Избрани песни од Иван Херцег се објавени во стихозбирката „Ноќни луѓе“

Деновиве од печат излезе книгата „Ноќни луѓе“, избор песни од Иван Херцег (Хрватска) во препев на Владимир Мартиновски, кој за изданието напиша и опширен поговор со наслов „Лирските ноктурналии на Иван Херцег“, со што го доближува творештвото на Херцег за македонските читатели. Збирката е во издание на „ПНВ Публикации“ и поместена е во едицијата „Гравири“.

– Поетскиот избор „Ноќни луѓе“, во кој се поместени шеесетина песни од неговите седум поетски книги, на македонските читатели им овозможува да го откриваат раскошниот поетски свет на Иван Херцег, во кој преку јазикот на поетските слики едновремено се соочуваме со бескрајните (и прилично мрачни и загадочни) пространства на Вселената, но и со неодгатливото во секој од нас – напиша Владимир Мартиновски.

Иван Херцег е поет, раскажувач и уредник. Роден е 1970 година, во Крапина, Хрватска. Дипломирал хрватски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Извршен уредник е на списанието „Поезија“, уредник е на библиотеката „Поезија“ на ХДП и организатор на книжевниот фестивал „Стихот во регионот“ (СУР). Живее и работи во Загреб. Автор е на поетските книги: „Нашите други имиња“ (1994), „Ноќ на асфалтот“ (1996), „Снимки на земните воздишки“ (1997), „Ангели во жалост“ (2004), „Неправилности“ (2007), „Кога ќе дојде Вавилон“ (2013), а во печат му е и стихозбирката „Нулти живот“ (2021).

Поезијата му е преведена на десетина јазици. Иван Херцег е автор и на збирката кратки раскази „Голи“ (2011). Со своите дела Херцег учествувал на голем број книжевни фестивали во Њујорк, Пекинг, Ротердам, Сет, Лондон, Варшава, Букурешт, Куртеа де Арџеш, Љубљана.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот