Интервју со Ерол Туфан: Творештвото е посег по бесмртноста

Издавачот „ПНВ Публикации“ го најави излегувањето на книгата „Несоници“ од Ерол Туфан – поет, есеист и правник. Книгата содржи 99 поетизирани есеизации на факти за исто толку исклучителни светски уметници.

Вистинска поетска и многу лична енциклопедија направил Ерол Туфан пишувајќи ја својата нова книга „Несоници“. Во издание на „ПНВ Публикации“ книгата деновиве треба да се појави пред македонската книжевна публика.

Текстови за поговор кон делото на Туфан напишаа двајца врвни македонски професори – Венко Андоновски и Владимир Мартиновски. Станува збор за „специфичен, и во гносеолошка и во онтолошка и во естетска смисла – исклучителен поетски запис“, веднаш забележал професорот Андоновски. Додека Мартиновски ја препознава благородната мисија на создавање и оцртување на „круг на знаење“ (енциклопедија) и паметење на големите уметнички дострели во делото на Туфан.

Во книгата се вградени и 10 слики од академскиот сликар Стефан Хаџи-Николов, работени специјално како илустрации на „Несоници“.

Со Туфан се сретнавме пред некоја година на Струшките вечери на поезијата, но тогаш дискутиравме за поетските изрази на други поети. Со „Несоници“ се отвори можност да разговараме за негово поетско дело.

Очигледно е дека не станува збор за обична стихозбирка, туку за книга во која сте го вложиле целокупното свое знаење и животно искуство. Колку време работевте на подготовката на „Несоници“?

– Книгата насловена „Несоници“ е еден обид да си дадам прво себеси, а потем и на кругот на читателите, одговор на прашањето: Зошто треба да се живее? Посочувајќи 99 врвни автори од сферите на литературата, пластичните уметности, музиката, архитектурата, фотографијата и филмот, го наоѓам тој одговор дека треба да се живее за творештвото, оти сите сме минливи како луѓе, тоа што останува по нас се културните вредности, сфатено во најшироката смисла на зборот култура.

Книгата е обид за посег кон вечноста. Во неа сум вграден самиот во онаа смисла, како што вели Дирер „сам го издлабив своето јас“. Бидејќи не можам од себе да извадам ново оригинално дело од типот на „Процес“ на Кафка, мојот омилен автор, користам метод на поетска есеизација на познати факти и се обидувам да направам некаква си лична „енциклопедија на врвни уметници“. Или, пак, да најдам поткрепа на сознанието дека сето она што сум го собирал со децении во мозоков и во т.н. личен музеј на предмети дома (книги, тетратки, белешки ,писма, документи, пенкала, плочи, видео касети, цедеа, слики, фотографии, ситни монети, симболи, мали скулптури и др.) низ животов не било залудно.

Едноставно, се појави желба да го споделам тоа знаење собирано низ децении преку пишување и објава на книга. Секој го прави тоа што го умее и што може. Книгата во мене зрееше безмалку 40 години, технички гледано е сработена за една година, значи толку време ми требаше да ја спуштам на хартија.

Несоници – Ноќта е создадена за оние што се посензитивни, кои имаат потреба да обмислуваат, да запишат нешто што нема директна врска со секојдневието и минливоста на животот

Зошто се одлучивте за поетска есеизирана форма, а не за есеистички биографски (енциклопедиски) текстови?

– Формата е исто битна колку и содржината, или како што би рекол Бифон „Стилот – тоа е човекот“. Изборот на поетска есеизација го одбрав бидејќи така полесно го искажувам нуклеусот на душата. Прво, јас сум правник по едукација, значи не можам без реалност и логика. Затоа во секој оддел од 99-те има неоспорни факти за уметниците, не толку познати дури и за упатените читатели, ама сепак неоспорни факти. Второ, моите први објави во списанијата беа есејни, значи флуидната форма на пишување ми е блиска. Трето, како кандидат за поет (израз од една моја песна) кој свесно со ум поетизира (за тоа пошироко експлицира проф. д-р Андоновски во поговорот на книгата), преку поетскиот израз се обидувам да го допрам имагинативниот простор на уметникот на кого е посветен секој оддел. Затоа не ретко пишувајќи и сам се прашував што е факт, а што имаж, каде што е точката на преливањето од мојот збор во зборот на авторот кој е предмет на анализа во конкретниот оддел.

Овој метод на целосна емпатија, некаде дури и духовна идентификација со авторот за кого пеам, најверојатно ми е инкорпориран во мозоков од мојот омилен писател Штефан Цвајг и од неговите брилијантни тројки во „Градителите на светот“. Емпатијата и обидот за поставување себеси на местото на тој за кого се пее има врска и со реалната психофизичка и општествена позиција на тој автор и барање паралели со мене, што се обидувам да го опишам. Работата е „не само да пулиш во рекана, ами и да се видиш себеси во зрнцата што болскотат на дното“, како што велеше дедо ми во мое родно Гостиварско, седејќи покрај реката Вардар пред 50 години. Еден вид преслик на авторот во себе или, пак, себеогледување во големиот автор како во моќно огледало.

На кој начин го направивте списокот на уметниците што низ Ваши стихови се застапени во книгата?

– Списокот е граден со години, сѐ се тоа проверени уметници низ вековите и меридијаните. Само за пример, Хомер го учат низ векови и насекаде во светот. Истото може да се рече и за 85 отсто од другите застапени во книгата (од Витрувиј до Да Винчи, од Моцарт до Чајковски). Добронамерните можат да префрлат дека има европоцентризам во книгата, дека се застапени голем број автори од Евроазија (особено средоземноморските), но да не заборавиме дека тоа не е научна книга градена врз објективни научни постулати, тоа е сепак книга – обид за поетска есеизација на лесно проверливи факти, направена од еден човек, која го изразува неговиот субјективен поглед на нештата. Секој има право да направи свој избор според нему валидните валери. Јас сум седнал, сум внел труд, сум ја покажал таа храброст и ете за некој ден таа книга ќе излезе од печатница и ќе им биде понудена на читателите.

Изборот на поетска есеизација го одбрав бидејќи така полесно го искажувам нуклеусот на душата

Се чини дека во стиховите е застапена мудроста на човештвото создавана во изминатите неколку столетија. Со каков повод (иницијација) пристапивте кон пишувањето на книгата?

– Има еден општ мотив и една конкретна каписла, искра што ме натерала да ја напишам оваа книга. Општиот мотив е тоа што од мали нозе дома во Скопје, во станот во Карпош 2, сум листал само атласи, речници, лексикони и енциклопедии: Ларус, Гролиер, Британика, Американа, југословенски, руски, турски. Од детство сум бил воспитуван и мотивиран од родителите да учам енциклопедиски членови или беседи, или, пак, еден збор да го вртам на повеќе јазици истовремено потенцирајќи ги нијансните разлики на тој поим. Значи бев одгледуван во духот на максимата: Знаењето е најголема моќ. Плус живеев блиску до Драмскиот театар и некогаш два, некогаш трипати седмично одев на претстави. Знаев цели реплики наизуст.

Потем има нешто конкретно. Татко ми беше „француски ѓак“, со години престојуваше во Париз и оттаму ми носеше книги. Не е случајно што уште во младоста ми се вградила во умот Дидроовата енциклопедија и што овие мои „Несоници“ завршуваат токму со Дидро, кој не е типичен литерат, ама со својот „изум“ влегува во секој дом и ја шири и популаризира литературата на еден sui generis начин. Со еден збор, духот на времето беше такво и плус мојата лична заинтересираност. И нормално, чувството на другост или иност, кое некогаш во животот е премногу јако, е додатен мотив за да се надградуваш. Повторно како пример можам да го наведам Кафка.

Станува збор за трета стихозбирка (по „Балкански син“, 2013, и „Камчето од Вардар“, 2016, а четврта книга, вклучувајќи ја збирката есеи „Книгољубецот“, 2006). Дали тоа значи дека како автор поголема предност и давате на поезијата како изразно средство?

– Не знам, можеби. Ама јас паралелно пишувам и поезија и есеи. Тоа што не можам да го кажам со песна, го објаснувам со есеј. Тоа што е премногу убаво кажано или недокажано и виси во воздухот, ама пораѓа многу јака слика во окото на читателот, ете тој ред го вадам од есејот и го преточувам во песна.

Има две работи: Едно време, како политички работник, потем новинар пишував текстови и есеи напоредно и на политички и на културни теми. Потем со годините, вадев многу убави мисли од тие во основа новинарски текстови и ги вградував и надградував и прелевав во уметнички форма. Значи, сам од себе преточував. Второ, многу сум се дружел со поети, писатели, новинари, умеам во мигот да одвојам битно од небитно во говорот на собеседникот. Ги сакам усните полемики. Долги години запишував веднаш во нотес реплики од филмови, театарски претстави, говори на бини или во разговори по кафулиња. Со време тоа чувство се истренира и сега можам да ловам зборови и мисли во лет штом се изговорени и да ги забележам во умот. Тоа е концентрација и дисциплина, тренинг и вежба. Зборовите во песните не ми паѓаат од небо, тоа е како цедење на маслото, со години се напластува и кристализира. Тој метод на кафе-разговори, кафе-култура е типичен за француските уметници. Затоа не случајно е застапен и Албер Ками, како еклатантен пример на интелектуалец во акција, кој убедува во разговор во кафуле.

Зошто новата книга ја насловивте „Несоници“?

– Затоа што ноќта е создадена за оние што се посензитивни, кои имаат потреба да обмислуваат, да запишат нешто што нема директна врска со секојдневието и минливоста на животот. Кој има несоници? Тој што има проблем. Овде не мислам на материјални или здравствени проблеми. Мислам на состојба кога сакаш нешто да му соопштиш на светов, со тоа соопштение да се обидеш да го промениш тој свет кој не ти се допаѓа. Или сакаш да оставиш белег за своето постоење, дека низ веков си поминал. Да покажеш дека си субјект. Желбата да направиш нешто е посилна од сѐ, таа не можеш да ја контролираш до крај со рациото. Творештвото е посег по бесмртноста.

Многу сум се дружел со поети, писатели, новинари, умеам во мигот да одвојам битно од небитно во говорот на собеседникот

Од 1992 година живеете и работите во Истанбул. Припаѓате на т.н. група дводомни автори. Се сеќавате ли како и зошто ја донесовте одлуката да се преселите во Истанбул?

– Како автор, член сум на ДПМ во Скопје, на УКС во Белград и на ТФП во Анкара. Тоа значи дека творам и имам објави на повеќе јазици. Тоа како прво. Второ, во 1992 година на 33-годишна возраст се преселив во Турција од лични причини. Семејството (потесно) ми беше веќе заминато во 1987 година, јас подоцна им се приклучив. Ние како луѓе имаме секогаш две карактеристики: прво со самиот чин на раѓање припаѓаме на одредена група – национална, религиозна – значи семејството пред сѐ, затоа си заминав таму каде си заминаа и моите. Толку е тоа едноставно и човечки. Второ, како индивидуалци се обидуваме низ творештвото да сториме нешто. Постојат такви примери на творци кои пишуваат на повеќе јазици. Само за пример, Бекет е од Ирска, пишува и на англиски јазик, но најдоброто дело „Чекајќи го Годо“ го даде на француски јазик. Не е случајно што овој автор е застапен во „Несоници“.

На едно место напишавте дека „Истанбул истовремено е и сон и реалност“. Што, всушност, е Истанбул за Вас? Покрај пишувањето, со што се занимавате таму?

– Истанбул е светска метропола. Географски е место каде се прелева Мраморното Море во Црното Море преку Босфорот. Град на два континента, Европа и Азија, во кој живеат над 16 милиони луѓе. Тоа е империјален град, бил престолнина на три Империи – Источен Рим, Византија и Османлиското Царство. Наполеон има речено: Јас го замислувам светот како една држава, а главниот град да биде Истанбул.

Поетот кој потекнува од Скопје, Јахја Кемал Бејатли вели дека еден живот не е доволен за да се запознае Истанбул. Затоа реков дека Истанбул е реалност, но и сон. Во песната „Галеби“ запишав: „Тоа чувство меѓу сонот и јавето не може докрај да се опише со зборови, треба да се доживее“. Јас овде веќе 22 години работам како самостоен адвокат, бидејќи како што знаете не се живее од пишување. Како човек сочинети сте од три клучни елементи: тело, дух и душа. Пишувањето е во директна врска со духот, ама поезијата најмногу е врзана за душата. За да опстоиме мора да се занимаваме со практична дејност. Како што забележува проф. д-р Мартиновски во поговорот, меѓу авторите во „Несониците“ не случајно се одбрани голем број правници (од Монтењ до Гете).

Освен со книжевни објави, на кој начин ги одржувате врските и комуникацијата со Македонија?

– Секоја година најмалку трипати доаѓам во Македонија. Имам роднини од поширокото семејство во Гостивар и во Радовиш, имам клиенти што ги застапувам во Турција, имам голем број пријатели и соработници, канет сум на одредени културни манифестации. Колку што можам преведувам поети од двете јазични средини и се обидувам да помогнам за сочувување на мирот и натамошно развивање на културните и добрите меѓучовечки врски и односи меѓу двете земји, како и пошироко на Балканот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 32, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-25 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот