Интервју со Виолета Качакова, за кандидатурата ЕПК „Скопје 2028“: Сите треба да веруваме во идејата за подобар град и заедно да го градиме

Три клучни фази содржи процесот на кандидирање на градот Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година, а за деталите разговаравме со Виолета Качакова, програмска менаџерка на „Скопје 2028“ – кандидат за Европска престолнина на културата.

Европска престолнина на културата е титула и престижна едногодишна културна манифестација која е создадена и постои за да ги истакне и слави богатството и разновидноста на културите во Европа. Секоја година нови градови се избираат за Европски престолнини на културата, преку кои се охрабрува чувството на припадност на европските граѓани кон заедничкиот културен простор. Досега се избрани над 40 градови во Европа.

Првичната иницијатива за кандидатура на Град Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година била дадена во 2014 година, во 2018 идејата добила засилување и развој, додека во овој период се создава тим што ќе работи на оперативна подготовка на кандидатурата. Програмска менаџерка на тимот е Виолета Качакова, која целиот живот е вклучена во продуцирање настани на културната сцена во градот.

Кандидатурата на Град Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година повеќепати беше спомната на различни настани. Од каде потекнува иницијативата и со каква цел?

– Градот Скопје има интерес и континуирано работи во насока на развој на добра кандидатура за добивање на титулата Европска престолнина на културата (ЕПК) во 2028 година. Целта на кандидатурата е креирање на долгорочна и одржлива позитивна промена во сферата на јавниот живот, ставајќи ја во фокус културата. Иницијативата датира од 2014 година, а создадените институционални и оперативни услови во втората половина на 2018 година овозможија плански и оперативно да се отпочне со работа на развој на кандидатурата. Овие заложби ги потврди Советот на Град Скопје со одлуката во 2019 година Скопје да се кандидира за ЕПК за 2028 година.

Целта на кандидатурата на градот Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година е креирање на долгорочна и одржлива позитивна промена во сферата на јавниот живот, ставајќи ја во фокус културата / Фотографија: Мирко Попов

Каков е историјатот на прогласувањето на Европски престолнини на културата?

– ЕПК е иницирана во 1985 година од тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури и нејзиниот француски колега Жак Ланг со идеја да назначат годишна престолнина на културата со програма за приближување на Европејците преку истакнување на богатството и разновидноста на културите во Европа и подигање на свеста за нивната заедничка историја и вредности. До 2021 година носители на титулата се само градови од земји членки на ЕУ, на почетокот по еден, а од 2001 по два града годишно. Со цел да се нагласи трајното наследство и придонесот на европските градови во светската култура и цивилизација во 2000, т.н. милениумска, година се направи посебна програма со 9 градови престолнини. Антиципирајќи ги интегративните процеси и богатството на култури во Европа, Европската комисија донесе одлука дека почнувајќи од 2021 секоја трета година титулата ќе се доделува и на град од земја-кандидат или членка на ЕФТА/ЕЕО. Така во 2021 и 2024 носители на титулата во оваа категорија се Нови Сад и Бодо.

Поради ефектите од корона-кризата се дозволи одложување на годината на титулата на Риека 2020 до април 2021, и префрлање на годината на титулата на Нови Сад 2021 во 2022 година, и на Темишвар 2021 и Елфсина 2021 во 2023 година.

Колку фази има самата процедура на кандидирање и кога ќе се знае дали кандидатурата е прифатена?

– За разлика од кандидатурата на градови од земји членки на ЕУ, која е организирана како национална компетиција, градовите од земји кандидати аплицираат на меѓународен повик. Скопје се кандидира за 2028 година согласно одлуката на Комисијата да се прескокне 2027 година за да се даде шанса на градовите кандидати да учествуваат во преговорите за новата програма за култура на ЕУ, која ќе следи по Креативна Европа 2021-2027. Кандидатурата опфаќа три фази. Првата, до објава на повикот, кој се очекува оваа есен. Втората, година дена подоцна во рамки на која се пишува и доставува првата пријавна книга. До крајот на 2022 година ќе знаеме дали Скопје е дел од градови кои одат во вториот круг на селекција. Доколку влезе во вториот круг, се подготвува и предава втората пријавна книга, некаде на почетокот на летото во 2023 година со што се реализира третата и последна фаза од кандидатурата по која ќе се одлучи кој ќе биде градот носител на титулата за 2028 година.

Меѓународна конференција за кандидатурата на Град Скопје за ЕПК одржана во 2018 година

Практично, во која фаза сега се наоѓа проектот?

– Проектот е во фаза на подготовка пред објава на повикот за кандидатурата. Таа опфаќа голем број на реализирани и активности во тек, кои ќе го спремат тимот за работа на пријавната книга по објава на повикот. Активностите вклучуваат јакнење на капацитетите на тимот, претставниците на градот и соработниците од културниот сектор преку тековна работа со признати меѓународни експерти. Континуирано истражување и анализа на пријавни книги на градови кандидати и носители на титулата и извештаи на панелот на експерти кои ги оценува и селектира кандидатурите. Истражување на состојбите во културата и сродните дејности преку спроведување и анализа на прашалници. Меѓународна соработка базирана на размена на искуства и информации во насока на воспоставување на соработки со градови кандидати (Љубљана 2025, Нирнберг 2025, Даугавпил 2027) и градови носители на титулата (Риека 2020, Нови Сад 2022, Темишвар 2023). Организирање на меѓународни конференции и издавање на публикации. Спроведување на онлајн анкета на граѓаните на град Скопје за културната понуда и потреби и можностите кои ги нуди статусот Европска престолнина на културата. Спроведување на волонтерски акции за истражување на задоволството од културната понуда на градот кај публиката и нејзино запознавање на процесот на кандидатурата.

Во овој период ја дефинираме методологијата на соработка со експертскиот тим што ќе работи на долгорочната стратегија за развој на културата на град Скопје и работиме на иницијатива за назначување на прв „Легален ѕид – Legal Wall“ во Скопје за уличните уметници. Во полето на меѓународна соработка, јакнење на капацитети и вмрежување во септември во партнерство со град Скопје и фондацијата „Марсел Хиктер“ од Брисел ќе ја реализираме резиденцијалната сесија на Европската диплома во Скопје. Наскоро ќе започнат процесите на изработка на визуелниот идентитет на „Скопје 2028“ и развој на основниот програмски концепт. Од организациски аспект во тек е процесот на формирање на Координативното тело кое ќе вклучува претставници на тимот на „Скопје 2028“, сектори и одделенија на Град Скопје и кабинетот на градоначалникот, Владата, Министерството за култура, културни институции и граѓанското општество.

Кои субјекти се или ќе бидат вклучени во целиот процес на кандидирањето на Град Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година?

– Кандидатурата подразбира широк интегративен процес на градот и неговите конституенти. Станува збор за процеси кои не се случуваат брзо и мора сериозно и долгорочно да се планираат и спроведуваат и да ги застапуваат интересите на засегнатите страни. Почнувајќи од потребите во културата, што подразбира учество во планирање и реализација на програмата од страна на сите културни актери (институции, граѓански и приватен сектор, поединци и самостојни уметници), потоа вклучување на дејностите образование, креативни индустрии, архитектура и планирање на јавен простор, животна средина, социјална инклузија, меѓународна соработка, дигитална средина и иновативност и културен туризам. Исклучително значење во процесот имаат и граѓаните преку нивното учество во создавање на култура во заедниците, но и во развој на нова публика. За жал, корона-кризата не спречи во планот за директна, во живо, комуникација, па поголемиот дел од истражувањата во културата и сродните дејности се направија преку електронска комуникација, како и анкетите за задоволството на граѓаните од културната понуда. Се планира од оваа година да се продолжи и со фокус-групи, средби со граѓани и спроведување на тематски адаптирани анкети во живо.

Од кои институции очекувате да добиете поддршка?

– Очекуваме поддршка од сите институции кои делуваат на територијата на град Скопје, без разлика дали се локални или национални. Минатата година реализиравме истражување на состојбите во културниот сектор преку спроведување на опсежен прашалник кој ги опфати сите сегменти од нивното техничко-оперативно, менаџерско и програмско работење, комуникација и развој на публика, позитивни страни, предизвици и проблеми со кои се соочуваат. Преку прашалниците ги мапиравме состојбите и добивме информации кои ни се од голема корист за понатамошни анализи на состојбите, потребни при процесот на кандидатура. Прашалникот беше доставен до 28 културни институции, од кои добивме вкупно 22 одговори, што и во оваа фаза сметаме дека е одличен одзив и база за добра понатамошна соработка.

Работна посета за споделување искуства со градот Пловдив во 2019 година

Имате ли сознанија со какви искуства се стекнале градови од регионот што веќе биле престолнини на културата?

– Споделување искуства со градови кои го поминале процесот и ја добиле титулата е значајно за тимот на „Скопје 2028“ и работата на кандидатурата. Особено кога искуствата доаѓаат од регион со слични општествени прилики и контекст во кој се развива културата. За таа цел тимот реализираше работна посета на Пловдив во 2019 и посета на отворањето на Риека 2020. Корона-кризата ги оневозможи патувањата во 2020 година, па со цел да продолжи размената на искуства, а истите да бидат достапни и за граѓаните, развивме програмска активност „ЕПК Разговори“. Станува збор за видеоразговори со претставници на тековни и идни градови Европски престолнини на културата и уметници вклучени во нивните програми. Разговорите се достапни на јутјуб-каналот и на социјалните медиуми на „Скопје 2028“. Досега реализиравме 4 „ЕПК Разговори“ со Риека 2020, Нови Сад 2022 и Темишвар 2023, и со финскиот уметник Кари Кола, кој го отвори Голвеј 2020 со најголемата светлосна инсталација „Дивата убавина“. Споделените искуства се однесуваат на сите фази од кандидатурата од организациско-оперативен и концептуално програмски аспект. Она што е битно да се издвои е потребата да се одржи мотивација на тимот во целиот процес, кој бара континуирана работа од 8 до 10 години, доколку сакаме да го постигнеме планираниот развој. Тоа е период во кој треба да се трансформира културата и животот во градот, а бара сериозна инвестиција на градот Скопје и доверба и соработка со културниот, јавен и приватен сектор и граѓаните.

При позитивен исход на кандидирањето, какви би биле придобивките на Град Скопје?

– Позитивниот исход подразбира назначување на градот Скопје за ЕПК во 2028 година. Оваа информација ќе ја имаме во 2023 година и ќе биде донесена од страна на панелот на експерти согласно поднесената и презентирана програма на „Скопје 2028“. Оттаму, почнувајќи од 2023 градот, тимот на „Скопје 2028“ и сите засегнати страни треба сериозно да се вклучат и да работат во насока на реализација на програмата. Програмата, пак, треба да води кон исполнување на јасно дефинирана долгорочна визија на градот која ќе ја стави во фокус културата како еден од столбовите на одржливиот развој, заедно со социјалниот развој, просторното планирање, животната средина и економскиот развој. Проектот ќе треба да придонесе во подобрување на културната инфраструктура на градско и општинско ниво, подобрување на јавниот простор и животната средина во градот, општините и помалите заедници. Во генерална рамка програмата треба да ги опфати темите на културната разноликост, интеркултуралност, зајакнување на меѓународната соработка и градење заедници преку учество на граѓаните и сеопфатни програми за волонтери. Да креира услови за јакнење на капацитетите и создавање на нова генерација на културни професионалци, културни познавачи, нова публика и нови учесници во културниот живот. ЕПК е титула која носи признание не само во европски, туку и во глобални рамки. Таа го подобрува имиџот на градот во меѓународен контекст, а со тоа привлекува посета на културни професионалци и туристи. Најзначајното мото под кое се обединуваат сите аспекти е дека титулата Европска престолнина на културата претставува катализатор за промена на културното живеење во градот.

Најзначајното мото под кое се обединуваат сите аспекти на кандидатурата е дека титулата Европска престолнина на културата претставува катализатор за промена на културното живеење во градот / Фотографија: Мирко Попов

А какви ќе бидат обврските?

– Пред сè, сите треба да веруваме во идејата за подобар град и заедно да го градиме, креирајќи чувство на припадност и заедница, што подразбира долг и посветен процес на работа и ангажман од сите граѓани. Процесот на развој на кандидатурата со предложената програма е веќе голема придобивка и воедно план и обврска за реализација, па макар и да не се добие титулата. Така што, годината на титулата не треба да го означува крајот, напротив почетокот на нов тип на културна организација и начин на однесување, со подобрени услови за културна пракса во градот, општините и поширокиот регион и променет ментален склоп во кој повеќе луѓе зборуваат и се грижат за културата.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 81, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-24 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот