега, на семејствата кои немаат финансиски средства за да купат компјутер има подарено повеќе од 620 компјутери. Она што охрабрува е дека оваа иницијатива зема сѐ поголем замав, а неговата благородна работа најверојатно ќе биде и екранизирана во документарен филм, се разбира во странска продукција.

Денис Јанкуловски познат по прекарот „Космонаутко“, како вработен во Центарот за јавно здравје – Скопје, веќе една година, секојдневно е во домовите на скопјани земајќи брисеви на потенцијалните заболени од ковид-19. Со својот ведар дух и позитивната атмосфера која ја создава околу себе, овој хуман човек, не штедејќи се себеси, покрај тоа што совесно, одговорно и со љубов ја врши својата професија, успева во тие стресни моменти, на пациентот да му влее оптимизам и позитивна енергија, толку потребни во овие тешки пандемични времиња. Понекогаш само еден збор или гест се доволни на луѓето да им го повратат оптимизмот, а кога тоа ќе се мултиплицира со бројот на денови и поминати пациенти се добива навистина завидно количество на позитивна енергија.

Пример за другите

Кога сме веќе кај позитивната енергија, нејзе, како генератор, во последната година во големи количества ја произведуваше дуото Александар Митевски и Драган Спасов Дац. Нивните секојдневни виртуелни настапи во време на полицискиот час и рестрикциите на движење, претставуваа духовна храна за граѓаните. Од „Корона чао“ (која предизвика голем регионален успех со повеќе од четири милиони прегледи на каналот Јутјуб) преку нивните авторски песни, успеваа својата позитивна енергија и дух да ги донесат во секој дом во државава. Ако се имаат предвид предвидувањата дека пост-ковид периодот кај дел од популацијата ќе предизвика одредени психолошки проблеми, може слободно да се каже дека песните на Дац и Александар претставуваат позитивно, превентивно, терапевтско лекување. Нивниот последен проект „Љубовен пасош“, во кој заедно со шармантниот квартет „Дестини“ од Бугарија ја препеаја познатата песна „Јовано, Јованке“, е уште еден доказ дека кога политичарите ќе се најдат во ќор-сокак, граѓаните се тие кои ги рушат ѕидовите и подаваат рака на пријателство и соработка.

Ова се само дел од примерите кои покажуваат дека во нашето општество има граѓани кои си ја сакаат државата и секогаш се подготвени да им помогнат на своите сограѓани. Тие треба да служат како пример на сите други како треба да се однесуваме. Она што државата, најмалку може да го направи, е соодветно да им се оддолжи за нивниот труд и работа за добро на општеството и граѓаните. Па така, овој текст нека биде сфатен и како иницијатива до Претседателот на Републиката, господинот Пендаровски, на овие, а и на сите други неспомнати во овој текст, заслужни поединци и групи на граѓани, да им додели признанија во знак на благодарност за нивното несебично залагање, бидејќи тие се вистинските јунаци на нашето време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот