Идеолошката левица ја создаде македонската држава, десницата конфузно ја релативизира

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Неверојатно е како историјата се повторува и се потврдува правилото дека се е обратно во перцепцијата дека левицата врши константно “предавство” на националните прашања а десницата е голем борец за македонштината.

Вчерашните амандмани со кои се дава поддршка на бугарската позиција кон Северна Македонија само уште еднаш го потврдуваат правилото кое се проткајува низ историјата, левицата ја гради и создава македонската државност и идентитет, додека десницата делува конфузно, дезинтегративно и нејасно во однос на идентитетот.

Амандманите на извештајот за земјава кои одат во корист на Бугарија ги поднесоа представници на европските десни Народни партии, додека претходниот ден представници на Европската социјалистичка партија и Партијата на зелените поднесоа амандмани кои ја осудуваа бугарската позиција.

Амандманите на десницата беа прифатени од Европратениците, додека оние од левицата беа одбиени и тоа после силно лобирање на бугарските европратеници Ковачев и Џамбаски, кои доаѓаат од десничарските ГЕРБ и ВМРО од Бугарија. Неверојатно е како историјата се повторува и се потврдува правилото дека се е обратно во перцепцијата дека левицата врши константно “предавство” на националните прашања, а десницата е голем борец за македонштината. Да се вратиме еден век наназад, митот за ВМРО е изграден врз борбата против турската власт на овие простори.

Движењето на отпорот против окупатор кој векови владеел со територијата создава силен романтичарски занес и гради наратив за кодот на ВМРО во секој Македонец. Но сега во преговорите со Бугарија на виделина излегоа документи кои биле сокриени токму од левицата во поранешна Југославија со цел да не се врши конфузија во идентитетската приказна. Имено речиси да не постои револуционер кој делувал под ВМРО, ТМОРО или некој друг акроним, а кој не создава идетитетска забуна со тогашните изјави дека биле Бугари, дека Македонците се Бугари или дека зборувале на бугарски јазик.

Откако тие реално скриени податоци за јавноста излегоа на виделина, историчарите го објаснуваат со тогашниот контекст и непостоењето на македонска држава. Сепак, останува фактот дека таа збунетост на македонските револуционери создава идентитетска забуна и во 21 век. Она што треба да се знае е дека илинденците или поранешните револуционери не треба автоматски да се ставаат во кошницата на десницата, бидејќи нивната идеологија често била лево ориентирана.

За разлика од овие конфузни пораки во однос на македонскиот идентитет и државност, во 1934 Коминтерната од Москва носи резолуција со која прв пат некоја меѓународна организација го признава правото на самоопределување на македонскиот народ. За воља на вистина, оваа резолуција на Коминтерната се носи после претходната посета на Петар Чаулев  и Димитар Влахов од страна ВМРО, но мразот за македонската државност ја крши претставникот на идеолошката ултра левица олицетворен во руската Коминтерна.

Покрај митовите за античкото македонско царство врз кој дефакто се гради и идејата за посебна македонска нација во 19 век, елементи за евентуална македонска државност се препознаваа и во средновековното Самуилово царство, но денешните историчари или археолози признаваат дека не постои ниту еден доказ кој Цар Самуил би го поврзал со македонски идентитет.

Така првата официјална призната државност македонската држава ја добива 1944 преку југословенската комунистичка партија (КПЈ) и Јосип Броз Тито. Повторно на сцена стапува идеолошката левица која во целина го признава правото на Македонскиот народ на самоопределување и на делување во државна целина која во себе ја носи именката Македонија.

За време на постоењето на југословенската држава во тогашна Социјалистичка Република Македонија се цементираат темелите, ѕидовите и покривот на македонскиот идентитет, преку создавање на МАНУ, МРТВ, УКИМ или македонските културни и спортски институции. Класичен оксиморон е тврдењето на десницата после осамостојувањето дека југословенската држава го репресирала македонскиот идентитет, кога се случила сушта спротивност.

После 1991 и создавањето на првата независна Македонска држава би ги прескокнал менувањата на партиите на власт и идеолошката забуна кој меѓу нив и кога е лев или десен. Финалниот државотворен чекор за земјава се случува во 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор, бидејќи со тој чекор Северна Македонија стана дел од НАТО и трајно го трасира својот западен пат. Преспанскиот договор ја има истата важност за земјава како првиот или вториот Илинден, и повторно за него е заслужна идеолошката левица преставена преку Ципрас и Заев.

Другата придобивка од Преспанскиот договор, почнувањето на преговори со ЕУ повторно беше блокирана, замислете изненадување од европската десница олицетворена во Емануел Макрон и Бојко Борисов. Очигледно е дека десницата е историски погубна, а дека левицата ја создала македонската држава и навистина е запрепастувачки што веројатно кај поголем дел од јавноста владее обратна перцепција.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот