И натаму отсуствуваат мерки за наставата со физичко присуство

Човек врши дезинфекција на училница во скопско училиште / Септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Иако расте бројот на заразени во основните училишта, во Комисијата за заштита од заразни болести засега не размислуваат за заострување на рестриктивните мерки во однос на наставата со физичко присуство што се однесува само ученици до третото одделение.

Вчера претседателот на Комисијата, д-р Жарко Караџовски, рече дека во најголем дел од училиштата во земјата нема толкаво зголемување на бројот на заболени наставници и ученици за да се преземат дополнителни мерки на ограничување.

По завчерашните информации за позитивни случаи на ученици и на просветни работници во скопското училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, вчера пристигна веста и за нов кластер во битолското училиште „Коле Канински“. Во „Владо Тасевски“ наставата функционира само од далечина.

– Десет вработени лица се позитивни на вирусот, а позитивни се и десетина деца, со тоа што бројката се менува постојано како што стигнуваат позитивни тестови – велат од Општина Карпош за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека е голема веројатноста бројот на заразени ученици да порасне.

– Дел од децата имаат симптоми, меѓутоа одговорноста е на родителите да ги тестираат децата. Училиштето не може да ги примора сите децата задолжително да направат тест – велат од Општината.

„Слободен печат“ од свои извори дознава дека и во ОУ „Вера Циривири Трена“, исто така, имало заболени со коронавирусот, но директорката ни ја демантираше оваа информација. Од Општина Карпош ни рекоа дека состојбата во ниту едно училиште не е влошена како во „Владо Тасевски“.

– Во сите училишта во цела Македонија има заболени, но состојбата никаде не е алармантна како во „Владо Тасевски“ – нагласија од Општината.

Дома се 28 деца од градинка и нивните две воспитувачки, а претходно во изолација заминаа и десетина деца од друга детска градинка во Штип. Тестовите потврдиле дека се позитивни и двајца наставници од основно училиште што држат настава со физичко присуство, па околу 50 ученици од две одделенија од две штипски основни училишта ќе се префрлат на онлајн настава, јавуваат колегите од градот под Исарот.

Претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести д-р Жарко Караџовски посочи дека без разлика на тоа што има заболени во училиштата, засега нема да се донесе мерка со која онлајн наставата целосно ќе го замени физичкото присуство на учениците.

– Бројката на заразени во сите училишта не е толку сериозна за да донесеме одлука помалку ученици да посетуваат настава со физичко присуство, односно наставата со физичко присуство целосно да ја замениме со онлајн настава – истакна Караџовски.

Тој дополни дека Комисијата е во постојан контакт со Министерството за образование и наука и заеднички ја следат состојбата со вирусот во училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот