ИНФОГРАФИК: Жените заработуваат помалку од мажите во сите земји на ЕУ, освен во една

Протест на жените во Женева, Швајцарија, 14 јуни 2023 година заради нееднаквите плати, притисоците врз вработените со скратено работно време, товарот на работата во домаќинството и сексуалното насилство/Фото: EPA-EFE/MARTIAL TREZZINI

Податоците од 2022 година покажуваат дека жените во Европа заработуваат во просек 12,7% помалку од мажите – со други зборови, на секои 100 евра заработени од маж, жената заработува 87,3 евра. Разликата е уште поголема во многу земји, со родовиот јаз во платите во Естонија од 21,3%, а потоа следат Австрија (18,4%), Швајцарија и Чешка (и двете од 17,9%).

Јазот е под просекот на ЕУ во сите јужноевропски земји. Сепак, родовиот јаз во платите е под 5% само во три земји од ЕУ: Белгија, Романија и Италија. Луксембург е единствената земја каде жените заработуваат нешто повеќе од мажите.

Постојат неколку причини за тоа, од кои сите се загрижувачки. Европската комисија идентификуваше некои од главните причини, вклучувајќи секторска сегрегација, дискриминација во платите, нееднаков удел на неплатена работа и злогласниот стаклен таван – метафора што се користи за да се опишат невидливите бариери кои ги спречуваат жените да напредуваат на скалата во кариерата.

Севкупно, јазот се чини дека е поголем во приватниот сектор. И покрај бавното подобрување со текот на времето (помеѓу 2012 и 2022 година родовиот јаз во платите во ЕУ беше намален за 3,7%), има уште долг пат да се помине за да се постигне родова еднаквост во платите. Најголем напредок има Шпанија, со намалување од 10 процентни поени за 10 години.

Во Луксембург жените заработуваат повеќе од мажите

Само во Луксембург жените заработуваат повеќе од мажите. Според неприлагодениот родов јаз во платите, жените во малата западноевропска земја заработувале 0,7% повеќе од нивните машки колеги.

Неприлагодениот родов јаз во платите ја мери разликата помеѓу просечната бруто заработка на мажите и жените на час и не ги зема предвид другите варијабли како што се образовното ниво, возраста, работните часови или видот на работа.

Извор: Еуростат 2022/Изработил: Елисавета Бејкова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот