Јавноста ѝ се налути на британската министерка Брејврмен, која рече дека мигрантите вршат „инвазија“ на островот

Фото: Profimedia

Британската министерка за внатрешни работи, Суела Брејврмен, предизвика бурни реакции во јавноста откако изјави дека мигрантите кои со чамци го минуваат Ла Манш вршат „инвазија” на јужниот брег на земјата. Брејврмен вчера кажа дека „ илегалната имиграција е надвор од контрола” и дека мигрантите „го напаѓаат јужниот брег”, додека зборуваше за условите во Центар за евидентирање и обработка на молбите на барателите на азил, чиј капацитет може да прими 1.600 луѓе, а во моментот во него имало околу 4.000.

Министерот за имиграција Роберт Џенрик се огради од нејзините зборови.

„Во работа како мојата, треба многу внимателно да се избираат зборовите. Никогаш не би ги демонизирал луѓето кои доаѓаат во оваа земја во потрага по подобар живот“, рече тој.

Премиерот Риши Сунак денеска изјави дека Велика Британија „секогаш ќе биде сочувствителна и земја на добредојдето”, рече неговиот портпарол.

Во Велика Британија постојано се зголемува бројот на баратели на азил кои со чамци се обидуваат да стигнат до островот, а системот за обработка на барањата е забавен поради превирањата во конзервативната влада, која има трет премиер и министер за внатрешни работи за една година.

Поранешниот аеродром Менстон, во југоисточна Англија, треба да биде привремен центар за обработка на молбите за азил, каде барателите на азил ќе поминуваат 24 часа пред да им се одобри подолготрајно сместување.

Меѓутоа, групите за правата на бегалците велат дека некои луѓе таму се заглавени со недели, дека некои семејства спијат во шатори и дека има случаи на разни болести. Критичарите ја обвинуваат Брејврмен за намерно влошување на условите во Менстон и одбивање да резервира хотелски соби за барателите на азил.

Во 2021 година во Велика Британија имаше малку над 48.000 баратели на азил, што е помалку отколку во Германија, Франција или Шпанија, но затоа е зголемен бројот на обиди да се мине Ла Манш со чамци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот