Илон Маск: До крајот на 2020 година Тесла ќе произведе целосно автономно возило
Автомобилите на Тесла веќе делумно се автономни, но аналитичарите мислат дека производството на потполно автономни возила наидува на значителни правни и регулаторни препреки.
Илон Маск, ексцентричниот сопственик на Тесла, рече денеска дека овој произведувач на електрични автомобили до крајот на годината ќе произведе целосно автономно возило, кое ќе вози без возач.
Претприемачот овие години во повеќе наврати даваше смели прогнози ветувајќи такво автономно возило првпат во 2018 година, а потоа го помести рокот до почетокот на 2020.
„Сосема сум сигурен дека многу брзо, уште оваа година, ќе го достигнеме петтиот степен на автономно возење, кое во начело е целосно самостојно возење“, рече Маск во видеопораката на отворањето на Меѓународната конференција за вештачка интелегенцијата (WAIC) во Шангај.
Постојат пет групи на самовозечки автомобили, зависно од нивниот степен на автономија. Петтиот степен се целосно автономни автомобили кои можат да возат без возач на било кој пат.
Автомобилите на Тесла веќе делумно се автономни, но аналитичарите мислат дека производството на потполно автономни возила наидува на значителни правни и регулаторни препреки.
Компанијата Тесла минатата недела на берзата достигна највисока вредност од сите претпреијатија во автомобилскиот сектор, надминувајќи ја Тојота, иако компанијата на Маск продава многу помалку автомобили од јапонскиот конкурент.
Вредноста на Тесла на њујоршката берза надмина 224 милијарди долари.