ЈО итно да отвори истрага за надзорот вреден 22 милиони евра врз Коридорите 8 и 10д, побара Стојаноски

Бојан Стојаноски, претседател на Комисијата за финансирање и буџет
Бојан Стојаноски, претседател на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието / Утрински брифинг

Бојан Стојаноски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство итно да отвори постапка за случајот околу тендерите за изградба на Коридорите 8 и 10д.

Три дена изнесува сомнежи за местење на тендер во висина од 22 милиони евра за надзор врз изградбата на Коридорите 8 и 10д, три дена медиуми изнесуваат информации, а ЈО молчи, и токму затоа е ниска довербата во правосудството, зошто истото има потреба со денови да чека кога станува збор за сомнежи за криминал во власта, истакна Стојаноски.

Според него, има две ситуации што индицираат на нерегуларности при изборот на шпанската фирма ЕПТИСА, а како што вели, само тие се доволни за ЈО да отвори постапка.

Прво, Владата на 30.09.2020 година носи Одлука со која им препорачува на сите институции да не склучуваат договори со ЕПТИСА, затоа што истата работела несоодветно, незаконски и неетички, на железничката пруга Куманово – Бељаковце, една година подоцна Министерството за транспорт и врски носи Потврда со која и издава дозвола ЕПТИСА да може да врши надзор за истите работи за кои веќе еднаш на владина седница е констатирано дека истата работела незаконски, неетички и несоодветно. Второ, власта во тек на јавниот повик за избор на надзор, го менува огласот во два дела, првин го продолжува рокот за поднесување пријави, но и го брише условот само фирми со позитивни биланси од последните 3 години да можат да учествуваат на истиот. Со оваа одлука власта дозволува фирми загубари да се јават и добијат тендер вреден 22 милиони евра. Таква фирма загубар е и ЕПТИСА, која во билансите од 2019, 2020 и 2021 година прикажува милионско загуби, изјави пратеникот.

Поради итноста на постапката, имајќи во предвид дека отпочнувањето на работата на автопатите треба да започне брзо, Стојаноски го повика ЈО да не чека и итно да отвори постапка која ќе го расветли случајот.

Ненавремена реакција на ЈО може да значи штета по државата подоцна во процесот, таа штета ќе оди на вина на ЈО, затоа потребна е итна реакција, апелира тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот