ИСПОВЕД НА МИЛЕНА: Луѓето не дискриминираат поради бојата на кожата и не гледаат како да сме во циркуз (ВИДЕО)

Јас сум дете на двајца вљубени, татко ми е од Западна Африка, а мајка ми е по потекло од Ресен. Родена сум во Скопје и тука живеам целиот мој живот. Мојот поранешен сопруг е исто Африканец од Нигерија, а моите четири деца 70 отсто се „црна чоколада“, ја почнува својата животна приказна 38-годишната Милена Авиа Милошевска, која на јавноста и стана позната откако отворено реагираше за нападот на нејзиниот 13-годишен син на расна основа кој се случи во центарот на Скопје.

Дискриминација на секој чекор

Таа вели дека тешко е да се живее морално и да се чувствува прифатено кога на секој чекор чувствува диксриминација поради бојата на кожата.

– Сега не е нешто многу подобро, поинаку од времето кога јас растев, напротив, можам да кажам дека е полошо. Сега младите се повеќе агресивни во пристапот кон луѓето кои се различни од нив, како да сме впиле многу повеќе негативни информации за тоа како да се прифаќаат разликите. Сега некако повеќе е кул меѓу младите да се бидат такви какви што не треба да бидат. Без никаков срам се кажува „niger what,s up“. Порано го немаше тоа. Од секогаш дискриминацијата постоела, но сега е понападна, поизразена, поагресивна. Порано беше поскриена, подискретна, сега е сурова и насилна – вели Милена.

Нејзиниот 13-годишен син Нишон беше нападнат на плоштад „Македонија“ од две момчиња на возраст од 20 години, кои покрај тоа што го навредувале и го урдиле.

– Досега полицијата не го расветли случајот. Но не ми е првпат да пријавам во полиција. Таму, наместо да отворат случај, ме убедуваат дека има секакви луѓе и ми велат „Одете си дома не може ништо да направиме“. Не е тој начинот, треба да се гледа на тоа сериозно и да се казнуваат тие што дискриминират насилно – објаснува нашата соговорничка.

Од нејзините четири чоколадни деца, како што ги нарекува, три се момчиња и едно е девојче. Најстарото е 13 години, средното 11 и близнаците момче и девојче имаат по 8,5 години.

– Луѓето воопшто не се воздржуваат да прашаат од кај сте, како тоа го знаете макеоднскиот јазик, на децата им се наметнува чувство дека тие не припаѓаат тука. Поради тоа, најголемиот како веќе да размислува за живот надвор од земјата – вели 38-годишната мајка.

На секој чекор ни се чудат за бојата на кожата

Иако во училиште децата се добро прифатени, сепак, секогаш се наоѓа некој кој ќе ги потсети во разликата во бојата на кожата.

– Не дека во училиштето немаме инциденти, сме имале повеќе случаи на вербални напади, на кои јас бурно сум реагирала по што се презеле некакви мерки – вели Милена.

Иако имало многу ситуации во кои се почувствувала непријатно поради дискримининцијата, сепак најтешко и паѓаат тие во кои се засегнати и нејзините деца.

– Имаше една ситуација кога јас и мојот поранешен сопруг ги шетавме децата, а во наша близина се шеташе и едно друго семејство. Кога не виде таткото буквално почна да го тресе синот и да му вика „види види колку се црни“, како да сме во циркус, се почуствувавме многу непријатно. Сметајќи дека не разбираме, луѓето земаат право пред нас да кажат многу работи. Бевме во една институција да подигнеме личен документ за мојот син и кога вработениот таму, со цел да се направи интересен пред колегите,  гласно прокоментира „е на вакви не треба да им се даваат документи“.  Веднаш реков „молам“ за да спречам пред децата да не кажат уште полоши работи. Децата се дома и многу ме боли што со вакви реакции се чувствуваат непријатно во земјата во која се родиле – вели Милена.

Таа вели дека и странците со кои се дружи во земјава се соочуваат со дискриминација, но тие се во земјава попатно.

– Тие се тука на одреден временски период, ние сме тука родени, не е убаво да се чувствуваш дискриминирано во земјата во која си се родил и живееш целиот живот само затоа што имаш поинаква боја на кожата – раскажува нашата соговорничка.

Таа вели дека научила како да се справува со дискриминацијата со тоа што ја игнорира, но сфатила дека тоа не ја подобрува ситуација, поради што и сега ги учи децата дека не треба да игнорираат, дека се има свои граници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот