Изложбата „Доаѓаме со поклон“ на Шејла Камериќ ќе биде отворена во Чифте амам

Во пријателска соработка помеѓу „Крик“ – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, за првпат во Северна Македонија ќе биде претставен проект на Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци.

Изложбата со наслов „Доаѓаме со поклон“ ќе биде отворена на 27 септември, во 19 часот, во објектот Чифте амам при Националната галерија на Северна Македонија, која секогаш го промовира современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ.

Воедно, во рамки на изложбата ќе има ретка можност да се проследи разговор и претставување на Шејла Камериќ, низ кој ќе можат да се слушнат мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Разговорот ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ, но секако, и Камериќ ќе биде отворена за прашања и коментари од посетителите на изложбата.

– „Крик“ – фестивалот за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, со оваа изложба имаат за цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив – истакнува Искра Гешоска од „Крик“.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката академја во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Наталија Пауниќ е кураторка на современа уметност и писателка од Белград, Србија. Дипломирала уметност на Голдсмитс, Универзитетот на Лондон, 2017, откако магистрирала на архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград во 2015. Работи како директор во галеријата „Eugster II Belgrade“, а исто така води и номадски простор за проекти, наречен „Вождовачка галерија“, којашто оперира респонзивно на архитектурата на различни места. Наталија ја интересираат неканонските приоди кон пишувањето, кураторството и архитектурата, како и тоа како критичното мислење, уметност и теорија влијаат врз нашите лични животи.

Бранислав Димитријевиќ е професор по историја и теорија на уметноста на Колеџот за уметност и дизајн во Белград, Србија. Тој предава и пишува на меѓународно ниво за уметноста, филмот и политиката во социјалистичка Југославија, како и за авангардната уметност, современата уметност и изложбените истории.

„Контрапункт“ и „Крик“– фестивал за критичка култура се поддржани од Гете-институт Скопје, Министерство за култура на РСМ, „Allianz Kulturstiftung“, „Креативна Европа“, Фондација „Култура Нова“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот