И утре продолжува бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“, родителите не отстапуваат

Бојкот на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“

Бојкотот на наставата од прво до деветто одделение во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче продолжува и утре – ваква одлука е донесена на состанокот на Советот на родители, кој се одржа вечерва.

Родителите не ги пуштаат децата на настава поради ученик од трето одделение со насилно поведение, а според нив, бојкотот ќе продолжи „до институционално разрешување“ на ситуацијата.

Бојкотираат и учениците од ОУ „11 Октомври“, каде требаше да биде префрлен проблематичниот ученик, а директорката тврдеше дека дала согласност за негов упис по редовна постапка, ама се пишманила, затоа што добила информации за историјата на детето кои не ѝ биле претходно познати.

Родителите на учениците од „Лазо Ангеловски“ велат дека проблемот има генеза, историја и дека се незадоволни од работата на Центарот за социјални работи, од педагошката служба и поранешните обиди проблемот да се турка под тепих сè додека не ескалирал до степен повеќе да не може да се замижува пред него.

Денеска МОН извести дека е формирана интердисциплинарна комисија во врска со случајот, која ќе треба да го разгледа и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.

– Министерството за образование и наука учествува во изнаоѓањето решение за случајот со ученикот со кој јавноста е веќе запознаена и во таа насока, на иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани, велат од МОН.

ФОТО | „Малиот тука ќе учи!“: Осамна транспарент во училиштето „Лазо Ангеловски“, кое зјае празно

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот