Интервју со Јана Стојановска, актерка: Мојот син е моето чудо, поради него сум 600 пати подобар човек
Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме со актерката Јана Стојановска, која покрај глумата, ѝ даде уште една димензија на својата кариера преку музиката и бендот „Скопје Виа“.
Препорачано
Освен љубовта кон музиката, во интервјуто зборува за својот син Ненад и мајчинството, за нејзиниот татко – легендарниот актер Ненад Стојановски, за кого вели дека е како суперхерој од некое друго време, за предизвиците, летото, убавината…
Со оглед на тоа што летото е во полн ек, прво што ќе те прашам е – како го поминуваш и каде ќе одиш на одмор?
– Летото е точно во полн ек и иако обично ме фаќа паника за „покрај вода во ова време“, ова лето сум исполнета од една друга перспектива – со „Скопје Виа“ го имавме првиот концерт во „Интермецо“ и сè уште ги средувам импресиите од самиот концерт и доаѓам на себе по сите подготовки околу него. Воедно, ја објавивме и првата песна на „Скопје Виа“ – „Под ова небо“, чиј текст го напишав јас, а музиката и аранжманот се на Мишел Трајковски. Се надевам дека ќе успеам да побегнам некаде на крај на август.
Што е за тебе идеален одмор?
– Па, да ми го поставеше прашањево пред шест-седум години, ќе ти кажев – водааа, сонцеее, овошје, масажи и сите совршени клишеа на темата… Но сега, по подолга пауза од јавниот живот, можам да кажам дека сум пресреќна и благодарна што можам да работам.

Актерка си, меѓутоа и музички си многу активна. Како почна приказната со бендот „Скопје Виа“?
– Актерка сум, да, но животот во последниве години ме соочи со еден предизвик што ме натера да се обидам да го развивам музичкиот дел од себе, затоа што реално само за тоа имав време. Музиката стоеше во едно ќоше и чекаше свој момент. И сето тоа немаше да се случи ако еден сериозен врвен музичар, мислам на Мишел, не поверуваше и не се согласи да ја прифати мојата идеја за џипси бенд и да го претвори мојот сон во еден од најдобрите проекти што за многу кратко време ќе му се случат на Балканот.
Од каде е љубовта кон музиката и каде настапувате?
– Љубовта кон музиката е нешто што ми е примарно, отсекогаш некако ми било прв повик, а потоа совршено се спои со глумата, која ми е по сите основи „наследена“. Затоа и велам – мојот омилен жанр, таму каде што сум на свое тло, е „мјузикл“.
Како актерка, колку си сега ангажирана и што значи оваа професија за тебе?
– Како актерка сум вработена во мојот омилен театар и воедно мојата матична куќа „Драмски театар“. На прашањето – што значи оваа професија за мене, можам да одговорам само со едно – трагање по некоја точна „вистина“ меѓу твоето јас и ликот што го спознаваш за да го оживееш и многу, многу психологија.
Колку успеваш и како ги усогласуваш работните обврски и мајчинството?
– Успевам последнава година, за среќа, подобро отколку во минатите пет години. Тешко е, но таков е животот – тежок и прекрасен.

Колку те промени твојот син Ненад и што научи од твоето дете?
– Мојот син Ненад е чудо едно… чудо во кое верувам, чудо што ми докажа дека вербата во чуда не ми е залудна. Ненад е доказ дека сите мои „чудни“ и неконвенционални ставови во врска со општеството и воспитувањето деца, односот кон децата, почитта кон децата се точни! Тој многу ме промени на многу позитивен начин. Јас сум 600 пати подобар човек само поради него. Тоа е 6-годишно дете, кое со сите моторички предизвици свири клавир со две раце и разложени акорди по слух! Моето дете е моето чудо во кое верував и се оствари. Благодарна сум му секој ден бескрајно само што е таков каков што е – ѕвезден – и што постои.
Неизбежно е да те прашам и за твојот татко, легендарниот актер Ненад Стојановски. Што наследи од него и низ какви сеќавања се деновите поминати со него?
– Мојот татко Ненад е како некој суперхерој од некој филм од некое друго време… не сум ни сигурна дали постоел, од што беше посебен. Ден-денес луѓето зборуваат со жар за него и не сум сретнала никој друг да зборува за кого било како што луѓето зборуваат со воодушевување за него и со таква леснотија го фалат, и мажи и жени. Уште не ми е јасно зошто таа лекција така… се надевам ќе ми стане јасно еден ден. Тоа што силно чувствувам како минува времето е колку сум негова, генетски, пред сè. Јас од него наследив да можам да го пренесам тој талентиран ген на следните генерации.

Како е да се живее во исклучително актерско семејство?
– Па, најскромно речено – турбулентно. Во актерско семејство секој има свој став, креативен став и тоа! Став според својата вистина, нели… и тоа знае да стане гласно, мошне гласно и смешно, знае да биде многу смешно.
Важиш за убава и средена жена. Како ја одржуваш убавината и успеваш да си во врвна форма?
– Прво, благодарам, второ – чиста генетика и малку вежбање. Гледам да не претерувам со јадење.
За крај, како жена и мајка, колку време поминуваш во кујната?
– Во кујната сум навистина уметник. Едно од креативните полиња каде што знам што правам е кујната – знам и сакам. По природа сум „давач“ и сакам да направам на моите драги луѓе да им е убаво, а и знам како. Сепак, интересно е дека многу ретко, на пример, еднаш или двапати годишно приготвувам нешто за себе.


