Изет Меџити сака да не се „чепкаат“ коцкарниците

Пратеникот и предводник на „огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити од собир на „огнените“ ги повика Талат Џафери, Фатмир Бесими и Артан Груби „да ги држат рацете што подалеку од казината“. Тој рече дека властите се обидуваат тајно да ги донесат измените во Законот за игрите на среќа, со кои обложувалниците и коцкарниците ќе мора да се селат најмалку 500 метри далеку од училиштата, пренесува телевизијата „21“.

„И јас од овде, од денес, односно во овој локален совет ќе ја искористат можноста Талат Џафери и Фатмир Бесими и особено Артан, да ги тргнат раце од казината, раце од законот за игри на среќа. Директен аларм до сега не видовме, евроамбасадорот јавно го кажува, не го злоупотребувајте европското знаме за да го скриете законот за коцкање, австрискиот амбасадор е уште подиректен, но Артан не слуша“, рече Меџити на собирот.

На ова вчера одговорија Џафери и Груби. Парламентарниот спикер рече дека работат казината и обложувалниците да ги оддалечат од училиштата и џамиите. А Груби рече дека законот за дислоцирање на казината е во Собранието и треба да се гласа.

„На мене лично, на Артан Груби и на Фатмир Бесими, ни побараа да ги тргнеме рацете од казината, од обложувалниците. Во името на сите тројца, можам да кажам дека не само што треба да ги држиме подалеку обложувалниците и казината, но работиме за да го ставиме во функција барањето на Албанците во Северна Македонија казината и обложувалниците да се дислоцираат а тоа е и ветување на ДУИ на претходните избори“, вели Талат Џафери.

„Претседателот на Парламентот ме потсети на Законот за игри на среќа, и за тие кои не разбрале… доставивме усвоен закон во Влада за да ги дислоцираме казината и обложувалниците 500 метра од училиштата и џамиите. Не излегувајте во заштита на казината и обложувалниците, туку изгласајте го законот, во Собрание го имате“, порача Артан Груби.

Предлог-измените на Законот за игри на среќа, меѓу другото предвидуваат нови и поригорозни услови за добивање на лиценци за организирање на игри на среќа, а овие објекти нема да можат да работат ако се наоѓаат поблиску од 500 метри од кое било училиште.

Предлог-законот за игри на среќа не го поддржува ниту ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, Движењето Антикоцкање упорно бара усвојување на овој закон, а од друга страна, Здружението на игри на среќа и обложувалниците бараа повлекување на овој предлог закон, со кој според нив ќе се ликвидира легалната индустрија и ќе се поттикне илегалниот бизнис со овие игри.

„Антикоцкање“: Ако не се донесе Законот за игри на среќа, најголеми работодавачи ќе станат „коцкарите“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот