Интервју со Билјана Јуруковски, фотографка: Се надевам дека ќе оставам наследство од народи што можеби за 20 години ќе исчезнат

Билјана Јуруковски, Фото: Билјана Јуруковски

Како фотографка на традициите на домородните народи на Африка, Билјана е канал до континентот „мајка“

Билјана Јуруковски е жена на мисија, која со фотографија бележи историја. По потекло е од Македонија, а живее во Австралија, но голем дел од времето го поминува на континентот Африка, каде што ги слика домородните народи и нивниот живот. Нејзиниот антрополошки подвиг се нашол на страниците на „Национална географија“, „Гардијан“ и многу други светски публикации.

Со неа зад фотоапаратот, им се доближуваме на најдалечните народи од нас, но најблиску до човечкиот дух. Во разговорот со Билјана дознаваме и за улогата на жената во ова далечно општество на кое често му пристапуваме со погрешни очи.

Фото: Билјана Јуруковски

Вие сте жена зад фотоапаратот, која ја сведочи и ја пренесува културата на континентот Африка. Како се најдовте во оваа улога? Дали Вие ја избравте Африка или таа Вас?

– Одамна чувствував интерес и љубопитност за Африка. Интересот беше повеќе од хуманитарен аспект отколку што беше за фотографија. Се сеќавам на фотографијата од Кевин Картер на дете и во заднина мршојадец, која беше фотографирана во Јужен Судан. Истовремено отсекогаш сум имала интерес за различни култури, традиции и Африка е дефинитивно континент што изобилува со премногу различни култури, кои до некој степен сè уште не се допрени од модерниот свет. Фотографијата ја сакав и аматерски си фотографирав на секое патување со семејството, но ништо сериозно. Во улога на фотограф се најдов дури во 2016 година кога во моите раце дојде книгата на познатиот фотограф Џими Нелсон „Пред да исчезнат“. Првата фотографија што ја видов беше од стар домороден човек од Мурси племето од Етиопија, кој беше украсен со рогови од диво животно и држеше калашников во рацете, а зад него седеа две деца што беа исцртани во лицето. Тогаш почнаа да се вртат премногу прашања во мојата глава и да размислувам посериозно да започнам со фотографија, но сепак имаше многу двоумење и многу фактори требаше да се земат предвид како кариерата во комплетно друга професија, фамилијата, ризикот што е поврзан со овој тип фотографија и фактот дека влегуваш во поле каде што сепак доминира машкиот свет. Но, коцките се наредија до некој степен и верувам дека љубовта, желбата, посветеноста, упорноста и поддршката од најблиските беа клучни фактори за финалната одлука да започнам со проектот на документирање и фотографија на последните народи што ја зачувале својата традиција и Етиопија беше почетната страница.

Фото: Билјана Јуруковски

Кои делови од континентот сте ги посетиле и Ви оставиле најголем впечаток? Дали жителите на племињата се поинтимно поврзани со природата?

– Во Етиопија се враќам веќе четирипати, Ангола и Јужен Судан засега, од причини што овие три земји, посебно Јужен Судан и Ангола, до скоро беше невозможно да се посетат поради граѓанските војни, така што во тие делови модерниот свет секако не е навлезен. Дефинитивно жителите на племињата се поинтимно поврзани со природата од која зависат. Природата во некои делови е премногу сурова, особено во Јужен Судан каде што е суша или фаќаат поројни дождови.

Фото: Билјана Јуруковски

Каква е врската помеѓу Вашата уметност и зачувувањето на културното наследство на племенските заедници? Дали можеби со Вашата документација, пишувате историја?

– Па се надевам дека до некој степен пишувам историја и ќе оставам наследство за идните генерации и фотографии на народи што можеби за 20 години нема да постојат, како што Едвард Куртис ги фотографираше домородните Индијанци пред нивниот начин на живот да биде уништен од западниот свет. Многу од народите што ги фотографирам се веќе останати во мал број, на пример, се претпоставува дека племето Џије од Јужен Судан останале помалку од 12.000 жители и земајќи ги предвид условите во кои живеат, болестите со кои се соочуваат помеѓу племенските војни, недостигот на вода и храна, сметам дека се изложени на голема опасност од исчезнување.

Најчесто, во фокус на портретите се жени. Дали тоа е лична преференца или е културолошка одредница? Може ли да ни раскажете како една жена во Јужен Судан го поминува својот ден?

– По малку од двете. Жените особено, во Африка се одраз на издржливост и храброст. Тие се ’рбетот што го држи општеството. Животот на една жена во Јужен Судан започнува многу рано, во зависност дали имаат добиток, на пример, кај Мундарите жените и децата се разбудени веќе пред изгрејсонце и почнуваат да го собираат изметот (и лепешките) од кравите, кој служи подоцна во вечерта да се запали оган чија миризба и чад ги одбива комарците и другите инсекти што навистина претставуваат голем проблем и се преносители на многу болести. И со ова ја гледаме поврзаноста помеѓу луѓето, добитокот и природата. Се продолжува со молзење на кравите, а доколку припадниците на некои племиња немаат добиток како, на пример, Џије, тогаш по подготовката на храна, жените заминуваат во потрага по вода. Има делови каде што жените пешачат и по 80 км во еден правец во потрага по вода.

Фото: Билјана Јуруковски

Дали одите на овие авантури сама? Како сте прифатени од локалното население? Како го перципираат Вашиот апарат?

– Секогаш нагласувам дека за да бидеш прифатен, треба прво ти да ги прифатиш луѓето каде што одиш, да имаш почит, да можат и другите да го почувствуваат тоа за да го прифатат. Егото верува дека е најголем непријател и затоа егото мора да се отфрли не само за таму, туку и општо, комплетно човек да го исфрли и да заборави на оние титули што ги поседува во западниот свет и да се препушти комплетно на тамошниот начин на живот. Преферирам да патувам сама, но на некои дестинации како Јужен Судан е невозможно, така што мора да бидат организирани експедиции најчесто од антрополог.

Фото: Билјана Јуруковски

Во врска со апаратот и прифатеноста, и тие се љубопитни како што сум јас, но секој народ, секое племе реагира различно. Мора да се почитуваат одлуките на старешините. Значи до каде и да се појде, најпрво се прават преговори со старешините и се добива усна дозвола и најчесто посредуваат луѓе од самата заедница што нè придружуваат. Во Етиопија, поради тоа што се враќам неколкупати, секое одење назад носам фотографии од минатиот пат, ортома, штипки и помеѓу две дрва ги поставувам фотографиите на ортомата и им правам, ете да речеме, една изложба. Тоа се прекрасни моменти кога ќе се види мајка што била фотографирана со своето дете пред една година, има доста смеење, радост и е прекрасно чувството како за мене, така и за луѓето. Инаку, додека фотографирам, секогаш им ги покажувам фотографиите на камера или неколкупати сум носела со себе инстант полароид камера со која ги фотографирам и веднаш им ги давам фотографиите.

Фото: Билјана Јуруковски

Колку од „мајката земја“ се има врежано во Вашите мисли и начин на живот? За колку е човек побогат, кога поминал време во Африка?

– Верувам, самите патувања, изложувањето на различни ситуации има влијание врз мојот начин на живот. Иако додека сум таму премногу скромно преживувам, значи само основна храна, вода, спиење во шатори на 50 степени Целзиусови. Верувам дека секогаш се враќам побогата духовно, емотивно и со знаење. Како човек ме прави да сум приземјена и да ги ценам вистинските вредности во животот, вредностите на фамилијата, традициите, културата и почит кон луѓето. Истовремено се отвораат многу прашања на кои сè уште немам одговор, фрустрации особено кога во 21 век сведочиш место каде што нема вода, има недостиг на храна, хуманитарни кризи и фактот дека од целокупното население од 11 милиони во Јужен Судан 8 милиони луѓе гладуваат, ме разочарува. На почетокот ја спомнав фотографијата на Кевин Картер на детето и мршојадецот, која беше сликана во 1993 година токму во Јужен Судан, и денес 29 години по таа фотографија што го обиколи светот, работите сè уште не се сменети.

Фото: Билјана Јуруковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот