Интервју со Бранислав Николов (Пијан Славеј) за поетската книга „Јазик за двајца“: Музиката и зборот се сакаат бескрајно

Бранислав Николов (Пијан Славеј) / Фотографија: Маја Аргакијева

Концертна промоција на поетската збирка „Јазик за двајца“ на Пијан Славеј ќе се одржи на 14 септември во „Цреша бар“ во Скопје, а со Бранислав Николов разговорот го направивме во ек на интензивна концертна активност на групата „Фолтин“.

Низата поетски збирки „Креветизам и хоризонтала“, „Срчки“ и „Полиграф“ на Пијан Славеј е продолжена со новата книга „Јазик за двајца“. Промоцијата на книгата ќе биде дополнета со концертен настап на бендот „Пијан Славеј“. Сето ова се случува во период кога бендот „Фолтин“, каде што Бранислав Николов е вокал и сонгстер, има интензивни концертни настапи во неколку градови низ државата.

Во разговорот со Бранислав Николов ги допираме темите поврзани со поетскиот израз, спецификите на Пијан Славеј и константноста на концертните активности на „Фолтин“.

Каде, со кого и како е замислена промоцијата на новата книга „Јазик за двајца“?

– Првата мисла што ми доаѓа на ова прашање е дека колку што сум доследен на мојот авторски сензибилитет и идентитет, толку сум и традиционално приврзан, низ сите четири изданија, на мојот издавач, Дејан Трајкоски, и на неговата издавачка куќа „Прозарт медиа“.

Но, тоа делумно го дава одговорот на „со кого?“, па затоа, со големо задоволство, ќе кажам дека со мене ќе бидат и членовите на бендот „Пијан Славеј“, зашто овој пат решивме да направиме концертна промоција, онака како што доликува. За мене е некако неприродно да објавувам стихови, а да не ги разгласам со песни и свирци. И кога сум кај чувањето на традициите, еве, вкупно четврта промоција во „Цреша бар“ – две поетски збирки и два албума на „Фолтин“. Сите четири биле свирачки. Такво си е местото. Такви сме и ние.

Има ли некаква нумерологија во фактот што на секои две години се појавува по една книга на Пијан Славеј?

– Нема ништо со нумерологија, барем не на свесно ниво, ама временската рамка е неслучајна. Две години за да се испразнат и наполнат батериите за чувствување и пишување. И секако, не станува тука збор за некоја рутина или железна дисциплина, поставување на рокови, стратегии и сл. Едноставно, тоа е моето внатрешно темпо за ваков формат. Од одмилувањето и презаситеноста со претходното, преку постепеното омилување, па опсесивното задлабочување, до крајното заокружување на еден циклус. Секогаш точно две години. Но, знам дека е време да се прекине и таа низа.

Книгата „Јазик за двајца“ ја дополнува низата поетски збирки објавени од „Прозарт медиа“

Текстовите во книгите може да се читаат, но и да се пеат. Со какви чувства се напишани, а со какви намери се објавени?

– Јас сум зависник од мелодичност и ритмичност во стихот. А тоа не секогаш ме носи кон конкретна музичка реализација. Некогаш песната треба и мора да остане неиспеана, ако самата не си побара да ја запееш. А и таа што ќе побара, и таа мора да помине низ строгите закони и правила во прилагодувањето.

Од друга страна, се случува да пишувам песна што во самиот зародиш ја чувствувам како материјал за сонг. Е во тој случај песната расте заедно со музиката во спирална сплетеност и сплотеност. Јас сум сонгстер, и повеќе се есапам како текстописец, а срамежливо и внимателно се прифаќам и како поет.

Како и да е, песната, пеена или кажувана, ги поставува зборовите во молекуларна структура од висок ред. Песната е кодирана вистина. Надвор од песната, песната не постои.

Јас сум сонгстер, и повеќе се есапам како текстописец, а срамежливо и внимателно се прифаќам и како поет

Музичката основа дополнително е дадена на двата албуми (ЕП-ја) на Пијан Славеј. Во каква конјункција се книгите и албумите?

– Што се однесува до Пијан Славеј, прво се книгите, па албумите. Па, сепак, можеби тие два огна пламнуваат од една искра. Пак ќе кажам, музиката и зборот се сакаат бескрајно. Тоа е љубовта што пролеала најмногу ослободителни солзи на светот.

Во издание на „СЏФ рекордс“ објавени се два студиски проекти „Пијан Славеј“ и „Нудист“ на Пијан Славеј

Природно поврзување има и помеѓу Пијан Славеј и „Фолтин“. Може ли да се каже дека Славејот е помалиот брат на „Фолтин“, или релацијата опфаќа други димензии?

– Ова прашање веќе неколкупати сум го одговарал. И не знам дали сум го одговорил. Различно е срцето на едната и на другата група. Иако составите со текот на времето речиси се изедначија, сепак, како што има сличност, има и разлика. А јас не би се силел тоа вештачки да го образложувам. Знам дека е провокативно – речиси истите луѓе да бидат во две различни групи, со две различни имиња и програми, ама, најпосле, таа еднаквост во составот уште појасно може да ја покаже суштинската инаквост во идејата. И затоа, многу е важно да се каже дека „Пијан Славеј“ воопшто не е произлезен од некаква криза на стариот добар „Фолтин“. Одиме натаму рака под рака.

„Пијан Славеј“ воопшто не е произлезен од некаква криза на стариот добар „Фолтин“

Со „Фолтин“ само во август имавте неколку концерти, а одгласите од концертот во Битола се „вистинска битолска културна бомба“. Што, всушност, се случи на концертот, дома пред своите?

– Пред своите е најтешко, ама ако во тие своите ја имаш публиката од соништата, тогаш е лесно и полетно. И ние бевме изненадени како испадна целиот настан. Тоа не беше само наш концерт со предгрупи што се тука технички да ја загреат толпата. Од самиот почеток се наметна впечатокот дека се случува некоја поголема работа. Звукот беше беспрекорен, и трите млади битолски бендови (морам да ги споменам: „Цар фон тајм“, „Сиото џез“ и „Корозија“), направија да се почувствуваме како да сме присутни на многу важен фестивал на битолската градска културна сцена.

Да ја скратам приказната, за нас беше задоволство да се биде меѓу своите и пред своите. Концертот сами го организиравме, од палење прво светло, до гасење на последното, и сите стотици поважни и поневажни активности помеѓу. Но, тоа е тема за едно цело друго интервју.

Публиката е таа што во голема мера ја одредува краткотрајноста или долговечноста – концерт во Битола на 16 август 2024 година / Фотографија: Александар Котевски

Музички албуми, музика за театар и филм, специфичен и неконвенционален амалгам од жанрови, концерти во форма на танцувачки перформанси… како „Фолтин“ ја доживуваат својата зрелост?

– Така како што кажа еден помлад колега: „Пуста младост, никако да помине!“ Навистина, не може уметноста без креативност. А врвот на креативноста е во младоста. Тогаш се создаваат световите, кои подоцна, во зрелата доба, се живеат и се уживаат. Неодамна гледав еден наш постар концерт, од фазата на албумот „Lo-lee-ta-too“ („Лолитату“) кога се нарекувавме „псевдоемигрантско кабаре“, и потоа свртив на еден понов, од пред неколку години, и повторно го добив оној карактеристичен впечаток дека „Фолтин“ е бенд со силни и темелни трансформации и метаморфози. Не зборувам за телесните промени од стареењето, туку за динамиката во животот на еден колективен дух, за неговото живописно патување, од раѓањето, па сѐ до тука до каде што сме стасале денес. А ние, еве, во овие речиси триесет години, никогаш не сме застанале. И кога ќе подзастанам за да фрлам поглед далеку наназад… како вчера да било!

„Фолтин“ е бенд со силни и темелни трансформации и метаморфози / Фотографија: Весна Пукиќ

Следната година ќе се навршат 30 години од првото појавување на бендот. Какви чувства носи погледот кон минатото и какви планови правите за иднината?

– „Фолтин“ има двојно пресметување на датумот на формирање. Едниот тргнува од првите помали активности, кога ги правевме перформансите со „ready-made“ удирачки инструменти и веќе го собиравме материјалот за првиот албум, и тоа е низ целата 1995 година, и оној другиот што јас повеќе сакам да го употребувам, а тоа е првиот самостоен концерт, во Хераклеја, на 16 август, наредната 1996 година. Според тоа пресметување, со погореспоменатиот концерт во Битола, тивко прославивме 28 години. Огнометите ги чуваме за 16 август 2026. Плановите за иднината се едноставни – да се дише, да се свири, да се пее.

Каква духовна и креативна енергија ве одржува толку време заедно во бендот?

– Не знам конкретен одговор на тоа прашање. Само знам дека треба навистина да го сакате она што го работите. Честопати не е лесно, но на крајот останува задоволството и чувството на благодарност. Па сепак, морам да кажам, а не би сакал ова да биде сфатено како банална фраза, ултимативната сила што го држи уметникот во живот и го инспирира, е онаа што спирално кружи меѓу него и некој од другата страна, на кого му ја предава душата, и таа облагородена и изменета од чувствата на примателот, пак му се враќа назад, со потентна енергија и волја понатаму уште да се раздава. Со други зборови, публиката е таа која во голема мера ја одредува краткотрајноста или долговечноста.

Фотографија: Александар Котевски

На пократки релации, што ве очекува во овој период до крајот на оваа година?

– Пролетва најмногу свиревме со „Пијан Славеј“, летово направивме неколку концерти со „Фолтин“. Па така, по славејската пролет и фолтинското лето, надоаѓа есен сплетена од двете. А вие, кај ќе ви е згодно, повелете.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот