
Интервју со Димитар Андоновски, пејач: Со сопругата Христина сме 10 години во брак, заедно научивме да ги надминуваме предизвиците
Поп-пејачот Димитар Андоновски одамна е дел од домашната музичката сцена, а покрај пеењето, тој компонира музика за театар и филм, а голем предизвик е и тоа што како уметнички директор го донесе духот на кабарето во Битола, во кое гостуваат познати регионални и домашни музички имиња. Со сопругата Христина е 10 години во брак, имаат два сина и за семејството вели дека му е најголемата поддршка.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“, Димитар зборува за кариерата, за музиката, за бракот со Христина и за тоа каков родител е на нивните два сина.
Неодамна го промовираше спотот за песна „Бура“, која беше изведена на „Макфест“. Која е пораката што ја испраќаш со песната и како си задоволен како поминува кај публиката?
– Песната „Бура“ е емоционална приказна за внатрешните битки што сите ги носиме во себе. Таа пренесува порака за борба со емоциите, но истовремено е и универзална порака за надеж и нови почетоци. Одекот кај публиката е одличен, а видеото само ја зацврсти таа врска со слушателите. Особено ми е драго што песната успева да допре и до младата, но и до повозрасната публика.
Кога сме кај музиката, од каде љубовта кон музиката, кога откри дека имаш талент и како почна оваа приказна?
– Љубовта кон музиката се роди уште во најмладите години. Сите мои игри беа поврзани со музика, а запишувањето во музичкото нижо училиште беше првиот чекор кон мојата музичка приказна. Првото појавување на детскиот фестивал „Сидо“ и сите последователни јавни настапи ја создадоа магијата што ја живеам денес. Музиката е магија без која не можам да замислам ниту еден момент од мојот живот.

Ти си и менаџер, а водено и настапуваш во единственото кабаре во земјава, „Голд Фелиција“. Како почна оваа приказна и успеа ли кабарето да го наметнеш дел од ноќниот живот?
– Јас сум уметнички директор и го водам проектот на кабарето во „Голд Фелиција“. Ова е проект што го започнав со многу љубов и визија, со цел да понудиме нешто поинакво на македонската сцена – уникатна комбинација од музика, танц и забава. Со упорност, креативност и посветеност, успеавме да го направиме кабарето препознатлив дел од ноќниот живот.
Ние сме како еден приватен театар што функционира како тим. Искрено сум благодарен на сите уметници што настапуваат и на креативниот тим што ја реализира оваа приказна, создавајќи магија на сцената и незаборавно искуство за публиката.
Во кабарето доаѓаат многу познати музички имиња? Имаат ли големите ѕвезди посебни барања за настап и како излегуваш на крај со тоа?
– Големите ѕвезди се професионалци, но понекогаш имаат специфични барања. Сепак, секогаш се трудам да ги исполнам нивните очекувања, бидејќи тоа е дел од нашиот успех.

Колкав е предизвикот во компонирањето филмска и театарска музика?
– Компонирањето за филм и театар е огромен предизвик, бидејќи мораш да ја доловиш емоцијата на сцената или на екранот. Но, тоа е и најголемата магија – да создадеш музика што зборува без зборови.
Дали сопругата Христина е твоја поддршка и има ли таа разбирање за твојата работа? Колку време сте во брак и како ги надминувате недоразбирањата?
– Христина е мојата најголема поддршка. Заедно сме речиси десет години и научивме како да ги надминуваме предизвиците. Со Христина имаме два прекрасни сина, Михаил и Гаврил. Љубовта, разбирањето и меѓусебната почит се нашата тајна.

Каков си како татко, дали си строг? И дали синовите го наследија интересот и талентот за музика од тебе?
– Се трудам да бидам балансиран татко – понекогаш строг, но секогаш полн со љубов. Синовите покажуваат интерес за музика, но ги оставам самите да одлучат што ги инспирира и ќе ги оставам сами да си го одбираат патот по кој ќе чекорат.
Помагаш ли по дома, дали си од оние мажи што се вртат во кујната и како го поминуваш слободното време?
– Секако дека помагам! Сакам да ѝ зготвам на фамилијата и тоа ми е еден од начините да се релаксирам. Слободното време го поминувам со семејството или создавајќи нова музика.

Покрај спотот за песната, што друго следува од тебе во текот на оваа година?
– Подготвувам нови песни за мене, но и за многу други пејачи, а исто така работам на неколку проекти во филмската и театарската музика. Очекувајте многу нова македонска музика и изненадувања!