Инвестициите во трговските центри ќе бидат пресудни за неработната недела!?

Крешник Бектеши /Фото: МИА

Вработените во трговијата добија „студен туш“ откако Крешник Бектеши, министерот за економија, се изјасни дека лично е против евентуално решение трговските центри да не работат во недела. До септември, за кога е најавено конечното решение за неработната недела, има уште време, ама уште сега е јасно дека има разногласие за дејностите кои ќе работат.

Вака како што е сега, излегува дека синдикатите и Министерството за труд се на едната, наспроти Министерството за економија на другата страна. Фактите говорат дека едно од 4 лица во Македонија работи во секторот Трговија, а дури 38,5 проценти од сите фирми се во истиот сектор.

Министерот Бектеши најави дека во блиска иднина ќе се инвестира и ќе се изградат и други трговски центри, па поради тоа нема да биде добро ако им се забрани да работат во вториот ден од викендот?! Според него, стратешки приоритет за нашето поднебје е шопинг-центрите да работат во недела, бидејќи туристи од соседството таму ги трошат парите особено за викендите.

-Веќе не знаме што ќе излезе на крајот. Ќе работиме во недела или не? Првичните најави не израдуваа дека и ние конечно ќе останеме дома во недела да бидеме со семејството, ама сега, навистина сме разочарани. Од друга страна, како што секојдневно слушаме за откази и отпуштања од работа, ќе ја свиткаме главата и ќе работиме, владее голема сиромаштија. Единственото добро во целата оваа ситуација е што ќе се добива поголема дневница – вели за „Слободен печат“, продавачка во еден голем трговски центар.

Економската теорија смета дека нема развој, ако не се инвестира во човечки капитал и нови технологии. Но, патот кон наједноставните и најлесните инвестиции, каква што е трговијата, нема да ни ја зголеми економијата ниту, пак, ќе ја намали невработеноста, велат експертите.

-Омасовувањето на големите трговски синџири и растечкиот број на трговски центри испраќаат сигнал дека земјава и натаму е извозник на нискодоходовни производи (суровини и лон-доработки), а во исто време увозник на скапи готови производи. Тоа може да значи и дека државата е немоќна да привлече капитал во индустријата. Кај нас инвеститорите не влегуваат тукутака и сигурно е дека процениле колкава е куповната моќ на македонските граѓани. Но, треба да се води сметка за бенефициите кои им ги даваме, а кои не ги добиваат домашните претпријатија – коментираат економските стручњаци.

Или недела неработен ден за сите, освен за неопходните дејности или протести. Со вакви закани излегоа од „Гласен текстилец“, од каде што потекна идејата работниците во земјава да ја добијат неделата како неработен ден.

-Воопшто е несериозно да се излегува во јавност и да се нема координираност меѓу владини претставници и да постојат огромни разлики во мислења и ставови. Министерството за труд и социјална политика е предлагач на Законот за работни односи, овде е измената – напиша на Фејсбук Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Според неа, недела треба да е неработен ден, освен за оние дејности кај кои не може да се прекине процесот на работа,  но и за нормално функционирање на државата.

И министерката за труд Јагода Шахпаска неодамна изјави дека трговијата не треба да работи.

– Навиките за пазарување треба да се променат и неважно е дали некој ќе пазарува во сабота или некој друг ден и неработната недела нема да ги загрози работните места – изјави Шахпаска.

Последната информација е дека наместо 34 дејности, сега во последното решение има 36 кои ќе работат во недела, но нема други детали.

Се бара помош од државата и протоколи за работа

Донесување протоколи за работа и внесување во листата на приоритетни категории за вакцинација, се дел од барањата на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП) кои ги упатија јавно до Владата. На 21 февруари, Светскиот ден на туристичките водичи, тие од ресорното министерство побараа да им се реши нивниот статус.

– Туристичките водичи се културни амбасадори на својата земја и со својата работа придонесуваат во развивањето на туризмот во својата држава и пошироко во регионот. Заради специфичноста и репрезентативноста на својата дејност ние сме од јавен интерес за државата. Но, за жал ние повторно сме заборавени од Владата – стои во нивното соопштение.

Истовремено тие прашуваат зошто и според кои критериумите, туристичките водичи биле изземени од петтиот пакет на економски мерки, земајќи предвид дека, како што велат, се наоѓале во тешка состојба поради пандемијата додека биле вклучени во претходниот пакет на мерки.

Во меѓувреме, угостителите најавија нови протести за во вторник. Повторно ќе ја блокираат главната крстосница во Автокоманда, а во среда се селат пред Влада, објави Сител. Ќе протестираат се додека не добијат дозвола за работа под истите протоколи што важат и за останатите угостителски објекти. Министерот за економија Крешник Бектеши во петокот изјави дека угостителите добиле доволно помош од државата и не се согласува со ултиматумите што ги испратиле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот