Изложба на фотографии „50 Нијанси воздух” во еко-автобусите на ЈСП

 Во седум еко-автобуси на ЈСП-Скопје, на линиите 2, 5, 15, 24 и 50, од вчера е поставена изложба „50 нијанси воздух” која ќе трае еден месец, во организација на Шведската амбасада и невладината „Еко-свест”.

Минатиот месец Амбасадата организираше натпревар за аматерски фотографии кои го прикажуваат проблемот со аерозагадувањето, како и можни решенија кои секој поединец може да ги примени за да помогне во подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Како партнер во дел од активностите е и проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје” финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, а го спроведува Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП).

Од 115-те фотографии кои пристигнале од повеќе градови во државата, жирито избра 36 кои се дел од патувачката изложба, а од нив три фотографии беа избрани како победнички на натпреварот.

Наградени беа фотографиите „Намалена видливост” на Фросина Насковиќ, „Овој град е светло сив” на Ангела Петровска и „Бесконечно” на Атанас Бајлозов.

Како што соопшти Шведската амбасада, првата награда е прочистувач на воздух „БлуЕр” и ја обезбедува шведската компанија „БлуЕр” и нивниот застапник за Северна Македонија „Екотип”, втората награда е исто така прочистувач на воздух од „БлуЕр” и ја обезбедува Амбасадата, а третата награда – планинарско ранче, термос, фитнес-маичка, обезбедени од „Еко-свест”.

Изложбата во дигитален формат може да се проследи и на фејсбук-страницата на амбасадата: Embassy of Sweden in Skopje, и на страницата на „Еко-свест”, каде што е креиран посебен албум на фотографии.

Паралелно со патувачката изложба во наредните денови ќе почне и кампања на социјалните медиуми за подигнување на свеста за аерозагадувањето и неговите причинители, како и за можните начини на кои секој поединец може да придонесе кон поздрав и поквалитетен воздух.

Кампањата ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на Амбасадата на Шведска и на инстаграм-профилот на Амбасадата: @SwedenInMK.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот