Италијанците купуваат десет пати помалку маски и средства за дезинфекција од почетокот на епидемијата

Фото: EPA-EFE/ANDREA MEROLA

Продажбата на заштитни маски во аптеките во Италија е преполовена во последните сто дена, а Италијанците купуваат десет пати помалку средства за дезинфекција отколку на почетокот на епидемијата на коронавирусот во земјата, покажаа податоци на компанијата Иквиа, која ја следи потрошувачка во аптеките.

Метеж на плажите, преполни аперитив барови, а Италијанците постепено се ослободуваат од маските што понекогаш ги чуваат во џебовите или на брадата, пишува италијанскиот весник „Ил Соле 24 Оре”.

– Ова е сериозен факт затоа што тоа е еден од ретките начини за одбрана од вирусот што ни е достапен, рече претседателот на фармацевтското здружение Федерафарм, Марко Косоло.

Пред два месеци луѓето трчаа во аптеките и супермаркетите да купат маски, особено хируршки, што понекогаш ги немаше, а денес кога нема проблеми со резервите и со стабилна цена од 50 центи за хируршка маска, Италијанците се чини дека се уморни од ова клучно средство за запирање на вирусот, пишува италијанскиот дневен весник.

Според податоци на Иквиа, кривата на купување маски во Италија достигна врв во седмицата меѓу 6 и 13 април, околу еден месец откако почна блокадата, кога Италијанците потрошија 5,5 милиони евра на маски во текот на една недела.

Од тогаш се бележи континуиран пад со најниска точка на 20 јуни, а потоа и мало зголемување со последната анализирана недела до 20 јули, при што е забележана набавка на заштитни маски за вкупно 2,2 милиони евра.

Врвот на набавка на средства за дезинфекција во Италија беше на 9 март, на почетокот на рестриктивните мерки, додека на 20 јули продажбата падна на најниско ниво од воведувањето на блокадата поради Ковид-19.

Со 35.132 смртни случаи од Ковид-19, Италија е шеста земја во светот по бројот на жртви од коронавирусот, по САД, Бразил, Мексико, Велика Британија и Индија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот