Илјадници познати личности жртви на „дипфејк“ порнографија

Дипфејк видеа / Фото MARCUS BRANDT / AFP / Profimedia

Најново истражување покажа дека илјадници познати личности биле жртви на „дипфејк“ порнографија, пишува Гардијан.

Анализата на британскиот Ченел 4 на петте најпосетувани „дипфејк“ веб-страници покажа дека на листата има речиси 4.000 познати личности, од кои 255 се Британци.

Меѓу нив има актерки, телевизиски ѕвезди, музичари и јутјубери, чии лица се вметнати во порнографски материјали со помош на вештачка интелигенција. Истрагата покажа дека страниците имале над 100 милиони прегледи за само три месеци.

Телевизиската водителка Кети Њуман, која била идентификувана како една од жртвите, рече дека се чувствува виновна. „Навистина е морничаво чувството дека не можам да видам кој го направил ова, и секој може да ја види оваа моја лажна верзија“, рече таа.

Во Британија оваа година беше донесен закон со кој споделувањето такви слики без согласност е незаконско, но создавањето на содржината не е. Неодамна, има сè поголеми проблеми со злоупотребата на вештачката интелигенција и технологијата на „дипфејк“, не само во порнографските содржини како една од најгрозните форми.

Во 2016 година, истражувачите првпат идентификуваа „дипфејк“ порнографско видео на интернетот. Во првите три квартали од 2023 година, 143.733 нови порно видеа беа поставени на 40-те најкористени „дипфејк“ порно-страници, повеќе од сите претходни години заедно.

Софи Периш (31) од Мерсисајд откри дека нејзините лажни голи слики биле објавени на интернет пред да биде воведен законот.

„Тоа е многу насилно, многу понижувачко. Како жените да не значат ништо, ние сме само безвредни, ние сме само парче месо. Мажите можат да прават што сакаат. Повеќе не верувам никому“, рече таа.

Државите размислуваат како да стават крај на овие понижувачки содржини, а одговорноста се префрла на технолошките гиганти и давателите на интернет услуги.

„Разбираме колку оваа содржина може да биде вознемирувачка и посветени сме на градење на постојната заштита за да им помогнеме на жртвите“, рече портпаролот на Гугл.

„Според нашите политики, луѓето можат да ги отстранат страниците што ја прикажуваат оваа содржина од пребарувањето. Ова е технички предизвик за пребарувачите и ние активно развиваме дополнителни заштитни мерки за пребарувањето на Гугл, вклучувајќи алатки за да им помогнеме на луѓето да се заштитат во поголем број, заедно со подобрувања во рангирањето за да се спречи ширењето на оваа содржина“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот