Избори ќе има на 5 или на 8 јули

Шефот на државата Стево Пендаровски на лидерите на СДСМ, Заев Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски им даде уште една шанса за договор. Ќе ја продолжи вонредната состојба за два – три дена ако до вечер или евентуално до утре од нив слушне одговор дека се договориле за изборениот ден. Во спротивно, изборните рокови ќе почнат да течат и ќе има избори на 5 јули.

Претседателот денеска посочи дека знае оти најголемиот број на граѓани не размислуваат за избори во време на зголемен број на болни од корона вирус, но смета дека се неопходни за да се добие функционален, наместо распуштен парламент и легална и легитимна, а не техничка влада.

Пендаровски ги повика Заев и Мицкоски да ги стават државните пред личните и партиски интереси и да се договорат. Во спротивно, според него, се отвора вратата за поголема внатрешна криза со што нема да се доведе во прашање само европската перспектива, туку ќе се поткопаат и напорите за справување со пандемијата од коронавирусот за што ни е потребен јасен државен консензус и стабилни институции.

И додека Пендаровски повикува на договор, од ВМРО-ДПМНЕ стигна порака дека со одлуката да не прогласи нова, петта по ред вонредна состојба, претседателот му служи на Заев.

– Непрогласувањето на вонредната состојба значи политичка одлука на Пендаровски донесена под притисок на Заев. Ништо поинаку. Таквото однесување значи дека Пендаровски наместо на народот одлучи да му служи на Заев. И сосема на крај, ВМРО-ДПМНЕ е отворено за разговори, за решенија и за консензус кој ќе биде за доброто на граѓаните. Но за тоа треба разум. Нема ниту еден друг субјект кој посакува повеќе од нас Зоран Заев и оваа неспособна влада да биде поразена. И тоа неминовно ќе се случи, и тоа ви го гарантираме на сите еден од вас, но животите на граѓаните немаат цена и за нас здравјето е најважно, а поразот од народот ќе им дојде многу бргу – рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна пак, Заев и денеска со став дека се подготвуваат за избори на 5 јули бидејќи нема никаков сигнал од опозицијата за договор за датум и поради тоа мора да се почитува Уставот. Сепак според лидерот на СДСМ доколу падне договор со сите политички партии да се измени Изборниот законик тогаш изборниот ден наместо недела, на 5 јули, би се пролонгирал до 8 јули среда, а наместо во сабота, болните и изнемоштените би гласале во понеделник и вторник. Заев предлага во оваа листа да влезат и луѓето кои поради коронавирусот се во самоизолација.

– Јас ќе побарам од Владата како учесник на изборите уште три дена и со тоа ќе го замолам претседателот на државата, за нова вонредна состојба. Само така може да дојдеме до 8 јули. Сето друго е Устав и закон и тука не можете да чепкате. Единствената алатка останува вонредната состојба. Но и таа е уставна категорија која мора да биде образложена со аргументи. Во околности кога теоретски би се постигнал договор за избори на 8 јули, тогаш е среда и може да разговараме за понеделник и вторник ден на гласање на болни изнемоштени лица, заразени лица, луѓе во самоизолација и хронично болни, а во среда да биде денот на гласањето. Сето друго е предвидено по Изборниот закон, избори во недела, од 7 до 19 часот. Ако сабота и недела станат понеделник, вторник, среда треба да се менува Изборниот законик. Тоа би било коректно само ако го направиме заедно со опозицијата – рече Заев и додаде дека ОБСЕ/ОДИХР, ќе ги набљудува изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот