Александар Тарабунов - Фото: Приватна Архива

Интервју со поп-пејачот Александар Тарабунов: По прекинот на врската не ми беше лесно, но сега максимално уживам во животот

Александар по долго време е соло, откако прекина долгогодишна врска. Вели дека на почетокот не му било лесно, но сега ужива во секој нов ден, во готвењето, во здравата исхрана и во новите навики, капењето со студена вода.

За новата песна „Пеј“, Александар Тарабунов вели дека настанала од спонтана инспирација, а романтичниот спот, снимен на хрватскиот остров Хвар, вели дека е снимен без глума и без маски. Поп-пејачот во последниве месеци интензивно промовира песни што брзо стануваат хитови, а за себе вели дека е среќен и исполнет по животната промена што му се случи. Александар по долго време е соло откако прекина долгогодишна врска. Вели дека на почетокот не му било лесно, но сега ужива во секој нов ден, во готвењето, во здравата исхрана и во новите навики, капењето со студена вода. За „Слободен печат“, Тарабунов сподели интересни приказни од својот приватен и музички живот.

За кратко време напиша и сними доста песни што станаа хитови. Како настана новата „Пеј“, има ли песната посебна приказна и посвета?

– Песната „Пеј“ настана како и сите мои претходни песни, од една сосема спонтана инспирација. Секогаш целосно ѝ се препуштам на креацијата додека работам, бидејќи само така може да се стигне до нешто уникатно и искрено. Кога музиката е вистинска, слушателите ѝ веруваат и можат да се пронајдат во неа. Секоја моја песна носи своја приказна, некогаш инспирирана од мојот живот, а некогаш од нечии други животни искуства.

Спотот е сниман на хрватскиот остров Хвар, а за снимањето велиш дека е „без глума, без маски, само живот фатен низ објективот“. Која е заднината на овој опис и зошто токму Хвар?

– Самата песна звучи и асоцира на плажа, зајдисонце, море и љубов, па почувствував дека Хвар е вистинското место што најдобро ќе ја долови атмосферата и приказната што се пее во „Пеј“. Нема никаква скриена заднина, едноставно секој слушател сакам да ја почувствува песната на свој начин.

Александар Тарабунов – Фото: Приватна Архива

Го одложи концертот што требаше да се одржи во декември лани во Скопје. Која е причината и има ли нов датум?

– Концертот беше одложен поради несериозност од тогашниот организатор. Следната пролет, во 2027 година, концертот сигурно ќе се одржи со нови организатори. Верувам дека сè се случува со причина и дека од грешките можеме само да научиме. За точниот датум јавноста ќе биде навремено информирана.

Во едно ТВ-гостување потврди дека ја прекина долгата врска. Колку ти беше тешко во тој период и воопшто како човек, кој бил толку време со некој, се навикнува повторно да е сам?

– И тоа помина. Нормално, на почетокот не е лесно, но со дисциплина, позитивна мисла и работа на себе, сè се надминува. Денес максимално уживам во животот и навистина ми е убаво. Секому му посакувам сѐ најдобро, таков сум како човек. Не сум сам, напротив, постојано сум опкружен со искрени и драги луѓе, кои те прифаќаат онаков каков што си и искрено се радуваат за сè она што го правиш.

Александар Тарабунов – Фото: Приватна Архива

Велиш дека кај тебе има голема позитивна промена во начинот на живот, каква е таа промена и што значи за тебе?

– Промената започнува од мислата и од желбата животот да ти биде подобро. Почнав да се туширам двапати дневно со ладна вода, практикувам када со ладна вода, вежбам поинтензивно и се хранам здраво. Токму таа дисциплина носи вистинска промена, подобро чувство, исполнетост и задоволство.

Дали за себе во моментов можеш да кажеш дека си среќен човек и ако би можел да смениш нешто во твојот животен пат, што би било тоа?

– Пресреќен сум, задоволен, благодарен и исполнет. Го живеам животот токму онака како што сакам и искрено, ништо не би променил, ниту во сегашноста ниту во минатото. Каков сум, таков сум. Ако би се менувал, тогаш повеќе не би бил јас, а тоа не го сакам. Гордо стојам зад тоа што сум добар човек, никому не мислам лошо, чесно си ја работам својата работа.

Готвењето е твоја голема страст, дали самиот учеше или ти помагаше некој, и општо, дали имаш помош околу домашните обврски?

– Страста кон готвењето ја имам уште од мал. Во изминативе години научив многу рецепти, најмногу преку Јутјуб, но денес веќе сум на друго ниво – почнав сам да комбинирам јадења и вистински да уживам во процесот. Пред некое време ми се јави шефот на кујна од „Панорамика“ и ми рече: „Ја видов твојата приказна на Инстаграм, морав да ти се јавам, си станал подобар готвач од мене.“

Александар Тарабунов – Фото: Приватна Архива

Како ги комбинираш обврските со настапите, снимањата на песни и работата во Националната опера и балет?

– Кога си во ред со себе и живееш дисциплинирано, ништо не е тешко. Најинтересно е што тогаш не го ни чувствуваш како напор. Секогаш се наоѓа време за сè.

Има ли искрени пријателства на естрадата, за кои твои колеги можеш да кажеш дека ти се тука во секое време?

– Со целата естрада сум во одлична комуникација. Многу е важно каква енергија ти носиш и каква ти е намерата. На крајот од денот, сите сме луѓе и сите се раѓаме добри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот