„Гранит“ не е вклучен во изградбата на најголемиот инфраструктурен проект

Димитар Ковачевски Коридор 8
Фото: Влада на Република Северна Македонија

Македонија е обврзана според ЕУ-директивите и меѓународните конвенции во јавните набавки 51 отсто да бидат домашни компании и домашни ресурси, меѓутоа од првите информации што се достапни во јавноста нема ни 30 отсто од домашната работна сила или домашните ресурси, вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво

Македонскиот градежен гигант „Гранит“ во моментот не е меѓу подизведувачите на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој треба да го заврши најголемиот инфраструктурен проект на Коридорите 8 и 10Д, вреден повеќе од 1,3 милијарди евра, потврди за „Слободен печат“ Андреа Серафимовски, директор во ГП „Гранит“ и претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија. Освен првичната информација дека 36 од 37 подизведувачи се македонски фирми, Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, за нашиот весник изјави дека ниедна од фирмите на списокот кој е достапен до медиумите, не е нивна членка. Според информации на Пешевски, меѓу подизведувачите не е и ниту една голема македонска градежна компанија.

– Во моментот не сме ангажирани како подизведувач, а за во иднина не знаеме – вели Серафимовски. Како компанија, „Гранит“ беше активен на меѓународен план и изврши многу инфраструктурни проекти во Либија, Кувајт, Ирак, Русија, Украина, Германија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. „Гранит“ е во моментов присутен во Украина, Хрватска, Албанија и Косово, извршувајќи работа на патишта, мостови и аеродроми.

Актуелно компанијата работи на изградба на делницата од 20 километри од автопатот Кичево – Охрид и на терен се ангажирани 480 работници и 150 градежни машини.

– Имаме и потенцијал и ресурси, само треба да ги искористиме – додава Серафимовски. Тој вели дека до Здружението за градежништво веќе стигнуваат поплаки дека условите во понудените договори за компаниите подизведувачи се многу неповолни.
– Има жалби дека ќе треба да работат под многу лоши услови – истакнува Серафимовски.

Според претседателот на градежниот Синдикат, Македонија е обврзана според ЕУ-директивите и меѓународните конвенции што ги има ратификувано, во јавните набавки 51 отсто да бидат домашни компании, 51 отсто да бидат домашни ресурси, меѓутоа од првите информации што се достапни во јавноста, нема ни 30 отсто од домашната работна сила или домашните ресурси.

– Како може да очекуваме дека ќе имаме напредок и во домашната економија или во подигнување на БДП ако не им дадеме можност на домашните градежници, бидејќи така се стекнуваат и меѓународни референци за учество на странски тендери. Имаме и ресурси и работници, ама треба да се платат – вели Пешевски.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми потврди дека на конзорциумот му се префрлени 176 или 179 милиони евра, врз основа на потпишаниот Договор и финансиската програма, а целосна надлежност за подизведувачите има „Бехтел и Енка“. „АК инвест“, „Еуровиа“ и „Стентон градба“ се фирмите подизведувачи кои на 12 септември ја почнаа изградбата на делницата Гостивар – Букојчани, обелодени А1он. Според порталот, овие три фирми подизведувачи се дел од најавените домашни компании на кои „Бехтел и Енка“ како изведувач им го има доверено извршувањето на дел од работите за почетокот на изградбата на најкомплицираната делница, која има и најмалку земјиште за експропријација.

– Ниту Владата ниту ЈПДП имаат каква било надлежност во изградбата и изведувањето на работите – нагласи Рустеми. Тоа го потврди и вицепремиерот и координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10Д, Артан Груби.

Просечната плата во градежништвото е над 600 евра

Градежниот сектор годинава забележа двоцифрен пораст на нето-платите, со пораст од 36 отсто во првото тромесечје во споредба со 2022 година, што значи дека сега просечната нето плата во градежништвото изнесува 36.500 денари. Нелојалната конкуренција при јавни набавки и работата на странски градежни компании на стратешки проекти се дел од причините зошто домашните градежна оператива нема работа на домашна почва, смета Серафимовски.

– За задржување на висококвалификувани градежници, потребно е да им се обезбеди работа на големи проекти, каде што можат да ја применат својата експертиза и да стекнат доволно искуство за да станат конкурентни и квалитетни. Нашето искуство ни покажува дека нивото на знаење и квалификации на нашите градежници не е пониско од странските. Имаме квалитетен домашен стручен кадар, и поради тоа мораме да работиме на изградба на стратегија за развој на домашните градежни компании. Без успешни компании, нема успешни работници, а без продуктивни работници, нема успешни компании – додава претседателот на Здружението за градежништво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот