Изгубените децении на авганистанската војна

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Кога пред една година претседателот Бајден ги повлече своите трупи, веруваше дека талибанците ќе се откажат од суровото владеење во согласност со најстрогите кодови на раниот ислам и дека ќе оневозможат Авганистан повторно да стане терористички рај. Какво промашување!

Помина една година од поразувачкото и хаотично повлекување на Американците од Авганистан, ама се покажува дека најдолгиот оружен конфликт во американската историја заврши исто како што и почна – со грешки и заблуди.

„Војната е завршена“, изјави тогаш претседателот Џозеф Бајден, означувајќи „крај на ерата на големите воени операции со цел да се преобликуваат други земји“.

Катастрофалната американска дваесетгодишна Одисеја почна со колективен шок по ударот на Ал каеда на 11 септември 2001 година. „Дури ни Римската Империја на својот врв не може да се мери со економската, воената и технолошката доминација над светот каква што поседуваа Соединетите Држави“, пишуваше Пол Кенеди, професор по историја од Јејл.

Но, во само неколку драматични часови на тој ден Америка престана да биде триумфален победник на Студената војна и се претвори во ранета суперсила. Во следните 20 години ќе изгубат уште многу. Империите не умираат кога нивните водачи ќе ги кренат рацете. Умираат кога повеќе не се веродостојни.

Авганистанските исламистички пуританисти, талибанците, одбија да го испорачаат Осама бин Ладен, па Џорџ В. Буш набрзо го активираше аморфниот концепт на глобална војна против тероризмот. Американците, а потоа и силите на НАТО, навлегоа во Авганистан.

Неоконзервативците во Вашингтон го дизајнираа походот како врвен израз на светско лидерство и на американската непобедливост, технолошка и морална супериорност. Започната беше војна помеѓу врвното добро и врвното зло. И двете страни така ја толкуваа.

Нема одговорни за поразот

Да, војната е завршена, како што кажа Бајден, придружувајќи им се на Џорџ В. Буш, на Барак Обама и на Доналд Трамп, кои, како него, не успеаја да ги совладаат талибанците. Никој поради тој пораз не беше повикан на одговорност ниту понуди извинување. Страдаше репутацијата на Америка како лидер на слободниот свет. Бинладенизмот го надживеа својот творец.

Инвазијата им нанесе трајни штети на прекуокеанските односи, бидејќи европските сојузници не беа спремни да следат уште една авантура, која за последица имаше експанзија на безбедносните структури на Америка, ограничување на човековите слободи и правото на приватност и нараснувачката глобална свест за ограничувањата, а не за потенцијалите, на американската моќ.

Две фрлени децении. Ниедна воена цел не е остварена за цена од 2.500 загинати Американци и 2.200 милијарди долари трошок, по 300 милиони долари на ден. Едно од најлошите коцкања на американската надворешна политика заврши со смрт на 66.000 авганистански војници и полицајци, повеќе од 47.000 авганистански цивили и 51.000 убиени талибанци.

Американците безлично се повлекоа, оставајќи ги Авганистанците во мизеријата создадена од одмаздничкиот поход на Џорџ В. Буш. Талибанците никогаш не признаа дека ѝ помагале на Ал каеда или дека Авганистан бил искористен за подготовка на нападите на 11 септември и за други операции.

Еднаш талибанец, секогаш талибанец

Кога под контрола веќе го држеа поголемиот дел од земјата, талибанците им се вратија на старите обичаи. Еднаш талибанец, секогаш талибанец. Со експлозив ја уништија статуата на еден шиитски воен лидер, кој против нив се бореше за време на граѓанската војна во деведесеттите години. Откако воспоставија власт во Кабул, веднаш штом исчезнаа Американците на 15 август 2021 година, талибанците многу брзо се вратија на строгите интерпретации на шеријатското право. Обновен е репертоарот казни за разни престапи: егзекуции, ампутации и камшикувања.

Во време кога Бајден го најави повлекувањето, еден од главните аргументи беше дека Ал каеда е толку „деградирана“, што САД повеќе немаат потреба за воено присуство.

Една година подоцна се покажа дека континуитетот на американските заблуди не е прекинат. Иако се обврзаа на одредби од спогодбата со Американците од Доха во 2020 година, која прецизира дека талибанците нема на својата територија да дозволат активности на разни терористички групи за активности вперени против американските цели, талибанците набрзо по победата најавија дека не ги интересира соработката со САД во врска со сузбивање на екстремистичките групи.

Шефот на Белата куќа мораше да се праша како се случи наследникот на Осама на местото на лидер на Ал каеда да живее во Кабул во куќа што му припаѓала на висок функционер на талибанците.

Враќање до 11 септември

Бајден сакаше да верува дека талибанците ќе се променат. Им веруваше кога тврдеа дека нема да има дискриминации против жените. Жените беа отстранети од сите важни позиции. Беа обврзани да бидат покриени со бурки и на јавните места да се појавуваат во придружба на блиски мажи. Близу 850.000 девојчиња повеќе не може да оди во средните училишта. Забранети им се спортските натпревари, како и глумење во филмови. Министерството за промовирање доблести и спречување гревови нареди да им се отсечат главите на куклите-манекени по излозите, тврдејќи дека се „идоли“, а идолопоклонството е непростлив грев според исламот.

Веруваше Бајден дека талибанците ќе отстапат од суровото владеење според најстрогите кодови на раниот ислам, дека ќе се отвораат кон светот за да добијат заеми за решавање на катастрофалната хуманитарна криза и, најважно, дека ќе оневозможат Авганистан повторно да стане терористички рај.

Авганистан повторно стана засолниште на најголемите американски непријатели. „Се вративме таму каде што бевме на 11 септември, а тоа, за жал, значи дека талибанците и Ал каеда повторно се заедно“, процени Брус Ридл од Брукинговите институции. „Дваесет години напори, попусто“.

Војната почна со грешки, без консултации со сојузниците, завршена е со себично повлекување, исто така без советување со сојузниците. Војните не се паметат само според тоа што го разурнуваат, туку и според тоа што го создаваат.

Авторот е новинар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот