Интервју со психолог Штерјовска: Коронавирусот ја изеде „старата реалност“, „новото нормално“ зависи од нас

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Во време на коронавирус во јавноста се почесто се слуша терминот „нова реалност“ граѓаните сакаат да знаат дали „новото нормално“ значи и враќање на старите навики. На оваа тема одговор побаравме од психологот Марија Штерјоска.

Станува се поочигледно дека Ковид 19 нема така лесно да замине од нашите животи. Како да се справиме со ваквите најави?

Сметам дека она што му пречи на човекот за рационално да ги носи одлуките е заглавеноста во минатата нормалност. Односно многу од луѓето ако ги прашате сакаат да им се врати „старата реалност“, „старото нормално“. Непочитување на здравствените протоколи, носи и штета. Она што би било пореално, а секако и поздраво за луѓето, е да прифатат дека „старата реалност“ нема да се врати. Треба едноставно луѓето да се обидат да создадат едно свое „ново нормално“.

Што подразбирате под терминот „ново нормално“?

Тоа адаптирано „ново нормално“ не значи дека ние цело време треба да бидеме во самоизолација. Тоа подразбира и можност за повторно враќање на социјалните контакти, со почитување на здравствените мерки. Дружиме на дистанца и со маска ако има потреба.

Но, понекогаш е толку очигледно дека некои луѓе свесно не ги почитуваат здравствените протоколи?

Луѓето кои свесно не ги почитуваат здравствените протоколи очигледно направиле нови приоритети. Еден од приоритети кај овие луѓе може да биде и желбата да се вратат на „стариот“ живот, сметајќи дека повеќе не им е толку важно да го заштитат своето физичко здравје, дури и по цена на својот живот.

Но, каде е тука колективна свест?

Кај дел од луѓето не постои колективната свест, бидејќи сметаат дека како индивидуи ништо не можат да направат. Живеат со девизата „голема работа, ако јас како поединец, не носам маска“. Ним им е полесно да ја префрлат својата одговорност на некоја виша сила, на некој друг, на пример на државата. Не сфаќаат дека сите сме важни во овој процес. Наместо, во време на Ковид 19 да си ја повикаат личната одговорност, бидејќи само така можат да почувствуваат дека имаат моќ да ја подобрат лошата состојба со заразата, тие личната одговорност ја сметаат за измачувачки процес.

Дел од граѓаните не ги почитуваат здравствените протоколи, на задолжително носење на маски, и држење на дистанца иако знаат дека корона вирусот демне од сите страни. На што се должи таквото однесување?

Една од грешките кај овие луѓе е што нереално се преценуваат себе си, односно кај нив преовладува мислењето „мене ова не може да ми се случи“. Други пак веруваат во тоа дека „ лошото секогаш му се случува на некој друг“. Кај овие луѓе ваквото размислување, на некој начин претставува еден вид на заштитен механизам. Сепак таквата одбрана дефинитивно не е во согласност со реалноста, бидејќи секому може да му се случи заразување со корона вирусот. Во психологијата функцијата на овие когнитивни грешки, односно – нереална верба во себе си, е позната како олеснување на процесот на мислење и живеење. Ако цело време сме на штрек, или пак на постојано проценување на ситуацијата, кај човекот се создава голем когнитивен напор. Кога луѓето се држат до своето верување, тогаш полесно ги извршуваат акциите. Таквото однесување многу често се покажало дека било погрешно и подоцна личноста се кае за сопствената одлука.

И по четири месеци ние како сè уште да сме шокирани од појавата на невидливиот вирус кој буквално го има насекаде околу нас. Дали со нашето нереално однесување, на некој начин сакаме да ја релативизираме целата ситуација?

Да, сметам дека сопствената контрола премногу ја релативизираме. За ваквиот однос понекогаш влијае и верувањето дека не можеме ништо да направиме против некои дадени ситуации, па затоа креваме раце, притоа убедувајќи се во онаа народната дека „ако треба да биде – нека биде“. Во таква ситуација не постапуваме рационално. Сепак сите треба да сме свесни дека до некој одреден степен, нештата можеме да ги контролираме бидејќи не сме толку немоќни. Во време кога корона вирусот е насекаде околу нас, не треба претерано да ја релативизираме состојбата со заразата.

Дали неизвесноста од можноста да се заразиме од коронавирус, која понекогаш завршува и со смртен случај, премногу го истрошија човекот?

Можеби некои луѓе и потсвесно прифатија, дека е подобро да се заразат отколку цело време да живеат во некаква неизвесност. Таквите луѓе сакаат ситуацијата да ја направат поизвесна, па макар таа и да не е така пријатна бидејќи може да резултира со заразување. Во последно време се создаде привиден впечаток дека нештата се подобрија. Отворањето на кафулињата, рестораните, не алудирам дека треба да се затворат но, сепак се надворешните фактори кои на човекот му даваат надеж дека, еве, конечно станува подобро. А знаеме дека според бројот на заразените и починатите не е така, туку напротив сега состојбата е полоша. Ваквата реакција доаѓа поради тоа што подолго време животен тек под влијание на страв или самоизолација ни е пореметен. Луѓето се изморија, се истрошија и сега сакаат да веруваат дека нештата стануваат подобри, а гледаме дека не е така.

Што со другата категорија на луѓе кои се премногу претпазливи кон Ковид 19?

Секако дека и преголемата претпазливост може да предизвика ирационално однесување. Затоа велам дека свесноста е многу важна. Свесно треба да ги носиме одлуките, особено во овој период на пандемија. Не треба да веруваме во нереални нешта, во некаква виша моќ, туку да треба гледаме што можеме ние да направиме за да ја подобриме здравствената состојба. Едноставно треба да знаеме дека не сме толку беспомошни за да не можеме реално да ги согледаме последиците од заразата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот