„Ивермектинот“ дава надеж, ама во нашите болници го нема

Ивермектин/ Фото Sandrine Mulas / AFP / Profimedia

Нова надеж во борбата со коронавирусот е лекот „Ивермектин“ за кого врвни светски лекари алармираат дека треба да биде одобрен за прeвенција и за третман на ковид-19. За оваа цел тие изработиле и протокол за лекување во кој што столб е овој лек кој е антипаразитен препарат, познат на пазарот веќе 40 години, и за чиешто креирање неговите автори добиле Нобелова награда за медицина во 2015 година.

Тој се наоѓа на листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација и, како што тврди поранешниот министер за здравство доктор Драган Даниловски, е извонредно ефикасен кај ковид-19 пред експозиција на вирусот, после експозиција на вирусот, за време на почетните симптоми, како и во одминатата фаза од болеста.

– Го нарекуваат лек кој може да направи пресврт во текот на пандемијата – вели Даниловски.

Од светските научни студии кои се досега спроведени за ,,Ивермектин”, евидентно е дека тој го намалува ризикот од смртност кај пациентите со ковид-19 за најмалку шест пати! Тој исто така го намалувал и времето на престој на пациентите во болница, како и времетраењето на нивната ниска сатурација, односно неможност на клетките во организмот да се поврзат со кислородот.

Авторите на студиите за резултатите од примената на овој лек особено ја нагласуваат превентивната улога, кој може значително да ја намали опасноста од заразување со вирусот ковид кај медицинскиот персонал, како и кај членови на семејството на пациент кој е позитивен на коронавирус, а се лекува во домашни услови. Истражувањата покажале дека кај членови на семејство кои имаат заболен од ковид, а кои примиле „Ивермектин“, стапката на заразени изнесувала 16,4 отсот, за разлика од контролната група која не примила ваква превентива, каде изнесувала 58,4 отсто. Бројот на заразени медицински работници кои примиле „Ивермектин“, паднал на 16,4 во споредба со 60,8 кај тие што не примле од овој лек. Болницата во Хјустон, Унајтед мемориал медикал центар, која интензивно го користи овој лек за превентива и за третман, тврди дека има една од најмалите стапки на смртност на пациентите од ковид-19 во САД.

Кај нас само „ветеринарна“ верзија од лекот!?

Во болниците во Македонија, „Ивермектин“ не се користи во лекувањето од ковид-19. Директорот на ГОБ 8 Септември, доктор Христијан Костов, вели дека тој лек е регистриран на Ветеринарниот институт, меѓутоа во болничкиот треман за коронавирусот во земјава моментално не е влезен. Светската здравствена организација претходно препорача да не се користат за лечење луѓе верзиите на „Ивермектинот“ наменети за третман на животни, за што тој често се користи, како начин на сузбивање на паразитите.  

Здравствените власти се децидни дека во светот нема специфичен лек за ковид-19 и дека третманот во болниците и дома е според тоа кој пациент какви симптоми ќе развие. Министерот за здравство Венко Филипче апелираше секој пациент да се консултира со матичниот лекар и со негова контрола да ги прима терапиите.

– Граѓаните мора да знаат дека има навистина широка лепеза на симптоми со кои оваа болест може да се манифестира. Никој не треба да посегне да бара лекови кои не се докажани дека помагаат во лекувањето на ковид-19. Во светот уште има огромен број клинички студии кои испитуваат лекови – рече Филипче, осврнувајќи се на лековите „Ремдесивир“ и „Фавира“.

Овие два лека се регистрирани во Македонија, но нивната основна намена е за други болести а не за ковид-19, потсетува министерот.

– Постои унифициран протокол за лекарите за лекување на болните од ковид-19 и на тој протокол им е укажано повеќе пати. Но, што е суштината кога ќе се каже дека нема унифициран протокол. Тоа е дека нема еден терк на лекување на болеста поради тоа што нема една форма на болеста. Има толку многу различни клинички форми, што секоја од нив бара поинаков пристап во лекувањето, дозирање на истите лекови кои доаѓаат предвид за давање при соодветна манифестација. Затоа е многу важно сите кои имаат и најмали симптоми и за каков било чекор во однос на дијагнозата за лекувањето, да прават консултација со лекар – додаде министерот Филипче.

Епидемијата не попушта, не се намалува бројот на починати

Епидемијата во земјава и понатаму е многу силна и има голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи е 22.538, од кои половината се во Скопје. Не се намалува бројот на починати пациенти. Во ковид центрите во болниците во земјата се лекуваат речиси 900 пациенти, од кои половината во главниот град. Особено загрижува тоа што периодот кој следува се карактеризира со семејни собири и слави, што претставува ризик фактор за ширење на коронавирусот како што тоа беше случај и досега.

За да се амортизира напливот на пациенти кои со влошена клиничка слика бараат болнички третман, во Гевгелија започна поставувањето на модуларната болница, а монтажни болници од следната недела ќе почнат да се поставуваат и во Струмица, Куманово, Кичево и Струга. Се очекува до крајот на годинава тие да бидат финализирани.

И покрај големиот број хоспитализирани во земјава, над 1.300, сепак во болниците има слободни кревети. Министерството за здравство соопшти дека има уште 160 незафатени болнички легла подготвени за пациентите со ковид-19, а оваа бројка се очекува да порасне зашто се очекува да се испишат оздравени пациенти од болничките капацитети. Во сите одделенија на клиничките болници во земјава има довод на кислород.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот