Притвор за украинскиот министер за земјоделство по обвинението за корупција

Украинскиот министер за земјоделство Микола Солски/Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесуваат британските медиуми.

Солски ги негира наводите, кои се однесуваат на набавки од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски вчера поднесе оставка, но технички останува на функцијата додека Парламентот не го разгледа неговото барање за оставка.

Тој е првиот украински министер осомничен за корупција откако украинскиот претседател Володимир Зеленски е на власт.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување сопственост на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони американски долари.

Како што е наведено, земјиштето наводно незаконски им било одземено на две државни фирми и им било предадено на бранителите под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми.

Солски и неговиот адвокат на сослушувањето вчера рекоа дека тој нема корист од таквата шема. Солски по ова обвинение може да се соочи со затворска казна до 12 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот