Истражување: Мажите со ковид-19 имаат трипати поголеми шанси да завршат на интензивна нега отколку жените

Ковид Грција/ Фото EPA-EFE/PANTELIS SAITAS

Мажите заболени со коронавирус имаат трипати поголеми шанси да завршат на одделите за интензивна нега, во споредба со жените, а имаат и значајно поголеми шанси да починат од таа болест, според последните истражувања.

Научници анализирале повеќе од три милиони потврдени случаи на болеста ковид-19 од 46 земји и 44 сојузни американски држави од 1 јануари до 1 јуни 2020 година, пренесува АФП.

Утврдиле дека ризикот од зараза со вирусот SARS-CoV-2 е ист и за жените и за мажите, бидејќи точно половина од случаите биле потврдени кај машкиот пол.

Но, мажите имале речиси трипати поголеми шанси од жените да бидат хоспитализирани на одделенијата за интензивна нега и 39 отсто поголеми шанси да умрат од вирусот, покажала студијата.

Фото: EPA-EFE/ACHILLEAS CHIRAS

Тие податоци би можеле да им помогнат на лекарите да увидат дека полот е ризичен фактор за тешката форма на болеста. Полот е варијабила недоволно наведена во многу истражувања и ова е потсетник дека полот е важен фактор кој треба да се земе предвид во истражувањата – рекла коавторката на студијата, Кејт Веб.

Tрендот е глобален со ретки исклучоци и може главно да се објасни со биолошките разлики, велат научниците.

За разликите според полот на вродениот имунитет и оној кој подоцна се развива веќе се пишуваше и може да се објасни женската предност кај заболувањето од ковид-19, велат авторите.

Жените природно произведуваат повеќе интерферонски протеини тип 1, кои го ограничуваат абнормалниот одговор на имунолошкиот систем познат како цитокинска бура за кој се верува дека игра улога во развојот на тешки форми на ковид-19. Женскиот хормон естрадиол може исто така да им помогне на жените да ги елиминираат тешките форми на вирусот, бидејќи го јакне одговорот на Т-клетките, кои ги уништуваат заразените клетки и го зголемуваат производството на антитела, се наведува во студијата.

EPA-EFE/IAN LANGSDON

Од друга страна, машкиот хормон тестостерон го потиснува имунитетот, додаваат авторите на студијата.

Разликите според полот во коморбидитетите поврзани со тешка форма на ковид-19 може да ги изложат мажите на многу поголем ризик, напишале научниците во истражувањето, но додаваат дека недостасуваат податоци кои би одговориле на прашањето за улогата на другите здравствени проблеми.

Во додатокот на тоа, авторите на студијата забележале сличност во глобалните размери со бројот на жени и мажи со висок крвен притисок и дијабетес – „најчестите коморбидитети кај пациентите хоспитализирани со ковид-19“.

Ова откритие би можело да влијае на развојот на идните вакцини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот