Инспирации за дигитална уметност на 34. Ликовна колонија Галичник

Една од најстарите и најзначајни ликовни колонии кај нас ќе се одржи од 12 до 20 август во Галичник со учество на десет уметници што ќе работат на темата „Колонизација/ Деколонизација на природата“.

Ликовната колонија во Галичник имала разни фази во својот развој. Основана од сликарот Нове Франговски (1939-2017), колонијата направи убава традиција која главно беше базирана на традиционалните ликовни техники. Откако раководењето со колонијата го превзема неговата ќерка Ана Франговска, која е историчарка на уметност, традиционалното почна да го отстапува местото на новите медиуми. Така ќе биде и на 34. издание на колонијата во Галичник.

– Имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник е како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања и меѓунационалниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, онаа различната; односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија Галичник како специфика не само на национално, туку и пошироко, на регионално ниво. Квалитативниот императив е структурен елемент во систематската формална поставеност на оваа важна манифестација, а потврдата на местото и неговото значење не подразбира имитација и неиновативност. Напротив, стремејќи се кон нешто ново, различно, уникатно и рецентно, тоа е модерна карактеристика што ја следеше менаџерскиот тим на Ликовната колонија Галичник и затоа ја добивме идејата за промена на медиумот на работилницата.

Ана Франговска

Дигиталната уметност, или поопшто, уметноста на новите медиуми е детерминанта, т.е. уметноста на новото време, новите технички и технолошки придобивки, интернет уметност, компјутерската уметност, дигиталната фотографија и графика, видео инсталациите, виртуелната реалност… сите тие ги надградија класичните медиуми на штафелајно сликарство, скулптура, цртеж, графика. Со ваквиот пристап Галичката ликовна колонија стана единствена колонија од ваков вид на регионално ниво. Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и Реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност, воопшто, и секако аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата – истакнува Ана Франговска.

Учесници на 34. издание на Ликовната колонија Галичник се Аница Вучетиќ и Јелена Владушиќ од Србија, Калин Серапионов и Пенка Минчева од Бугарија, Ефи Фурики од Грција, Фуруја Такахиса од Јапонија, Ларс ден Хертог од Холандија, Ил Џафери од Косово, како и македонските уметници Иван Блажев и Филип Велковски. Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е на „Колонизација/ Деколонизација на природата“.

На 34. Ликовна колонија Галичник учествуваат десет уметници

– Користењето на природните извори без никаква стратегија и план ќе не доведе до неурамнотежена природа и цели еко-системи што го „паметат нападот“ ќе почнат да ги враќаат ударите во различни форми и облици. Сведоци сме на многу пандемии и ендемии, земјотреси и цунами, пустошење на земјата, области, градови и труења кои доаѓаат од самата земја, како рак рани на почвата. Дали треба да продолжиме со нашата надмоќ над Земјата или да почнеме да ги користиме природните добра со контрола и стратегија? Дали сме ние колонизатори на природата и дали треба да почнеме да ја деколонизираме од Своето Јас? – се прашања што Франговска ги поставува како предизвик за уметничко дејство.

На колонијата е планирана и интеракција со локалното население со јавни претставувања на уметниците на 17 и 19 август, а ќе има и работилница за деца што ќе се одржи на 19 август на Упија. Колонијата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 191, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот