Интервју со проф. м-р Гоце Наневски, продекан на ФЛУ и скулптор: Проширување на спектарот на уметничките искуства

проф. м-р Гоце Наневски, продекан на ФЛУ и скулптор

Резултатите од првата Летна школа со тематски наслов „Помеѓу природата и активизмот“ се претставени на изложба во Галерија ФЛУ, а со професорот и продекан на ФЛУ Гоце Наневски ја откриваме мисијата на школата, но и поширокото поле на дејствување на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје.

Покрај реализацијата на наставната програма, тројца професори и шест студенти од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при УКИМ во Скопје во септември минатата година се впуштија во дополнителна програмска авантура во рамките на првата Летна школа со тематски наслов „Помеѓу природата и активизмот“.

Резултатите од летната школа од 29 февруари до 12 март се изложени во Галерија ФЛУ (Објект Педагошка), а со професорот Гоце Наневски разговаравме за искуствата и ефектот на првата сесија на школата.

Минатата година Факултетот за ликовни уметности почна со Летна школа за експериментални уметнички практики. Со какви цел и мисија е создадена школата?

– Пред сѐ, идејата е Факултетот да понуди поширока платформа за интердисциплинарни уметнички истражувања и продукција за своите, но и за студентите од други факултети и универзитети. Летната школа насловена како „New art for(u)m“ е замислена како традиционална едноседмична работилница за експериментални и интердисциплинарни дискурси изведена надвор од факултетските ателјеа. Целта е проширување на спектарот на уметничките искуства и изнаоѓање и практикување на современи и алтернативни уметнички пристапи, постапки и протоколи во творештвото кај студентите.

Целиме, кај студентите да се продлабочат способностите за креативна адаптација низ нестандардни уметнички постапки, односно изведување на експерименти и истражувања кои можат да понудат авангардни и нестандардни резултати, а можат (но не и нужно), на пример, да бидат врзани со локацијата, звукот, перформансот, дијалектиката итн.

Отворање на изложбата со дела од Летната школа во Галерија ФЛУ

Ако форматот на реализацијата на школата е надвор од факултетските ателјеа на алтернативна локација, како идејата беше прифатена од професорите и од студентите и како беше направена селекцијата на учесниците на школата?

– Колегите студенти и професори ја препознаваат школата како значаен сегмент во политиките на подигнување на квалитетот на функционирањето на ФЛУ во најекстензивна смисла. Школата е дел од пошироката стратегија на континуираното осовременување и дообликување на наставата со атрактивни практики и активности, како и перманентниот процес на осовременување на студиските програми од првиот и вториот циклус на студии. Студентите покажуваат особен интерес за нови алтернативни искуства, и во тие рамки и за школата.

Поминувањето низ еднонеделно континуирано заедничко дружење, социјализација и работа на уметнички проект создава нова додадена вредност не само во социјалната и емоционалната интелигенција, туку има директно влијание во трансферот на мислења и искуства и, над сѐ, во зрелоста на уметничката мисла. Таквиот контекст е атрактивен за студентите и тие имаат интерес искуствено да поминат низ таков процес.

Инаку, оние студенти што имаат амбиција, фокус и континуирана доследност во индивидуалното авторско истражување, недвојбено го имаат потенцијалот да се судрат со еден ваков или сличен предизвик, кој е навистина сериозен и непредвидлив од когнитивен аспект. Селекцијата на учесниците е од компетитивен карактер, односно со објавување на покана за изразување на интерес за учество на школата, па оттука потенцијалните кандидати писмено го изразуваат својот интерес низ соодветно текстуално образложение.

Учесници на првата сесија беа одличните колеги Стефан Јакимовски, Ања Стојадиновска, Илина Василеска, Дамјан Јанкоски, Михаил Паскоски и Ана Трпевска (студент од МФС). Школата заеднички ја водевме со колегите проф. д-р Ангел Миов и доц. м-р Игор Сековски.

Учесници на првата сесија на Летната школа на ФЛУ

Првата сесија имаше тематски наслов „Помеѓу природата и активизмот“. Со какви работни задачи се соочија студентите на терен?

– Сесијата „Помеѓу природата и активизмот“, финансирана од програмата ИКСА на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, беше изведена во населено место Лазарополе (Општина Маврово и Ростуша) на почетокот на септември 2023 година. Целите на школата реферираа кон конципирање на вонателјерски ликовен контекст близок до жанрот на инсталацијата, а тесно поврзан со пејзажот, односно проширување на практичните сознанија и искуства на студентите за „Land & Environmental“ уметноста.

Поконкретно, студентите директно се соочија со пејзажот и локалната геоморфологија. Се истражуваа различни локации со различни морфолошки идентитети и конфигурации. Се истражуваа локалната историја и преданијата, играта на светлото и сенката, трагите од метеоролошките прилики, биолошките феномени во рамките на фауната, водата и нејзината улога во пејзажот итн. Користејќи ги предзнаењата студентите имаа задача да создадат идејно решение кое подразбира интервенција во пејзажот со јасна, осмислена и образложена уметничка платформа.

Потоа, по евалуацијата и дискусиите по идејните предлози, студентите влегоа во процес на реализација кој подразбираше директна работа на терен, односно интервенција во пејзажот. Тоа е долг и макотрпен процес, кој е сосема различен од ателјерските практики, но е процес кој фасцинира и од авторски и од аспект на директен посматрач во процесот. Тука, секако, морам да го споменам и колаборативниот момент, односно соработката помеѓу колегите студенти, како уште една додадена вредност во оваа фаза. Длабоко сум уверен дека ваквите творечки искуства ќе создадат влијанија и траги во подоцнежната ликовна продукција кај учесниците на школата.

На летната школа студентите изработија амбиентални инсталации

Во кој сегмент од уметноста потпаѓа овој вид активизам?

– Овде поимот „активизам“ фигурира повеќе како мамка отколку како идејна појдовна точка. Трансферот од факултетското ателје во пејзажот и отворање на уметнички проблем не е лесен предизвик за студент од втора, трета, па и четврта година. Креативните пристапи можат да бидат различни, но имајќи предвид дека интерес беше „Land & Environmental“ уметноста тие главно опфаќаат „проблемско“ третирање на локацијата, екстериерот, екогеографијата, геологијата, климата, флората, светлината, локалните историја и преданија итн.

Активизмот тука има повеќе фигуративна тежина и се однесува на ставот на уметникот околу климатските промени, аерозагадувањето, контаминацијата на почвите, односно да ја лоцира улогата на уметникот помеѓу индустријата и природата, или конечно како конзерватор на пејзажот.

На летната школа студентите изработија амбиентални инсталации

Фотографии и видеодокументација од реализацијата на првата Летна школа се презентирани во Галеријата на ФЛУ (во објектот Педагошки факултет). Каков е заклучокот од одржувањето на првото издание на школата?

– Сметам дека во Галерија ФЛУ беше претставен заокружен уметнички проект со јасно дефинирана проектност и идентитет. Мислам дека можеме да бидеме горди на резултатот и емпириските, но и организациските процеси низ кои минувавме се исклучително искуство од првичната замисла, па сѐ до претставувањето на изложбата на 29 февруари оваа година.

За нас, ова е прва сесија и е искуство низ кое ги лоцираме најоптималните организациски чекори барајќи начин на подобрување и корекции за сесијата што следи. Уште на самиот старт идејата беше проектот Летна школа да биде подигнат на сериозно рамниште со автентичен идентитет и јасна дефинирана уметничка ориентација. Деновиве имаме интерес и од други инстанции што сакаат да бидат дел од школата и таквите предлози внимателно ќе ги разгледаме.

Сметам дека имаме интересен проект, односно реактуелизирање на предметот Теренска настава (кој беше дел од студиските програми пред петнаесетина години), но кој сега добива поинаков волумен и различен концепциски квалитет. Ваквата активност ќе има своја препознатливост, идентитет и своја автентична уметничка морфологија. Ние на УКИМ имаме прекрасни примери на летни школи, како таа на Архитектонскиот факултет од Скопје, која е во третата деценија на одржување и фасцинира со резултатите и квалитетот што ги испорачува.

Отворање на изложбата со дела од Летната школа во Галерија ФЛУ

Какви се плановите за следното издание на вашата летна школа?

– Втората сесија на школата е предвидена за јуни 2024 година под наслов „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“. Оваа сесија на летната школа се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и интерпретација на интердисциплинарно уметничко дело.

Одржувањето на Летната школа во рурална планинска средина е во согласност на потребите на сесијата, која за почеток треба да има одново запознавање со тишината. Имено, последица на живеењето и работењето во современата урбана средина е што доведува до промена на човековите референци за тивко и тишина, поими и феномени коишто треба да ги редефинираме за да, меѓу другото, разбереме и колкаво е „звучното загадување“ за кое сме помалку или повеќе несвесни.

Студентите ќе се запознаат со некои воведни поими и содржини од психоакустиката, со цел за подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина, како и на одредени поими од физиката на звукот, ќе се запознаат со поимот „шум“ и спектралниот состав (боја, карактер) на звукот/шумот со цел за посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови коишто нѐ опкружуваат во секојдневието, како и значењето на истите во нашето (акустичко) разбирање на околината и нашето функционирање во истата.

Длабоко сум уверен дека ваквите творечки искуства ќе создадат влијанија и траги во подоцнежната ликовна продукција кај учесниците на школата

Како уметник и како професор дејствувате во сферата на скулптурата. Колку скулптурата како медиум е податлива за реализација на различни уметнички идеи и визии?

– Поимот скулптура во последните неколку децении чинам дека го има најрастегливото значење и поимање низ историјата на уметноста, воопшто. Скулптурата во последните 30-40 години е променета како никогаш во историјата на уметноста до сега, а тоа е така затоа што ние самите сме променети. Влијанието на технологиите, дигиталната ера, комуникациите, интернетот, создаваат атмосфера во која ние се гледаме од поинаква перспектива.

Пратките во плик со најразлична содржина (делови од облека, парчиња коса, пикавци, копчиња итн.) на „Gilbert & George“ праќани по пошта (во шеесетите години), кои тие самите ги дефинираат како скулптура е само еден пример на радикално широкото поимање на скулптурата како уметнички феномен и морфологија.

Современата скулптура има моќ да ги вкрсти интердисциплинарноста, новите технологии, теоријата, науката и веројатно уште многу други нешта, а притоа да не се помести од сопствената фундаменталност, односно прото-лекциите за скулптура да бидат одново и одново актуелни и фасцинантни. Сведочиме на дела и продукции кои се високо инвентивни, не само заради „дразбата“ од новите технологии, туку и заради моќта да обединуваат на супстанцијално ниво.

Историски скулптурата има акумулирано огромен потенцијал, и ако на тоа ги додадете новите (не само) технолошки и цивилизациски придобивки вие добивате мегаентитет со сопствена биологија, етика, идентитет, ентитет кој непрекинато расте и се развива. Друго прашање е колку тоа чини и како се финансираат таквите проекти.

Како актуелното време дејствува врз промената на дефиницијата на скулптурата од класична кон мултимедијална инсталација, имајќи предвид некои од Вашите дела?

– Скулптурата како поим е сериозно проширена и надградена, инкорпорирајќи во себе различни ентитети, морфологии, жанрови, како инсталацијата, амбиентот, објектот итн. Моето авторско искуство е хетерогено, но веројатно најблиску лоцирано помеѓу кинетичката скулптура и large-scale објектите. Најчесто инсталирани со видео и/или звук, и да, иако во својата суштина тие дела се инсталации јас длабоко во себе ги гледам како скулптура во проширено поле.

Сведочиме дека нештата во уметноста се менуваат брзо, а со тоа и скулптурата, и мислам дека таа брзина ќе оди во прогресија. На пример, на ФЛУ насловеноста на предметот Скулптура и трансмедиумски практики во трета и четврта година јасно го детерминира ова прашање и предметната програма/и лоцира/ат различни места за истражување и експеримент и тие се прилично дистанцирани од формалистичката скулптура на постамент.

Во овој период сте продекан за финансии на Факултетот за ликовни уметности. Кои се можностите и условите што ФЛУ им ги обезбедува на студентите во реализацијата на програмските задачи?

– Деканатот на ФЛУ, во кој ја извршувам функцијата продекан за финансии, е силно фокусиран и обединет во подобрувањето на условите за истражување, вежби и настава за студентите од првиот и вториот циклус на студии. Перманентно работиме на подобрување на просторните услови, континуираното обезбедување на широк спектар материјали за работа и особено на различна опрема, која во еден дел од наставата е од исклучително значење за соодветно и успешно изведување на истата.

Поконкретно, целиме кон обезбедување услови за настава по мултимедиумските уметности, скулптурата, конзервацијата. Се соочуваме со кадровски и финансиски предизвици, но во исто време ФЛУ активно работи на проширувањето на Еразмус + портфолиото за мобилност, на вмрежувањето и соработките со различни институции (во земјата и надвор) со кои партнерски работиме на различни активности и проекти и, секако, соработки со други факултети и универзитети. Во многу институции ФЛУ препознава партнери за комплементарна соработка во взаемен интерес и можам да кажам дека ФЛУ има сериозно портфолио на пријатели.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 221, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот