Градот штеди вода: Фонтаните пропрскуваат, чешмичките „пресушија“, зеленилото ноќе се полева

Фото: ЈП „Паркови и зеленило“

Топлотниот бран што изминативе десетина дена го зафати Скопје, ја зголеми потрошувачката на вода во градот. Од ЈП „Водовод и канализација“ веќе упатија апел до граѓаните рационално да ја користат водата и да не ја трошат непотребно за наводнување дворови и ниви, за полнење базени и за миење автомобили. Сепак, како што велат, снабдувањето со вода за пиење на граѓаните, не е доведено во прашање.

 Водоснабдувањето на граѓаните во ниту еден момент не е загрозено, бидејќи сите потреби за вода стабилно се задоволуваат од изворот Рашче. Доколку има потреба, на располагање се и алтернативните бунарски подрачја – тврдат од јавното претпријатие.

За ЈП „Водовод и канализација“ еден од поголемите проблеми со кои се соочува се дивите приклучоци, со кои се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во Скопје. Затоа оттаму апелираат до скопјани доколку забележат див приклучок, да го пријават во претпријатието, а доколку овластен комунален инспектор на општината и на Градот открие див приклучок, тогаш ќе биде покрената прекршочна постапка за сторено кривично дело.

Освен апелот до граѓаните да внимаваат колку трошат вода, очигледно е дека јавното претпријатие штеди вода на секој начин, па и кога тоа не е во интерес на граѓаните. Фонтаните на плоштадите, за чие одржување се грижи „Водовод и канализација“, откако подолго време воопшто не работаат, сега се пуштени на минимум, колку да се рече дека прскаат. Не работат ни повеќето чешмички низ Скопје, што е голем проблем за граѓаните во вакви жешки летни периоди.

Кога имате намера да ги пуштите градските чешми, штедите ли вода на сметка на здравјето на граѓаните на овие пеколни температури? Ниедна чешма на Партизанска и во Центар не работи. Треба ли вашите сограѓани да припаѓаат од дехидрираност, па да реагирате и да си ја завршите домашната работа. Срамота! Ова е првпат по многу години скопјани да доаѓаат до чешмите и жедни да се разочараат од својот град – коментира скопјанец под објавата на „Водовод и канализација“ дека водата треба рационално да се користи, но нема одговор од претпријатието на неговата реакција.

Дали се штеди вода и за полевање на јавните зелени површини и дали поради штедење ќе се дозволи тие да се исушат? Од ЈП „Паркови и зеленило“ тврдат дека полеваат редовно, односно дека сите активности какви што се косење на тревните површини, собирање откос, кроење грмушки, собирање хартија и отпадоци, а особено полевањето на зеленилото, се активностите што се предвидени со Годишната програма за работа на претпријатието, кои се реализираат како редовни работни задачи во одржување на јавните зелени површини низ градот.

Полевањето на тревата, цветните површини и садниците, како што објаснуваат од „Паркови и зеленило“ се врши рано наутро, но поради екстремно високите температури периодов и потребата од обезбедување вода за граѓаните од високите зони, од вчера екипите започнале со ноќно полевање на тревните површини и зеленилото, и тоа од 22 часот навечер до 6 часот наутро.

За жал, речиси насекаде во градот зеленилото се наводнува со вода за пиење, освен во делови од Аеродром.

 Во одржувањето на зеленилото, значајно е неговото редовно полевање што го реализираме преку инсталирани системи за полевање преку хидранти, црева и прскалки, кои се приклучени на градската водоводна мрежа и тоа речиси низ сите реони во градот, со исклучок на зеленилото во Градскиот парк и во делови од општината Аеродром, каде што полевањето го вршиме со вода од бунари. Онаму каде што нема поставен систем за полевање, тоа го вршиме со цистерна – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Од „Водовод и канализација“, пак, на прашањето со каква вода се полева јавното зеленило, даваат поинаков одговор.

 ЈП „Паркови и зеленило“ за наводнувањето на зелените површини користи комбиниран систем, и тоа најмногу од подземните бунари – тврдат од јавното претпријатие што се грижи за снабдување со вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот