Изложеноста на еден метал може да предизвика повеќе срцеви заболувања отколку пушењето или високиот холестерол

Фото: YAY Media AS / Alamy / Alamy / Profimedia

Труењето со олово има многу поголеми последици за општото здравје, отколку што се мислеше. Најновите истражувања покажуваат дека, тоа може да придонесе за повеќе од пет милиони смртни случаи секоја година, а заканата што ја претставува е голема колку и загаденоста на воздухот.

Студијата, во која се пишува за овој метал исто така, проценува дека изложеноста на токсични метали  го намалува коефициентот на интелигенцијата просечно за шест поени, кај секое дете во земјите во развој, пишува „Саенс алерт“ („Science alert“).

Докажано е дека труењето со олово предизвикува цела низа сериозни здравствени проблеми, особено поврзани со срцевите заболувања и развојот на мозокот кај малите деца. Токму затоа оловниот бензин е забранет во целиот свет.

Сепак, изложеноста на овој моќен невротоксин сè уште е можна и преку храна, почва, садови, ѓубрива, козметика, автомобилски батерии и други извори.

Истражувачите кои ја изработија студијата велат дека таа е прва што ги проценува ефектите од изложеноста на олово врз смртните случаи од срцеви заболувања и губењето на коефициентот на интелигенција кај децата во богатите и земјите во развој.

Главниот автор, Бјорн Ларсен, вели дека тој и неговиот колега останале без зборови, кога првпат ја виделе пресметката врз основа на нивниот модел, бројката била огромна.

Моделот проценува дека во 2019 година, 5,5 милиони возрасни луѓе ширум светот починале од срцеви заболувања, предизвикани од изложеност на олово, а 90 отсто од нив живееле во земји со низок или среден економски статус.

Оваа проценка е дури шест пати поголема од претходната и претставува околу 30 отсто од сите смртни случаи од кардиоваскуларни болести, кои се водечка причина за смртност во светот. Тоа би значело дека изложеноста на олово е поголема причина за срцеви заболувања отколку пушењето или холестеролот.

Истражувањето, исто така, проценува дека децата на возраст под пет години изгубиле вкупно 765 милиони „ај-кју“ поени во 2019 година поради труење со олово, а 95 отсто од овие загуби доаѓаат од земјите во развој.

Во анализата, истражувачите користеле проценки за нивоата на олово во крвта од 183 земји, земени од револуционерната студија за глобално оптоварување на болести во 2019 година.

Претходните студии го мереле влијанието на оловото врз срцевите заболувања само во случаи поврзани со зголемен крвен притисок. Новата студија разгледува многу други начини на кои оловото влијае на срцето, како што е стврднувањето на артериите, што може да доведе до срцев удар.

Сериозната анализа открила дека високо ниво на контаминација со олово има во метални тенџериња и тави, керамички садови, боја, козметика и играчки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот