Холандски фонд купува мнозински удел на Клиниката „Жан Митрев“

Холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер Б.В“ купува мнозински удел во болницата „Жан Митрев“ и стекнува директна контрола врз неа, објави Комисијата за заштита на конкуренцијата. Купувањето на удели во „Жан Митрев“ од страна на холандската фирма го најави и самата приватна болница. Холандската фирма врши дејност на финансиска холдинг компанија, која врши инвестиции во претпријатија кои вршат дејности поврзани со здравствени услуги.

Клиниката е во финални преговори за стратешко партнерство со холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер Б.В“. Како што информираа од клиниката, преговорите се за влез на Фондот како партнер во Клиниката што ќе овозможи здравствената установа да прерасне во регионален медицински центар.

„На ваков начин стануваме финансиски помоќни за да растеме побрзо и да се развиеме во вистински регионален центар за здравствени услуги со највисоки стнадарди. Според договореното, доктор Жан Митрев како и досега ќе ја предводи целата операција на трансформација на Клиниката во регионален центар каде учат и се развиваат и нови кадри на лекари во делот на кардиохирургијата и останатите дејности. Ќе се овозможи и поголема соработка со експерти од странство а нашата експертиза ќе биде искористена медицинските центри во сопственост на холандскиот фонд што значи проширување на дејноста на Клиниката на регионално ниво“, велат од Клиниката „Жан Митрев“.

„Балкан Алајанс Хелткер“ е формиран во 2006 од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови. Предводен е од Дејвид Лајл Метјувсон и Андреи Кристијан Крикливи кои се бизнисмени во делот на инвестиции во здравствениот сектор, телекомуникациските медиуми и финансиските услуги. Во делот на здравствениот сектор имаат свои инвестиции во Албанија и Косово каде поседуваат шест медицински центри. Во план за регионално проширување се Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција и Романија. Вредноста на фондот во моментот е 320 милиони американски долари.

Комисијата за заштита на конкуренцијата ги повика сите заинтересирани страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата.

„Врз основа на прелиминарно испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“, велат оттаму.

Клиничката болница Жан Митрев има едно зависно друштво и тоа, приватна здравствена установа поликлиника од специјалистичко-консултативна здравствена дејност „Жан Митрев Дијагностик“ Струмица, со регистрирана дејност од специјалистичката медицинска пракса. Во болницата се вршат дејности поврзани со давање различни здравствени услуги и тоа општа хирургија, кардиоваскуларна хирургија на деца и возрасни, ортопедија, интерна медицина, гинекологија и акушерство, урологија, детски болести, радиодијагностика, психијатрија, неврологија, лабораторија и друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот