Граѓаните на мирен протест бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

Фото: МИА

Повеќе граѓани денеска поднесоа писмени барања до министерот за правда, Кренар Лога, за примена на измените од Законот за облигациски односи кои се однесуваат на застарувањето на долгови. Според нив, не се применуваат измените во Законот за облигациски односи од страната на извршителите, кои се однесуваат на застарувањето на долгови и покрај тоа што беа изгласани од Собранието и објавени во службен весник пред повеќе од седум месеци, како и покрај потврдата за уставноста на законот од Уставниот суд во јануари 2024 и одлуката на Законодавно правната комисија во Собранието дека не е потребно автентично толкување на законот.

„Стоп за извршителите“, „Зошто го донесовте законот, зошто го лажете народот“, „Не играјте пинг-понг со народот“, „Нема да гласаме ако не се спроведува законот“ беа дел од паролите со кои граѓаните поддржани од здруженијата „Човекот над профитот“, „Но Пасаран“, КСОМ и ПЦЕР денеска пред Министерството за правда одржаа мирен протест за Законот за облигациски односи пред да отпочнат со поднесувањето на барањата.

– Уставниот суд застана на наша страна, Народниот правобранител застана на наша страна. Само вие, извршната власт, не сте на наша страна, изјави Ана Глигорова од здружението „Човекот над профитот“.

Тие бараат во рок од осум дена овие барања да се процесираат и да им се нареди на извршителите предметите да почнат да застаруваат.

– Законот е јасен, 10 години од извршна исправа секаде во светот сè застарува, па камо ли овде, рече таа.

Самка Ибраимовски, македонски политичар од ромско потекло и претседател на политичката партија ПЦЕР, побара министерот за правда да го исполни ветувањето кое што им го дал, дека ќе постапува по одлуката на Уставен суд.

– Ни ветивте дека ако Уставниот суд ја отфрли иницијативата, ќе ни излезете во пресрет и ќе дејствувате, рече тој, и воедно информираше дека има 220 илјади блокирани сметки.

Марјан Ристески, активист и синдикалец, рече дека има сомнеж дека во прашање е криминал.

– Зошто не функционира откако го донесоа законот, се јавија олгаарсите и кога видоа дека се работи за огромна сум за пари останува кај нас сомнеж дека криминалот е во прашање, бидејќи се работи за голема сум за пари, рече тој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот