Интервју со музичарот Ивица Јорданов: Секоја гитара е приказна за себе

Благородно хоби има гитаристот Ивица Јорданов, кој повеќе од 15 години работи на поправки и реставрација на гитари и други жичани инструменти, а тука ни открива дел од тајните на овој несекојдневен занает.

Скромен, ненаметлив, дури срамежлив, но со скриена искра на животната радост во очите е Ивица Јорданов; опкружен со (би рекол стотина) разни гитарски инструменти во својата хоби работилница во Штип, фатен во тајниот разговор со тие инструменти, нивното минато и, секако, нивната блескава иднина во рацете на некој почетник или виртуоз. Мајстор за поправка на жичани инструменти, не; реставратор – делумно да, но едно е сигурно, вљубеник во своето хоби.

Ивица, со што се точно се занимаваш и што подразбира твоето хоби?

– Јас сум музичар, свирам гитара. Цел живот егзистирам од музика. Гитарист сум во група „Морал“ и во Коки и Тајфата (Коки од „Дуле и Коки“). Сѐ во мојот живот е поврзано со музиката. Свирејќи, настапувајќи на концерти, студиски ангажмани како гитарист за разни наши изведувачи, приватни забави. Повеќе од 20 години држам и приватни часови подучувајќи млади дечки, па и повозрасни. Нескромно ќе кажам дека се работи за голема бројка на ученици, од кои некои од нив продолжија и професионално да се занимаваат со музика. Некои станаа гитаристи, други станаа композитори, некои професори, што посебно сум горд на таа моја активност. Што подразбира моето хоби? Тоа е чиста, искрена љубов кон гитарата и другите жичани („трзачки“) инструменти. Нешто повеќе од 15 години работам на поправки и реставрација на гитари и други жичани инструменти.

Како започна твојата дружба со инструментите, што беше повод за тоа?

– Првото запознавање со гитарата беше на мои 13 години. Тоа беше љубов на прв поглед. Како повод во тие тинејџерски години ми беше желбата да импресионирам една соученичка од моето VII-а. Xaxaxa, искрен сум. Не можам да објаснам како, но веднаш знаев дека тоа ќе биде мојот животен повик. Следуваа живи свирки, студиска работа, концерти. Мојата креативност не беше задоволена само со музицирањето, бараше нешто повеќе. Со текот на годините почнав да работам на поправка на моите гитари. Ги растурав и учев за нив. Потоа почнав да ги поправам гитарите на моите колеги и пријатели и така започна целата приказна со моето хоби. Напредував и се усовршував во мојата работата и открив дека тоа ме исполнува.

Сѐ дури постои музиката и свирењето на жичани инструменти, ќе има интерес и потреба од ваква професија

Секоја гитара, акустична или електрична, контрабас, електричен бас, покрај познатото име на производителот поседува своја тонска приказна и автентичност, тонски „отпечаток“. На што се должи тоа?

– Се должи на изборот на материјали од коишто е изработен инструментот. Дрво, магнети, хардвер. Сметам дека рачно изработените инструменти имаат посебен белег заради тоа што мајсторот којшто го изработува инструментот вложил дел од себе, љубов, внимание, време итн. Тоа е таа енергија која знае да се пренесе. Сепак, не смее да се занемари фактот, земајќи предвид колку е напредна денешната технологија и мас-продукција, дека за не толку голема сума, на пазарот можат да се најдат одлични инструменти, гитари и слично, кои не се „направени“ рачно од некој мајстор за инструменти.

Кои алати и материјали ги користиш и дали кај нас има сѐ што ти е потребно или, пак, ги набавуваш од странство?

– Често во шега знам да кажам: „Пуштете ме да влезам во еден мал маалски маркет и купувајќи еден скалпел, шмиргла, два шрафцигера и малку лепак, и ќе можам да ти ја поправам гитарата“. Не дека секогаш е така, но со ова сакам да кажам дека во оваа работа битен фактор е креативноста. Некои од алатките кои ги користам можат да се најдат овде, а секако користам и алат што е специјализиран за ваква работа и го набавувам од специјализирани продавници од странство. Доста од алатот и сам си го имам направено.

Кои се најчести видови дрво што се користат за изработка на електрични или акустични гитари и кое е твоето мислење за изборот на видови дрво во создавање идеална гитара?

– Има многу видови дрва што се користат за изработка на гитари. За електричните гитари најкомерцијален е материјалот од дрвата евла (alder), јасен (ash), махагон (mahagoni), јавор (maple). Ова се дрва што ги користат „Фендер“ и „Гибсон“. За акустичните најчесто се користи јавор, смрека (spruce), махагон и многу други. Јас не изработувам гитари, но кога би изработувал, би земал во обѕир дека секое дрво си има своја фреквенција на тон, свое тонско обележје и во зависност од тоа по каков тон се трага, такво дрво би употребил.

Дали си бил во „љубов“ со некоја гитара?

– Имам фендер стратокастер, за чиј избор во 1995 година во купувањето ми помогна нашиот познат гитарист и мој добар пријател Венко Серафимов. Тогаш немав искуство сам да изберам добра гитара. Со таа гитара поминав многу добри моменти во својот живот. Концерти со групата „Морал“, студиски активности, ја имав во периодот кога се оженив и ми се роди ќерка ми, па подоцна и син ми. Таа ми беше приоритетна гитара и сѐ уште ми е. Посебно сум приврзан кон таа гитара, поминавме заедно сѐ и сешто и никогаш не би ја одделил од себе. Но, имаше моменти кога доаѓаа други гитари и знаев да ја оставам и занемарам на некое одредено време. Откако ќе ѝ се вратев, имав некое чувство како да сум должен кон неа, да се искупам за тоа што сум ја занемарил и изневерил на некој начин. Чудно, нели? (хахах)

Ивица Јорданов како член на групата „Морал“

Преносот на енергија човек – дрво – човек е познат уште од почетоците на човечката цивилизацијата; дали со музицирањето (без разлика на знаењето/незнаењето на тајните на гитарата) се создава или не некоја енергија на „животна радост“ за која човекот од секогаш бил во дефицит?

– Јас 100 проценти верувам во ова, лично сум го искусил на себе и секојдневно го доживувам тоа. Секоја гитара е приказна за себе, особено старите, користени гитари. Што значи ова? Посебен предизвик за мене се старите гитари, без разлика на нивната вредност. Замислете една гитара произведена пред 50 и повеќе години. Таа ги победила годините, надминала музички хитови, надминала многу генерации. На неа некој се научил да свири, друг прославувал за раѓањето на своето дете, некој свирејќи на неа ја сретнал својата љубов, својата животна сопатничка. Замислете колку радост подарила таа гитара, но и колку радост и позитивна енергија самата впила во себе. Што сѐ видела, слушнала и какви ли тајни крие во себе. Има многу такви гитари коишто немаат висока парична вредност, отфрлени, искршени, заборавени. Таквите гитари за мене се посебен предизвик, да ги поправам, да ги вратам во живот, а со тоа имам чувство дека самата гитара ми враќа со една позитивна вибрација, некоја енергија која ме исполнува да се чувствувам добро, ми ја дава таа „животна радост“. Можеби за некого ова ќе звучи чудно, но јас така ги доживувам работите, тоа сум јас. Новите гитари, без разлика колку се добри или скапи, ги доживувам како една неиспишана тетратка во која допрва треба да се пишува, да се раскаже некаква сторија.

Посебен предизвик за мене се старите гитари, без разлика на нивната вредност

Дали музицирањето на гитара знае да „лекува“? Стиви Веи, познатиот гитарски виртуоз, еднаш изјави дека со музицирањето тој успева да премине во повисока ментална димензија, слично на длабоката медитација! Дали се сложуваш со тоа мислење?

– Секако дека се согласувам. Се случува во ситуации кога сум под притисок и во тешки животни околности, да ја земам гитарата и да „запловам“ во една друга димензија, да ѝ се препуштам на таа исцелителна моќ на музиката. Тоа е една фреквенција што се доживува само преку музиката. Секако, и кога сум среќен преку музиката знам да навлезам во таа друга димензија и да ја уживам таа среќа.

Во твојата работилница завршиле гитарите на многу луѓе од нашата земја и регионот, помеѓу другите и првиот инструмент – акустичната гитара на нашиот маестро Влатко Стефановски, на која тој првично ги совладувал иницијалните акорди, гитарата на Никола Бадев итн. Дали на нивните гитари се гледаат траги на нивната меѓусебна интеракција и дали секој инструмент има своја историја и приказна?

– Некој да ми ги донесеше гитарите на Џими Хендрикс или Ерик Клептон немаше толку да ме направи среќен како што ме усреќи тоа што во мои раце дојде првата гитара на Влатко Стефановски за да ја поправам и реставрирам. Уште од дете и до ден-денес сум фан на Влатко Стефановски. Неговото име и презиме е моја омилена тема и можам со денови да зборувам на таа тема. Доволно е само да се каже ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ!!! и сѐ е кажано. Морам да кажам дека со огромно внимание и љубов и со месеци ја реставрирав неговата прва гитара, а подоцна и некои други негови гитари, и едноставно можам да кажам дека сум почестен од довербата која тој ми ја укажа. Пред две-три години, семејството на Никола Бадев и Музеј на град Кавадарци ми ја доверија гитарата на Никола Бадев за да ја реставрирам. Повод за тоа беше отворање на спомен-соба во Градски музеј на град Кавадарци. Секако, голема чест за мене. Во мои раце дошле многу гитари на многу познати наши пејачи и гитаристи, како Славчо Стојановски од „Морал“, Венко Серафимов, Дамјан Пејчиновски, Мики Јовановски-Џафер, Влатко Илиевски, Игор Џамбазов, Бубо Каров од „К-15“ и многу други.

Некој да ми ги донесеше гитарите на Џими Хендрикс или на Ерик Клептон немаше толку да ме направи среќен како што ме усреќи тоа што во мои раце дојде првата гитара на Влатко Стефановски за да ја поправам и реставрирам

Поискусните гитаристи велат дека нема лоша гитара – има само лош свирач? Дали се сложуваш со оваа констатација?

– Многу од гитаристите од своите скапи гитари очекуваат гитарата да им го даде и тоа што тие не го знаат и не го можат. Добриот тон не секогаш зависи од тоа дали гитарата е скапа или добра. Не велам дека скапите гитари имаат лош тон, туку сакам овде да кажам за мојот пристап кон гитарата. Јас на гитарата ѝ пристапувам според нејзините можности и го давам својот максимум, па така никогаш не сум бил изневерен од ниту една гитара. Со еден таков мој пристап, таа знае да ми возврати на ист таков начин и така стануваме едно. Секогаш сум имал коректен тон, тоа го знаат луѓето со коишто сум соработувал. Истиот тој пристап се трудам да го имам и со луѓето. Сметам дека така треба да функционираме.

Што е она што те прави да се чувствуваш „посебно“ по вдахновување нов живот во некој инструмент; дали е тоа финалниот изглед, новиот тон што е резултат на твојата интервенција, или…?

– Со секоја поправка и реставрација на некој инструмент, јас давам дел од себе, односно целосно се давам себеси. И финалниот изглед и подобрениот тон секако дека ме радуваат, но посебно ме исполнува и ме мотивира кога ќе ја видам и почувствувам радоста на сопственикот на инструментот. Тоа е моментот кога се чувствувам „посебно“, убаво и исполнето.

Со секоја поправка и реставрација на некој инструмент, јас давам дел од себе, односно целосно се давам себеси

Дали во Македонија постојат професионални реставратори на инструменти и колкав е интересот / потребата за нив кај нас, или пак, сѐ се сведува на хоби на вљубениците како тебе?

– Секако дека има луѓе што се занимаваат со оваа професија. Сѐ дури постои музиката и свирењето на жичани инструменти ќе има интерес и потреба од ваква професија, хоби. Не смее да се занемари фактот дека сме мала држава и дека нема толкав обем на работа во оваа област.

Дали твојата љубов кон музиката и несекојдневното хоби ја наследија и твоите деца?

– Да, двете мои деца се музички талентирани. Мојата ќерка Елена заврши средно музичко училиште, инструменталист, виолинист. Таа не продолжи професионално да се занимава со музика и запиша факултет за психологија. Но, и покрај тоа, сѐ уште знаеме да си посвириме заедно по дома. Син ми Божидар има 14 години, свири гитара и има афинитети кон рок-музиката. Повремено ми помага во моето хоби.

Во семејството на Ивица, и ќерката Елена и синот Божидар се музички талентирани

Што би им препорачал на младите што не ги испуштаат своите мобилни телефони и сиот нивен свет почнува и завршува на стаклените екрани од нивните уреди?

– Видете, ние повозрасните често знаеме да кажеме како во нашето време беше поубаво, поинтересно и слично. Со ова не се согласувам целосно. Секоја генерација си има свое време и секоја генерација и знае да плива и ужива во своето време. Ова е нивно време, време на технологија. Не можеме да ги одвоиме децата од телефоните и компјутерите. Факт е дека технологијата им зема добар дел од времето, енергијата, вистинските реални пријателства и многу други нешта. Затоа е добро да се биде умерен во сѐ, па и во користењето на она што таа технологија им го нуди. Има толку убави и корисни работи што можат да се прават подалеку од стаклените екрани. Што би им препорачал? Одвојте време за вашите родители, за вистински реални пријателства, за некое хоби, истражете кој е вашиот талент и дарба и изразете се преку него.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот