Градот да стане град

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Треба меланхолично, со наведната глава да се запати човек по улиците на нашиот мрачен град. Тоа треба да го направи едно утро, кога над градот небото е оловно, а стаклата на прозорите се зеленотемни и заматени, па сосема неизбежно ќе добие впечаток дека сè тука е безнадежно потонато во просечност и бесперспективност. Треба да се посетат оние приградски фавели каде што е валкано и усмрдено, па оттаму да се стигне до центарот на градот каде што сè е кичерајски сјајно, вештачко и еклетистички грдо, па дури потоа човек, сосема сигурно, интензивно ќе почувствува искрено гадење од лажната и перверзна капиталистичка „приказна“ за животот во „најдобриот од сите можни светови“, ќе ја почувствува колективната морална и естетска катаклизма и ќе ја разбере длабочината на антиинтелектуалната и антиморалната бездна во која е пропаднат градот и неговите жители.

Треба да се посетат и луксузните ресторани низ самиот град и неговата околина, каде што се готват разни специјалитети од „националната кујна“. Тука ќе се види како се испоседнати разноразни локални политички функционери, директори на јавни претпријатија, ситни приватни сопственици и мноштво маскирани, машки и женски, проститутки што се надеваат дека ќе извлечат некаква полза од главешините. Некои, од тукашните „дами“, ја имаат и плитката надеж дека, ако имаат доволно среќа, ќе стигнат и до „успешен“ брак со некој глупав политичар или бизнисмен. Тука ќе се види и како, неуко и фалбаџиски, се шепоти и брбори за историјата, уметноста, спортот, политиката и перверзниот разврат… Тука најдобро може да се разбере сета беда и површност на филозофијата на паланката, сета морална дисторзија, сета провинцијалност и интелектуална испразнетост, сето медиокритетство на нашата градската политичка и интелектуална „елита“. Овие прогласени и самопрогласени екселенции и возвишени господа, ја разбираат историјата како трач, филозофијата како досетка, а ги читаат обраќањата на „големите лидери“ и ги коментираат политичките состојби како да се работи за секојдневно подготвување ручек. Притоа, со неподнослива леснотија плукаат и го деградираат сè она околу нив што е умно, патриотско, напредно и трудољубиво. Тука, во разните градски кафеани и ресторани, може да се види сета бесмисла на нашата општествена реакционерна, антимакедонска и профашистичка, политичка сцена, сета апсурдност на парламентаризмот, сета нефункционалност на трибалистичката државно-административна поставеност, сета „демократска“ лакрдија за правда и правичност.

Треба да се дојде тука, пред некои од такаименуваните „избори“, за да се погледнат партиските дувла од неморал, митинзите соѕидани од празно блебетење и демагогија, да се видат прелажаните граѓани и глупавите малограѓани како избираат власт и дури тогаш можеби некој ќе може да разбере зошто и како се случува саморуинирањето на еден град. Треба да се дојде во оваа наша зафрлена и заборавена паланка, која, сè уште, се наоѓа некаде меѓу градот и селото и меѓу минатото и иднината, за да се почувствуваат нејзиниот конзервативизам, фолклоризам, снобизам, суеверна средновековна религиозност, митологизам, инфантилизам, завидливост, пизма за ближниот и соседот… Само така денес може да се сфати како, многу често, станува бесмислен и безуспешен секој обид да се урне тукашниот парохијален поредокот заснован на ситносопственичкиот дух на мнозинството малограѓани населени во морално засмрдената паланка. За да исчезне таа идеологија, за да го снема тој воспоставен „ред на нештата“, тој мора докрај да ја исцрпи сета своја историска енергија. Во тоа исчезнување и уништување на ретроградниот ситносопственички дух, најмногу треба да помогне ангажманот на припадниците на вистинската градска интелигенција. Секако, доколку такви, сè уште, има останато во нашиот нискообразован град.

Се разбира, во некоја „светла иднина“, наспроти таа малограѓанско-профитерска идеологија на нашата темносива паланка, треба да се започне со изградба на систем што ќе го вреднува трудот на поединецот, кој ќе востанови социјална етика во која „успешни“, славни и вредни за награди ќе бидат некомпромитираните, чесните, трудољубивите… Систем на социјална селекција во која доблесните и способните ќе бидат еталон за идните генерации, а не како досега, „светлата на рефлекторите“ да бидат свртени кон црвениот тепих на кој парадираат „славните“ криминалци, измамници, тепачи, „навивачи“, бескарактерни додворувачи на градските политичари и буржуи… Систем што ќе ја поништи постојната, веќе со децении присутната, морално рахитична, некритична и анархична атмосфера, во која страшното, мрачно, сурово градско подземје севезден мрмори гнасотилаци, мами, подметнува, поткупува и корумпира. Систем што ќе ги пеплоса оние алчни буржуи кои не само што урбанистички го уништуваат градот поради нивниот профит, туку поради тој профит газат и преку живи луѓе. Систем што ќе ги маргинализира оние малограѓански угурсузи што го презираат и мразат вистинско знаење, вистинската вредност, вистинската традиција. Систем што ќе ги отстрани од јавниот живот оние политичари кои во сојуз со малограѓаните и забрадени црномантијашки проповедници ги стигматизираат како еретици и вештерки најдобрите и најчесните свои жители. Систем што ќе ја оддува доминантната атмосфера во која единствено реална вредност имаат само парите и оргијастичкиот неморал, а тотално обесценети се убавината, достоинството на духот, срцето, трудот, знаењето и значењето. За градот да станe Град!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот