Историска посета на Пендаровски на Грција: Потврдена грчката поддршка за членство во ЕУ

Стево Пендаровски и Киријакос Мицотакис
Стево Пендаровски и Киријакос Мицотакис / Фото: EPA-EFE/ORESTIS PANAGIOTOU

Договорот од Преспа, можностите за продлабочување на билатералната соработка, европската перспективата на целиот регион, со акцентот ставен на Северна Македонија, беа темите за кои претседателот Стево Пендаровски разговараше на средбите со грчката претседателка и грчкиот премиер на првиот ден од неговата прва официјална, но и историска посета на Атина, а уште еднаш беше потврдена поддршката на Грција за наше членство во ЕУ, но и посветеноста на Договорот од Преспа и негова имплементација, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот положи венец на Споменикот на незнајниот војник на платото пред грчкиот Парламент, а потоа, со сите државни и воени почести, со црвен килим и интонирање на македонската и грчката химна, во присуство на претседателската гарда и министри од грчката Влада, беше свечено пречекан од претседателката на Грција пред Претседателската палата во Атина.

Сакеларопулу и Пендаровски, како двајца правници се согласија дека меѓународните договори треба да се почитуваат, како што рече претседателот „Pacta sunt servanda”, а на средбата говореа за Договорот од Преспа и неговата целосна, доследна и со добра волја имплементација, за која грчката претседателка рече дека е клучно за зајакнување на билатералните односи и за европската перспектива на Северна Македонија

– Препознаваме дека од страна на Северна Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка, рече Сакеларопулу и додаде дека од грчка страна ги разгледуваат сите аспекти на билатералната соработка.

– Се согласувам со вашата квалификација дека многу работи се направени во изминатите две и пол години. Јас би рекол најголемиот и најтешкиот дел се имплементирани. Се разбира има уште неколку работи што треба да се завршат и како што реков ние имаме апсолутно јасна политичка волја и намера да го завршиме тој договор до последната буква, истакна Пендаровски.

На средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, а била изразена поддршката на Атина за ЕУ перспективата на Западен Балкан и на Северна Македонија.

– Како што знаете, придаваме големо значење во зајакнувањето и продлабочувањето на нашите билатерални односи, но и на промоција на интегративниот процес на Северна Македонија, рече Мицотакис и изрази задоволство што билатералната соработка оди напред со стабилни чекори во енергетиката, одбраната, поврзаноста и меѓуграничната соработка.

Пендаровски објасни дека она што го бараме, не е да станеме членки на ЕУ преку ноќ, туку бараме да ни се даде шанса да започнеме преговори, бидејќи „веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија” и дека веќе 16 и пол години чекаме и заслужуваме реална можност.

ФОТО+ВИДЕО | Сакеларопулу – Пендаровски: Договорот од Преспа е клучен во односите меѓу Северна Македонија и Грција

По средбите со грчкиот државен врв во изјавата за македонските медиуми кои ја следат неговата официјална посета во Грција, претседателот Стево Пендаровски рече дека од неговите соговорници добил потврда дека „Преспанскиот договор, независно од ставовите кои некои од тие актери ги имале порано низ годините дека ќе го почитуваат, дека важи и дека сакаат целосна негова имплементација”.

Заедно со потврдата што ја добил од грчка страна, претседателот ја истакнал и нашата посветеност за целосна имплементација на Договорот и тоа „до последната точка и запирка”.

Во однос на комисиите за трговските ознаки и за образовните, историски и археолошки прашања, откри дека постојат одредени датуми за нова средба по една пауза од година и пол.

На средбите станало збор и за имплементацијата на Договорот од Преспа од грчка страна, односно за промената на таблите во земјата, нешто за што, Пендаровски,рече дека образложението е дека се сменети таблите на самиот граничен премин, не се сменети оние коишто се во внатрешноста затоа што наводно според грчките закони тоа е надлежност на општините.

За трите меморандуми кои сѐ уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, претседателот рече дека образложението што го добил од неговите соговорници во Атина е дека „внатрешната политичка динамика на Грција е специфична независно од КОВИД-от, туку и од некои внатрешни состојби и констелации и дека најмногу од тоа ќе зависи ратификацијата на тие договори”, а „двајцата соговорници, пред сѐ премиерот кој треба да ги предложи до Парламентот замоли за трпение”.

Говорејќи за ситуацијата со Бугарија, објасни дека спорот треба да се реши пред сѐ билатерално, „а сите други треба да направат амбиент и да креираат атмосфера во која ќе им стане јасно на сите земји членки на ЕУ дека прашањето на интеграцијата, не само на Северна Македонија, туку и на целиот Западен Балкан во последниве години стана и геостратешко прашање и затоа има дополнителна тежина и во внатрешните политички концентрации во Брисел дека не треба да се чека“, додавајќи дека има екстра регионални играчи, ентитети кои се залагаат за поинакви политички модели и управување и „не би смееле да дозволиме алтернатива на европскиот и евроатлантскиот цел на вредности“.

– Она што е значајно е дека и ЕУ и словенечкото претседателство негуваат надеж и се обидуваат на секаков можен начин главните актери и тие во позадина што им помагаат што им олеснуваат и кои седат на маса да ја завршат целата работа до крајот на годината и најверојатно, ако воопшто се договориме со нашите пријатели во Софија тоа би било во периодот од 21 ноември кога завршува вториот круг на изборите во Бугарија и се до првите 10-15 дена од месец декември, објасни претседателот Пендаровски.

Првиот ден од официјалната дводневна посета на Грција, претседателот на Северна Македонија го заврши со свечена вечера во Претседателската палата, организирана во негова чест од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.

Во здравицата на почетокот и Пендаровски и Сакеларопулу се осврнаа на важноста на посетата и на новото поглавје отворено во билатералните односи.

– Во оваа посета која ја чекавме цели 30 години дојдовме како Ваши пријатели. Денес, за време на сите мои средби уште еднаш се уверив дека напорите кои ги вложуваме во насока на уште поголемо зближување на нашите држави и народи, се двострани и искрени, рече претседателот на Северна Македонија, а во неговиот поздравен говор, меѓу другото ја покани грчката претседателка да ја посети нашата земја, за како што рече, да ги запознае нашите природни убавини и да продолжат со нивните конструктивни разговори.

– Грција и Северна Македонија, како земји со заедничка граница, имаме уште поголема одговорност кон нашите народи да работиме заедно и да ги зајакнеме нашите билатерални односи со почитување на принципот на добрососедство и на меѓународното право, во корист и на нашите земји и на поширокиот регион, истакна претседателката на Грција.

Претседателот и неговата сопруга, пред вечерата, во присуство на претседателката на Грција и нејзиниот партнер се потпишаа во книгата на гости.

На свечената вечера во Претседателската палата во Атина, присуствуваа и министри од грчката Влада, како и претставник на опозициската СИРИЗА.

Претседателот Пендаровски, дводневната посета на Грција ја продолжува и денеска.

Извор: МИА

ФОТО+ВИДЕО | Сакеларопулу – Пендаровски: Договорот од Преспа е клучен во односите меѓу Северна Македонија и Грција

Видео на денот