ИНТЕРВЈУ Имер Селмани: Албанец за премиер е легитимен, но задоцнет предлог

EPA/VALDRIN XHEMAJ

Имер Селмани, поранешен градоначалник, вицепремиер и министер за здравство, важи за првиот политичар Албанец кој ја проби меѓуетничката брана и ги освои симпатиите и гласовите на етничките Македонци на претседателските избори во 2009 година. Со своите толерантни ставови, со идеите како и кон што треба да се стреми државата, тој и денес ужива висок углед во јавноста.

Господине Селмани, што мислите за предлогот на ДУИ идниот премиер да биде Албанец?

– Предлогот е легитимен и во интерес на нивната партиска предизборна кампања. Се разбира дека ќе имаше многу повеќе тежина ако оваа идеја беше промовирана и понудена на сите други албански политички партии пред почетокот на изборниот процес, значи некаде кон крајот на 2019 година. Вака другите партии или го отфрлаат предлогот или го сметаат само како популистички потег. Ако ги прескокнеме претходните оспорувани елементи, барањето Албанец да биде премиер секако дека е легитимна и возможна цел, како секоја друга политичка функција. Ако се обезбедат доволно гласови на избори или во парламентот.

Каква личност треба да биде Албанецот кандидат за премиер за да биде прифатлив за сите?

– Се разбира дека највисоките функции какви што се претседател на држава, премиер на Влада и претседател на Собрание заслужуваат личност не само со лична професионална подготвеност, туку и со личен кредибилитет, фактор што ќе ги обединува сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност.

Граѓаните, и Албанци и Македонци, кон кои се обраќа ДУИ, досега не можеа да видат ниту за која личност станува збор, ниту, пак, со какова платформа ќе настапи кандидатот за премиер?

– Да така е. Додека нема конкретен предлог, сѐ е во рамките на шпекулациите. ДУИ доцни со името и презимето на кандидатот.

За разлика од ситуацијата во која сега нѐ става ДУИ, Вие на изборите 2009 година, кога се кандидиравте за претседател на државата, настапивте со програма со која ја освоивте довербата на околу 145.000 гласачи, од кои еден дел и од македонското гласачко тело. Дали уште тогаш видовте зародиш за демократски исчекор и подготвеност на ова мултиетничко општество да избере кандидат за која било висока функција, без разлика на неговата етничката припадност?

– Да, така е. И тогаш и сега гледам огромен демократски потенцијал кај сите граѓани на нашата држава (со ретки исклучоци). Да не верував во граѓаните, немаше да се кандидирам. Тогаш фалеа малку гласови за да го смениме на подобро текот во државата.

Сепак, функцијата премиер е малку поразлична од онаа претседател на државата. Премиерската е повеќе извршна и се заснова на економска и политичка платформа. Со чија платформа ќе владее кандидатот за премиер, ако е натпартиски и предложен од ДУИ?

– Програмата на секоја влада ја гласа и ја одобрува парламентот со минимум 61 глас. Значи, како што имаме консензуален претседател на држава, би имале и консензуален премиер поддржан од повеќе партии.

Добивањето премиерска позиција, обично подразбира политичко пазарање и уцени. Каква разрешница ќе има тоа преговарање?

–  Не можеме да претпоставуваме каква разрешница ќе има и дали ќе има какви било преговори. Тоа зависи од распоредот на силите на политичките партии во парламентот после изборите.

Што ако ниедна од македонските партии не го прифати ултиматумот и поради тоа не може да се формира парламентарно мнозинство? Дали тоа може да води кон нови избори?

– Не мора. Вашето хипотетичко прашање се базира само ако ДУИ биде клучот за да се стигне до мнозинство за формирање на идната влада, а тоа засега не го знаеме.

Што ако некоја од македонските партии го прифати условот на ДУИ? Каква влада би добиле и според чија платформа би се водела државата?

– Ако која било партија од македонскиот блок биде доведена во ситуација да преговара и да договара влада со ДУИ, резултатот ќе биде ист – влада на меѓупартиски и програмски компромиси со ориентација кон ЕУ и НАТО.

Дали сметате дека премиерот Албанец ќе ги преферира и ќе ги фаворизира политичките и економските права и потреби на Албанците?

– Кој и да е премиер, треба и ќе ја спроведува владината програма, Владата е колективен орган. Честопати министрите може да имаат поголема моќ и од премиерот. Силата на премиерот е во тоа што може да именува и да разрешува членови на Владата пред Собранието.

Каков исход би имало тоа врз владеењето на таа влада?

– Ако премиерот нема силно мнозинство пратеници што го поддржуваат, тој е слаб премиер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот