ИНФОГРАФИК: Создаваме отпад, ама го расфрламе на ѓубришта

отпад
Отпад/ Фото: МИА

Најголем дел од собраниот комунален отпад, односно дури 99,8 проценти се исфрла на депонија, што значи дека само околу 0,2 отсто од ѓубрето се рециклира.

Според количеството создаден комунален отпад сме блиску до просекот на земјите на Европската Унија, но според начинот на кој се справуваме со него сме децении назад. Македонија, барем според официјалната статистика, е далеку од стандардите на ЕУ за третман на отпадот, бидејќи податоците зборуваат за тоа дека најголем дел од собраниот комунален отпад, односно дури 99,8 проценти се исфрла на депонија, што значи дека само околу 0,2 отсто од ѓубрето се рециклира.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупното количество создаден комунален отпад во Република Северна Македонија во 2020 година изнесува 913.033 тони. Годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2020 година изнесува 452 кг по жител, што е за еден процент помалку од истото количество во 2019 година. Во споредба со нас, просекот во ЕУ земјите во 2019 година создале по 502 килограми отпад по глава на жител.

Далеку поважен е начинот на кој создаденото ѓубре се третира и каде завршува. Според ЕУ-директивата за отпад од 2008 година, основа на справувањето со проблемот со создадениот отпад треба да бидат следните принципи, според истиот редослед по приоритет: превенција на создавање на отпадот, реупотреба, рециклирање, искористување на енергетскиот потенцијал на отпадот и на крајот – отстранување, односно депонирање.

Повеќе од една четвртина од отпадот е од Скопскиот Регион

Повеќе од една четвртина од собраниот отпад е во Скопскиот Регион – 170.660 тони, или 27,1 процент, од што 83 отсто се собрани од домаќинствата, а преостанатите 17 отсто од правни и физички лица (т.н. комерцијален отпад). На територијата на град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ во 2020 година подигнала и транспортирала 158.476 тони комунален отпад, односно за 3,07 отсто повеќе во однос на претходната година. Од нив, во центрите за селекција лани е извршена селекција и балирање на 4 тони пластика, 14,04 тони хартија и 465,35 тони стакло. Севкупно, во 2020 година, селектирани се 483,39 тони комунален отпад, или само 0,3 отсто од вкупниот собран комунален отпад во главниот град.

Ако ова се спореди со податоците за ЕУ, разликата во начинот на справување со отпадот уште повеќе боде очи: во 2018 година на ниво на ЕУ повеќе од половина од создадениот отпад бил третиран на еколошки начин – 37,9 проценти се рециклирани, нешто повеќе од 10 проценти се искористени како неопасен градежен материјал за затрупување (таканаречен „backfilling“) и шест проценти од отпадот биле искористени за производство на енергија. Од преостанатата половина, 38,4 отсто завршиле на депонија, а остатокот од ѓубрето завршило на друг начин, главно се извезува во земји надвор од ЕУ.

Само „Дрисла“ исполнува минимум стандарди

За начинот на кој Македонија се справува со отпадот, редовно се изјаснува и Европската комисија во годишните извештаи за напредокот на Северна Македонија кон членството во ЕУ. И годинава мета на критиките беше невоведената селекција на отпадот, немањето економски механизми за стимулирање на рециклирањето и реупотребата на отпадот во склад со ЕУ- регулативата и стандардите за справување со отпадот. Од ЕК беше нагласено дека донесените закони за отпадот се чекор во добра насока, но недоволни, бидејќи не се спроведен регионалниот систем за третман на отпад и бидејќи државата сѐ уште ги толерира дивите и нестандардни депонии.

Државата во моментов само воспоставува систем. Од шесте регионални депонии по европски стандарди, придружени со изградени системи за прибирање и селекција на отпадот, предвидени со државни планови и стратегии, ниту една досега не е изградена, па целиот комунален отпад и натаму завршува на ѓубришта. Освен скопската депонија Дрисла, која исполнува минимум стандарди за својата намена, сите други општински депонии се обични ѓубришта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот