Јирген Клоп повторно во германскиот фудбал: легендата доби нова функција
Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, се враќа во германскиот фудбал – овојпат во сосема нова улога. Тој стана дел од експертската група на Германската фудбалска лига (DFL), која има задача да го зајакне и унапреди германскиот фудбал на сите нивоа.
Препорачано
Клоп (58) ќе соработува со познати имиња како Сами Кедира, Јошен Зауер од Баерн Минхен, и Маркус Кроше од Ајнтрахт Франкфурт, со цел да се создаде стабилен и конкурентен систем во Бундеслигата.
„Убедени сме дека финансиските, правните и спортските рамки мора да бидат поставени така што Бундеслигата и германскиот фудбал ќе останат конкурентни,“ изјави генералниот директор на DFL, Марк Ленц.
Експертската група ќе се фокусира на развојот на младите фудбалери, нивната интеграција во сениорскиот фудбал, како и на подобрување на клубските стандарди и структури. Првите резултати од нивната работа се очекуваат напролет 2026 година.
Во меѓувреме, Клоп ќе продолжи со својата функција во Red Bull групацијата, каде што од јануари 2025 година е Глобален директор за фудбал. Тој го надгледува развојот на клубовите РБ Лајпциг, Њујорк Ред Булс и Париз ФК, фокусирајќи се на младинскиот систем и стратегиите за трансфери.
Иако многумина посакуваат повторно да го видат на тренерската клупа, Клоп вели дека во моментов ужива во заслужената пауза:
„Среќен сум, уживам во животот и времето со семејството. Знам дека повторно ќе работам, но не како тренер – барем засега.“
Клоп остави длабока трага во историјата на Ливерпул – освојувајќи Лигата на шампионите (2019), Премиер лигата (2020) и ФА Купот (2022), пред да се повлече во мај 2024 година, завршувајќи една од најемотивните ери на „Енфилд“.


