Грујовска: Од почит кон Ромите го тргнавме зборот „циган“, другите зборови нема да ги тргнеме

Откако на Денот на македонскиот јазик 5 мај беше промовиран електронскиот  Толковен речник на македонскиот јазик не стивнуваат реакциите на јавноста за содржината на зборовите кои се најдоа во речникот. Дваесет и еден автор кои 12 години го подготвуваа толковниот речник од 4.200 страници се на удар на непознавачите на лингвистиката.

Жестоко се критикувани зборовите како „курва“, „педер“, „ороспија“, „циган“, „каур“… по што уредништвото на Речникот потклекна под притисокот и поради заканата со протест („на Ромите од цела Македонија и Европа“), како и напуштање на парламентарното мнозинство на пратениците од оваа националност, одлучи да го тргне зборот „циган“ од речникот.

Дали истото ќе се случи и со останатите зборови кои некому не му се допаѓаат ја прашавме директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Грујовска, која пред само два дена го промовираше речникот.

-Република Македонија е единствена земја во светот во која Ромите се ставени во преамбулата на Уставот. Од почит кон оваа етничка заедница направивме исклучок од научното правило, а науката вели дека сите зборови што постојат во јазикот треба да бидат исто третирани и ставени во речник со назнака дали е вулгарно, разговорно, пејоративно (грубо и навредливо). Инаку, утрово го проверивме ромско-македонскиот речник, во кој еден од авторите е Ром и внатре стои „циган“. Почитувајќи ги чувствата на ромската заедница, си ги погазивме нашите правила. Значи само од почит кон Ромите решивме овие зборови да ги тргнеме од дигиталниот речник. Зборовите „педер“, „ курва“ и „ороспија“  мора да останат, затоа што тие зборови без разлика дали ни се допаѓаат или не, постојат во нашиот јазик, објаснува директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Грујовска.

Картотеката за речникот е подготвувана 30 години, а самиот речник е подготвуван 12 години, на секои две години по еден том. Издадени се шест тома на 4.200 страници.

Емил Ниами, доктор на Филолошки науки испровоциран од случувањата, вели дека во лексикографските изданија, особено кога станува збор за толковен речник, се одбележуваат сите лексеми кои постојат во јазикот, без оглед на тоа дали се во активна или во пасивна употреба, дали се архаизми, историзми, во кој стилски пласт се употребуваат итн.

-Имено, одредниците „се циганчи“, „циганштија“ и „циганштилак“, на кои реагираа одредени здруженија, во речникот се проследени со скратениците „разг.“ и „пејор.“, односно разговорно и пејоратив, со што јасно се определува сегментот на нивната употреба. На овие одредници, како што може да се прочита во медиумите, како непожелни се додадени и други, за кои се бара да бидат исфрлени од речникот. Одредницата „курва“ е исто така проследена со скратениците „разг.“ и „пејор.“, одредницата „педер“ со „разг“ и „грубо“, одредницата „педераст“ со „грубо“ итн. Фактот што определени зборови не се општоприфатливи во секојдневната комуникација, не значи дека не постојат и не значи дека не треба да бидат опишани во едно вакво лексикографско издание. Чинот на исфрлање е чин на цензура, која е категорија забранета со Уставот, згора на тоа што станува збор за сериозен научен и лексикографски труд. На ваквиот „лов на вештерки“, може да се очекува да почнеме од речниците да ги исфрламе зборовите „кур“ и „пичка“ проследени со скратеницата „вулг“, односно вулгарно, како и многу други лексеми, кои во секојдневниот говор може да им се чинат навредливи на одредена група говорители. Треба да се има на ум дека едно вакво лексикографско издание не претставува прирачник за (не)употреба на зборовите, ами дава опис на нивните значења кои се одбележани во определени контексти (најчесто во литературата, но и во публицистиката итн), вели Емил Ниами и ги охрабрува авторите на овие одредници да не попуштаат и да се спротивстават на ваквиот чин на обесценување на нивниот труд.

Претседателката на Друштвото на писатели на Македонија, Соња Стојменска- Елзесер во изјава за „Слободен печат“ вели дека е погрешно да се избришат „проблематичните“ зборови и смета дека е наивно дури и да се помисли дека со бришење на некои од зборовите кои се најдоа во дигиталниот речник, ќе се поништи нивното значење.

Јазикот е жива материја во која се вткаени јазични ознаки за сé што постои во светот и векот, и како реалност, и како апстракција… Зборовите сами по себе се израз на она што луѓето го живеат, а меѓу луѓето има и злоба, и неморал и понижувања… Уметничките дела се градени од таков материјал. Речникот на еден јазик треба да ги опфаќа сите изрази, сите зборови и постојано да се надополнува со нови. Наивно и погрешно е да се мисли дека ако се избришат „проблематичните“ зборови ќе се поништи, заборави или „заташка“ нивното значење. Речниците им служат и на преведувачите на други јазици, така што тие би биле осакатени во преводот на дела во кои се употребени токму такви зборови, како и од социо-културните контексти во кои тие настанале. Постојат цели студии кои се занимаваат токму со пејоративните зборови и изрази кои, сакале ние или не, се дел и од нашиот секојдневен говор, но и од уметничката литература, и кои можат многу да ни кажат за историските контексти, општествата, менталитетите, психологијата…, вели претседателката на Друштвото на писатели на Македонија, Соња Стојменска-Елзесер.

Д-р Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик, која е еден од авторите на електронскиот толковен речник на македонскиот јазик, објави дека таа е автор на речничката одредница „циган“ и дека без нејзино одобрување терминот бил тргнат од речникот.

Ни протисоци ни бутур ни јавувања ни барање согласност. Јас сум автор на речничката одредница „циган“, да ми прости невладината организација Аја. Ноќеска видов го тргнале. Во печатената верзија стои. Таму не се трга толку лесно – ништо. Освен ако не се подложи на спалување. И ова го дозволува истата тројка, инаку водечка во Советот за македонски јазик, што во не толку далечната 2015 здушно го оневозможуваше излегувањето на Правописот на македонскиот јазик, стои во реакцијата на д-р Улчар.

Повлечени зборовите циганштија, курва, педер и други од дигиталниот толковен речник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот