Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Сузана Турунџиева со ќерката Матеа / Фото: Приватна архива

Шест и пол години откако ненадејно почина нејзиниот сопруг Марјан Јовановиќ, минатата недела Сузана Турунџиева ја загуби и неговата мајка Лена. Заедно со ќерката Матеа, нејзината внука, била до својата свекрва до последниот ден, држејќи ја за рака додека се борела со тешка болест.

Турунџиева е мултитаскинг личност. Работи како наставник по музичко, ја води Утринската програма на ТВ Алфа, изработува персонализирани подароци, им помага на луѓето, меѓу кои и на славната Атиџе Муратова од документарецот „Медена земја“. Ѝ недостасува само малку повеќе време за сон и за нејзиниот внук Јаков од постарата ќерка Лора, кој следниот месец ќе наврши четири години. И покрај сите ангажмани, таа вели дека е самохрана мајка, која сѐ уште живее под кирија, бидејќи Лора не добивала алиментација, ниту Матеа пензија.

Фото: Приватна архива

На социјалните мрежи објави дека починала твојата свекрва, мајката на твојот покоен сопруг Марјан. Колку успеавте да останете блиски и поврзани по неговото заминување, каква жена беше таа?

– Нашата баба Лена беше вистинска лавица. Сама го пораснала Марјан и освен него немаше никој друг. Го родила на 21 година, а веќе на 22 била самохрана разведена жена! Прерано ги изгубила мајка ѝ, брат ѝ, татко ѝ, а подоцна и сестрата. Јас, за жал, не запознав никој од потесното семејство, освен нејзината прекрасна сестра Снежана, која почина пред 4 години. Баба Ена (како што ја викаа Мила и Матеа) имаше очи полни со живот, прекрасна црна густа коса и насмевка што нема никогаш да ја заборавам. Ги правеше највкусните сарми, пити, штрудли и нема за што не ја биваше. На внуките им ги упатуваше најнежните зборови и постојано ги благословуваше. Во ништо не ја оддели мојата Лора од нив и сѐ што купуваше за Мила и Матеа, купуваше и за Лора. Беше голем верник и по ненадејното заминување на Марјан, гробиштата ѝ станаа единствената дестинација што ја посетуваше, сѐ додека не ја спречи болеста.

Сузана со свекрвата / Фото: Приватна архива

Препознаваш ли карактеристики на Марјан кај неа, кои од неговите особини ги препознаваш кај ќерката Матеа?

– Во најтешките мигови кога го изгубивме Марјан, ѝ ветив дека секогаш ќе бидам тука за неа, без оглед на сѐ. Така и постапив и не ја оставив ниту еден ден сама, особено во последните 9 месеци откако се разболи и не можеше повеќе да функционира сама. Сѐ што таа посакуваше во последните месеци, беше да седам до неа и да ја држам за рака за да не биде сама, а јас и Матеа тоа со задоволство го правевме, колку и да ни беше стресно и болно, бидејќи длабоко во себе бев сигурна дека истото би го правел и Марјан за мојата мајка, да беше обратно.

Марјан беше многу поголема легенда од мајка му. Тој беше еден срдечен човек со насмеани очи, ведар, комуникативен и педантен до лудило, со посебна ѕвезда и харизма. Човек со многу пријатели, вистински човекољубец, со огромна смисла за хумор, желен за дружење и свесно на располагање им беше за сѐ, на сите. Неретко и по сопствена штета. Со мајка му имаа посебна релација и на свој начин одлично се разбираа, иако таа секогаш беше погласна и побрза во мислата од него. Тој беше одмерен, прибран и секој збор му беше на место. Матеа карактерно не наликува на татко ѝ, но затоа физички е потполно идентична. Многу е горда затоа што сите ѝ велат колку многу личи на него.

Сузана со ќерката Матеа / Фото: Приватна архива

На Фејсбук си актуелна по твоето ново, доста оригинално хоби, рачно цртање на камчиња со посвета. Како започна оваа приказна, што те инспирира најчесто?

– Мојата приказна со камчињата има подолга историја, но јас никогаш не обрнав доволно внимание за да увидам колку многу нешта креативни можат да се прават со мали и навидум обични камчиња. Можноста да патувам низ разни земји ми даде прилика да видам колку луѓето што живеат на море прават ремек-дела, уметнички креации, сувенири и подароци од камен и ме инспирираше и мене да се осмелам да се изразам на јазикот што го „говорат“ камењата и сум многу благодарна затоа што фантазијата ми се вклучи на најјако веднаш кога ја направив првата персонализирана приказна. Така што, до ден-денес без оглед на обврските, недостигот на време, грижите и проблемите, јас не престанав да создавам уметнички, уникатни, персонализирани креации од камчиња.

Фото: Приватна архива

Чувствуваш ли интерес кај луѓето за купување вакви сувенири, со оглед на кризата и поскапувањето на цените на основните производи и на комуналиите?

– Да, луѓето што ја знаат вредноста на рачно изработените подароци, не гледаат по секоја цена да купат само поевтин подарок. Таквите луѓе со радост нарачуваат и се стремат да подаруваат необични, уникатни, персонализирани подароци со лична приказна. И покрај слабата куповна моќ на многу луѓе, среќа е што има и такви на кои им е важна радоста и оригиналноста на подарувањето.

Во една пригода изјави дека си самохран родител што сѐ уште живее под кирија. Дали сѐ уште живеете во изнајмен стан или успеавте да си обезбедите свој дом, како одблиску изгледа таа твоја борба?

– Да, сѐ уште живеам како потстанар и не се срамам од тоа. Заработувам чесно и работам напорно, иако (да не се лажеме) сите знаеме колку можеш да заработиш како еднородителско семејство. Немам никакви други приходи, освен плата. Моите деца, поради нефункционалноста на институциите во нашата земја (за жал) не добиваа ниту алиментација (Лора), ниту пензија (Матеа). Морав сама да ги засукам ракавите… Но, јас дадов сѐ од себе за да ги пораснам, најубаво да ги облечам, а богами и да ги прошетам, а да не им ускратам ништо.

Наставник си по Музичко образование во основно училиште, водиш Утринска програма на ТВ Алфа, се грижиш за децата, за мајка ти, ѝ помагаш на Атиџе, изработуваш персонализирани подароци, пишуваш… ти фали ли уште некој час во денот, како ги менаџираш обврските?

– Ми фалат барем уште 5-6 часа во денот за да можам да се наспијам. Работата во утринска емисија ми го зеде сонот и понекогаш ме совладува заморот, но се трудам да надоместам, колку можам, за потоа да стасам секаде каде што сум потребна, да им бидам поддршка и помош на сите што зависат од мене и паралелно да правам добри дела.

Како е Атиџе сега, успеавте ли да се изборите да добие пензија или барем некакви редовни примања?

– Атиџе е добро, за жал, речиси е невозможно да се најде член во законот преку кој може да се обезбеди пензија за Атиџе. Тропнав на многу врати, добив насоки и информации од многу институции, но ништо од сето тоа не ветуваше такво решение. Нашите пријателски релации се вистински и траат, и ќе траат и понатаму. Нас нѐ поврзува многу повеќе од пријателство, соработка или што и да е.

Сузана со Атиџе / Фото: Приватна архива

Какво дете е твојот внук, колку успеваш нему да му се посветиш и да ѝ помогнеш на ќерка ти?

– Јаков е моето сонце, душа, живот… Порасна во големо и умно момче со неверојатна фантазија. Лора е прекрасна мајка и се гордеам со неа. За Јаков и Лора би го дала животот. Тие се мојот сенсизлик (на турски во буквален превод значи безтебост). Би сакала да можам почесто да ги гледам, камо да можам секојдневно! Но, тие живеат на другиот крај од градот и поради тоа се гледаме еднаш до двапати неделно.

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Искрено со Игор Џамбазов: Со Илина не сме веќе заедно, далечината си го направи своето

Интервју со Дарио: Зборови отровни се како страшни шумски пожари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот