Градот ќе изработува стратегија „Визија нула – Визија за Скопје без жртви“

Загаден воздух / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во годинешниот Буџет на Град Скопје 600 000 денари ќе бидат наменети за изработка на Стратешки документ за безбедност во сообраќајот – Визија нула – Визија за Скопје без жртви. Ова е еден од амандманите кои градскиот Совет ги прифати на последната седница одржана на крајот на декември, поднесен од Зелен хуман град по иницијатива на здружението „На точак“.

Велосипедистите ова го доживуваат како мала, но значајна победа, со оглед на фактот дека „На точак“ три години по ред, како што објаснуваат, испраќале свои предлози до Советот за буџетот за идната година, но во 2019 година не им било одговорено, а во 2020 година им бил прифатен еден од 9, за поставување пет бројачи за велосипеди, но тоа не било реализирано.

– Во 2021 дадовме 11 предлози за буџетот за 2022 година од кои ни беше повторно прифатен само еден – Издвојување на 600 000 денари за изработка на Стратешки документ за безбедност во сообраќајот – Визија нула – Визија за Скопје без жртви (Vision zero) по примерот на многу светски градови и држави. Град Скопје ќе треба или да го изработи или да го нарача овој документ од надворешни стручни лица и потоа неговите заклучоци да ги имплементира во секој проект и одлука. Во изработката ќе треба да соработуваат и други институции. Но ќе мора да се вклучи и јавноста во процесот, стручни лица, активисти, преживеани жртви од сообраќајни судири – информираат од „На точак“ и тврдат дека годинава нема да го остават случајот и ќе се погрижат оваа ставка од буџетот да биде реализирана!

Покрај овој, Советот прифати уште неколку амандмани поднесени од советниците на Зелен хуман град, дел од нив во име на други организации. Во годинешниот буџет се издвоени 900 000 денари за проектот „Деца на улица“ и 760 000 денари за Стратегија и акциски план за унапредување на правата и добростојбата на децата, и двата се предлози на Првата детска мабасада „Меѓаши“, како и 1 600 000 денари за компостирање на органски отпад, иницијатива на „МаМаОргана“. За хипер-мрежа на сензори за мерење и локациско мапирање на аерозагадувањето, предлог на Зелен хуман град, чија цел е да се утврди од каде доаѓа загадувањето, предвидени се 700 000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот